Кој вели кај нас не се заработува?

Измамник шара низ Македонија, „организира“ семинари, конференции, туристички тури и... заработува

„Цветко“, „Роберт“, „Дејан“, „Павел“... се претставува како менаџер, како вработен во мобилна компанија и секогаш итно треