Кампања на РСБСП: И јас и ти - сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!

Од денеска Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со МВР и Факултетот за безбедност од Скопје започна кампања за подобрување на безбедноста на најранливата категорија учесници во сообраќајот - пешаците, под мотото „И јас и ти - сите сме пешаци! Безбедноста на прво место!". Оваа кампања ќе се реализира неколку месеци при што ќе бидат опфатени голем број градови.

Секој човек во различни ситуации избира некакво превозно средство за да стигне до посакуванaтa дестинација, но во одреден момент секој е пешак, велат од Советот и нагласуваат дека пешаците се најмасовна и најранлива категорија учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана.

„Има повеќе причини зошто пешаците страдаат во сообраќајни незгоди. Според анализите на РСБСП, но и од светските искуства, најчести причини заради кои пешаците страдаат во сообраќајни незгоди се:
• непочитување на сообраќајните правила и прописи од нивна страна,
• поминување улица надвор од пешачки премин,
• претрчување преку улица,
• преминување на црвен пешачки семафор,
• движење во услови на намалена видливост (дожд и магла),
• преминување помеѓу две коловозни ленти,
• преминување помеѓу возила во движење,
• користење мобилен телефон или слушалки,
• непотребно и долго задржување на коловозот (особено карактеристично кај повозрасните пешаци),

• погрешна проценка на брзината и растојанието на возилата што им доаѓаат во пресрет,
• движење во алкохолизирана состојба или под дејство на опојни средства,
• невнимателно движење на паркинзи и сл.

Пешаците треба да имаат предвид дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи, како и за сите други учесници во сообраќајот. Доколку истите не се почитуваат, може да дојде до сообраќајни незгоди со несакани последици и по возачите и по пешаците.

Пешаците најчесто страдаат во сообраќајни незгоди во услови на намалена видливост (магла), во раните утрински и во доцните вечерни часови, на неосветлени коловози или на неосветлени пешачки премини.

Зголемената брзина на движење на возилата ја зголемува веројатноста пешакот да биде удрен од автомобил, како и да претрпи посериозни повреди.

Пешаците најчесто се жртви во сообраќајни незгоди во урбани средини, на места каде што нема пешачки премини и на неосветлени места, односно ноќе.
РСБСП препорачува пешаците да користат батерија или рефлектирачка облека (пр. рефлектирачко елече или други рефлектирачки додатоци) кога се движат ноќе или во услови на намалена видливост, да преминуваат коловоз на означени пешачки премини, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да го прифатат пешачењето како алтернативна форма на сообраќај“, велат од РСБСП.

Советот ги потсетува возачите дека нивна обврска е да ја намалат брзината и да бидат подготвени да застанат секогаш кога се доближуваат кон пешачки премин, да ги прoпуштат пешаците на пешачкиот премин, никогаш да не претекнуваат возило кое застанало на пешачки премин, да бидат посебно внимателни кога возат наназад во близина на пешаци, што никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право на првенство на минување.

Непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од страна на пешаците и возачите е причина за предизвикување на сообраќајни незгоди. РСБСП апелира:

„Безбедноста и на пешаците и на возачите е заедничка грижа. Покажи и ти дека се грижиш. И јас и ти - сите сме пешаци! Заедно да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот!“, порачува Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата.

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе