Форин полиси

Како Трамп го загуби Балканот

Трамповата дипломатија на замижување создаде опасно расплетување во целиот регион, вели Едвард П. Џозеф за Форин полиси.

Фото: ЕПА

На Балканот гласот на една суперсила значи многу. Кавалерските зборови на американскиот државен секретар Џејмс Бејкер во јуни 1991 година - „Ние немаме куче во таа борба“ – придонесоа во насилниот распад на Југославија. Слична динамика се случува и денес.

Економската агенда на замижување на администрацијата на Трамп придонесе за нагло влошување на односите по завршувањето на војните во регионот пред две децении. Администрацијата се фали дека претседателот Доналд Трамп постигнал „пресврт во сценариото“ на Балканот со својот фокус на економијата и презирот кон политичките ангажмани - и тој навистина постигна. Не помалку од шест претежно мирни земји - Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија и Северна Македонија - сега доживуваат опасно ниво на меѓуетничка токсичност, сето тоа во мандатот на администрацијата на Трамп.

Во последниот илустративен пример, високи американски претставници овој месец не сакајќи охрабрија еден сојузник на НАТО, Бугарија, да се закани со воена интервенција против друг, Северна Македонија. На 6 октомври, министерот за одбрана на САД, Марк Еспер, се состана со својот бугарски колега, Красимир Каракачанов, жесток националист со долга историја на бомбастични напади против соседна Македонија. Минатиот месец, поради ескалираниот притисок од неговата влада, Каракачанов ја повтори заканата на Софија дека ќе ги блокира долго одложуваните преговори на Скопје за членство во Европската Унија - столб во трансатлантската стратегија за стабилизирање на Балканот.

Наместо да го притискаат Каракачанов за неговите провокации и да бараат воздржаност, според транскриптот на самото Министерство за одбрана на САД, бугарскиот министер во Вашингтон бил налеван со виски и со пофалби, додека официјалните лица преговарале за 10-годишниот „план за одбранбена соработка“ и продажба на осум ловци Ф-16. Без никаков знак на загриженост поради бугарските диктатури, Еспер му салутираше на Каракачанов, кој му возврати со салутирање до Трамп. Добродушноста во Вашингтон беше проследена со посета на Бугарија на 20 октомври од висок службеник на Стејт департментот Р. Кларк Купер, кој недвосмислено изрази „благодарност од Соединетите Држави кон Бугарија за нејзината посветеност кон Алијансата“.

Два дена подоцна, Каракачанов го шокираше регионот со отворено заканување дека ќе испрати бугарски трупи во Северна Македонија. Ултиматумот го заокружи тврдењето на Каракачанов дека Скопје му се заканува на „територијалниот интегритет на Бугарија“, што подразбира дека Софија има casus belli (повод за војна). Администрацијата на Трамп не само што не испрати значаен сигнал пред овој испад, туку Соединетите Држави и потоа не кажаа многу. Остана на македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, да изрече пригодна, достоинствена опомена: „Бугарија е членка на НАТО, и ние сме членка на НАТО, и ова не е начинот на кој членките на алијансата комуницираат или треба да комуницираат.”

Молкот на Соединетите Држави е неоправдан. Многумина истакнати Бугари го нападнаа малтретирањето на Македонците од страна на својата влада во врска со идентитетските спорови, истакнувајќи дека тоа ќе ѝ наштети на самата Бугарија. Имено, Софија минатата недела го блокираше македонскиот влез во Фронтекс, европската агенција за управување на границите, ослабувајќи ја можноста на Скопје да ја запре илегалната миграција и да го проверува транснационалниот криминал на границата што ја дели со Бугарија. Софија е изолирана во рамките на ЕУ, која забранува - но не може да спречи - земјите-членки да увезуваат билатерални спорови во рамката за преговори со ЕУ. Непокајничкото тврдење на Каракачанов дека бугарските сили ќе бидат „топло пречекани“ од Македонците само ја влоши аферата.

Американската продажба на Ф-16 во Бугарија не е оправдување за молкот на Еспер или на неговите колеги во Стејт департментот; една способна администрација може да му продаде Ф-16 на еден сојузник од НАТО (Бугарија) без да изневери друг (Северна Македонија). Американските власти лесно можеа да го потсетат Каракачанов на неговите сопствени зборови, изречени минатиот месец пред парламентарниот комитет, во врска со тензиите меѓу Грција и Турција: „Со оглед на историјата на односите на Балканот, спорните прашања меѓу соседите треба да се решат преку преговори и дијалог, а не преку употреба на закани и воена сила“.

Како и во Бугарија, кратковидната дипломатија на Трамп наметна уште еден опасен конус од молк, овој пат над Србија. На мошне фалената средба во Овалната канцеларија меѓу Србија и Косово на 4 септември, претседателот го поздрави обврзувањето како „историски“ и „голем чекор напред“. На митинзите, Трамп инсистира дека ја заслужува Нобеловата награда за мир, имајќи предвид дека неговата иницијатива е „запирање на масовните убиства меѓу Србија и Косово“.

Всушност, хиперболата на Трамп и исклучивиот фокус на неговата администрација на економските прашања, имаше три штетни последици. Прво, договорот за „економска нормализација“ го намали притисокот врз непопустливата страна, Белград. Со учество во иницијативата на Белата куќа, автократскиот претседател на Србија, Александар Вучиќ, уште еден жесток националист, го исполира својот имиџ без притисок да му направи значителни отстапки на својот противник.

Специјалниот пратеник на Трамп за Србија и Косово, Ричард Гренел, постојано потенцираше дека Вашингтон е фокусиран на економски договори и ќе се сврти кон суштинското прашање за меѓусебно признавање (кое Вучиќ сака да го избегне) дури откако економските одредби ќе стапат во сила. За очекување, дијалогот меѓу Србија и Косово, предводен од ЕУ - кој се фокусира на трнливите политички прашања - пропадна. Ова е посебен проблем за изолираното, непризнаено Косово затоа што, под притисок на САД, тоа се откажа од правото дури и да аплицира за членство во меѓународните организации – што додаде уште повеќе контраобвинувања меѓу Белград и Приштина.

Второ, бидејќи администрацијата на Трамп е толку вложена во имиџот на успех, Белград, како и Софија, знае дека може да го промовира својот штетен бренд на национализам без страв дека ќе биде укорен од САД. Во пресметаните провокации, српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, во официјалните соопштенија постојано користеше многу навредлив епитет за албанскиот народ. Тогашниот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ упати злобна закана против Србите што помагаат во процесот предводен од ЕУ за идентификување на исчезнатите лица – недовршената работа од масовните убиства во 90-тите години на минатиот век, на кои се повика Трамп. Како некој мафијашки дон, Дачиќ заканувачки ги праша телевизиските гледачи: „Што ќе правиме со Србите што им покажуваат на Албанците каде се закопани телата?“ (Дачиќ оттогаш е назначен за претседател на парламентот.)

Додека американските официјални лица останаа неми, истрагата предизвика жестока реакција во Приштина, од владата и од опозицијата. Претседателот на парламентот на Косово, Вјоса Османи, рече дека овие забелешки се доказ дека „Србија сè уште е предводена од… геноцидни умови“ – што не личи на олабавувањето на односите што го промовираа претставниците на администрацијата на Трамп.

Конечно, бидејќи администрацијата веќе прогласи инстантен успех, замижа на српското непочитување на обврските. За неколку дена по потпишувањето во Овалната канцеларија, српските власти ја повлекоа забраната за употреба на 5Г-опрема од „недоверливи продавачи“ - еуфемизам за Хуавеи. За две недели, премиерката Ана Брнабиќ отвораше центар за иновации и развој на Хуавеи во Белград, пофалувајќи ја компанијата како „еден од нашите најголеми и најдобри партнери“ во „дигиталната трансформација на нашата економија“, во 5Г и пошироко. Во меѓувреме, Кина продолжува да ги проширува своите односи со Србија, европското „сидро“ на Пекинг. Министерот за одбрана Вулин неодамна присуствуваше на вежба со боева муниција на неодамна набавените кинески беспилотни летала, истакнувајќи дека Пекинг ја пренел здружената технологија во Србија.

Вучиќ овој месец му вети на рускиот амбасадор во Србија дека гасоводот ќе биде готов оваа година, во екот на други проекти во енергетската сфера, спротивно на заложбата на Белата куќа за диверзификација на снабдувањето со енергија далеку од Русија. Откако доби понижувачки прекор за неговата сервилност во Белата куќа, Вучиќ беше натеран да изрецитира сервилен список на ветувања до Кремљ, вклучително и дека Србија никогаш нема да влезе во НАТО, никогаш нема да го смени ставот за бомбардирањето на Србија во 1999 година од страна на НАТО, никогаш нема да воведе санкции кон Русија и дека ќе продолжи со пријателската, роднинска и независна политика кон Русија и покрај критиките од ЕУ. Вучиќ штотуку го започна правниот процес за отворање мисија на руското Министерство за одбрана во Белград, продлабочувајќи ги воените односи со Москва.

Големото изненадување од договарањата на администрацијата - вклучувањето на Израел - може да ги приближи Израелците до Албанците и Србите - но не и Србите и Албанците поблизу едни до други. Преокупиран со сопствените тешки односи, Израел нема амбиција и способност да поттикнува помирување меѓу страните.

Сумирано, по самопофалбите на Трамп за „големиот чекор напред“ се случи распад на односите меѓу Србија и Косово. Нема знаци дека дипломатијата на администрацијата сторила нешто за да ги спречи растечките, повеќеслојни односи на Србија со Кина или нејзината долгогодишна зависност од Русија. Навистина, Москва и Белград се воодушевени од резултатите на изборите во Црна Гора на крајот на август, кои ги донесоа проруските, просрпските и анти-НАТО силите до неверојатна изборна победа.

Администрацијата уште еднаш беше фатена неспремна со нејзиното акцентирање на „трговската дипломатија“ за сметка на внимателноста кон субверзијата од Москва и Белград. Официјалните лица во голема мера го игнорираа извештајот на Стејт департментот во јуни, повикувајќи се на стравувањата на аналитичарите и црногорската влада од „координирана кампања за дезинформација, пропаганда и провокација, од кои некои доаѓаат од трети земји, со цел разгорување на етнонационалистичките поделби и предизвикување конфликт преку протестите“.

Со хибридна дезинформациска кампања, која некои аналитичари ја споредуваат со руското мешање во изборите во САД во 2016 година, српските и руските актери силно влијаеја на наративите за предизборна и засилена поларизација на црногорското гласачко тело. Додека српските ботови ги инфицираа социјалните медиуми со лажни вести, руските медиуми ја промовираа крстоносната војна на Српската православна црква против новиот закон на црногорската влада за верски имот. Кога српските православни свештеници одбија да се придржуваат до ограничувањата поради ковид-19, Москва екстравагантно застана зад свештениците, тврдејќи дека постои антихристијанска дискриминација. Во текот на повеќемесечната кампања, администрацијата на Трамп беше презадоволна од себе, не успевајќи да го спречи мешањето од Србија и Русија.

По изборите, триумфалните српски националисти во Црна Гора беа насочени кон Бошњаците (босански муслимани), бидејќи се појавија графити што го славеа геноцидот во Сребреница. Во рамките на самата соседна Босна, меѓуетничките односи ја продолжуваат својата надолна траекторија. Свесен за незаинтересираноста на САД, водачот на босанските Срби, Милорад Додик, клиент и на Москва и на Белград, ја зајакна својата закана дека ќе спроведе отцепување на српскиот ентитет. Додик не доби опомена за своето провокативно тврдење дека по признавањето на Косово ќе бара признавање и на Република Српска.

Со оглед на тоа што земјите од Балканот се соочуваат со криза на иселување, бидејќи нивните граѓани продолжуваат да бегаат во потрага по подобри можности, сега не е време за миописко славење на економијата, игнорирајќи ги политичките тензии што се закануваат да отворат конфликт. Меѓуетничките судири се смртна казна за економските реформи, странските инвестиции и создавањето работни места. Како што заклучи германскиот истражувачки центар „Бертелсман Стифтунг“ во една неодамнешна студија, „На крајот на краиштата, економијата може да даде само дел од одговорот за тоа како да се унапреди регионалната интеграција, нормализацијата на односите и пристапувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ“. Дури и одредбата за „мини-Шенген“ во економскиот договор на Трамп - која има цел да ги намали бариерите за забрзување на движењето на луѓе, стоки, услуги и капитал - носи компликации. Помалите земји со голем трговски дефицит како Косово се загрижени дека тој ќе ја запечати доминацијата на значително поголемата економија на Србија.

ЕУ штотуку издвои 9 милијарди евра за развој, модернизација и поврзување на економиите на Југоисточна Европа. Работата на Вашингтон не е да ја надмине ЕУ во дејства и финансии со дречливи, некоординирани проекти што може да завршат со трошење на парите на даночните обврзници. Клучната американска улога е да обезбеди постојан глас на авторитет, принцип и будност, осигурувајќи дека ниту Брисел ниту главните градови на Балканот како Софија и Белград не се оддалечуваат од тешката задача за решавање на политичките спорови во регионот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе

Јас, Ангела Илиевска , учесник во повеќе протестни движења низ годините наназад, со себе го носам товарот на мојата личност и идеалите кои ги застапувам низ сите тие движења.

повеќе

Германија не го негира своетo фашистичко минато, ниту дека ја окупирала Франција, па следствено, не се ни менувани ни учебниците во обете земји, ниту се бришани делови од споменични натписи.

повеќе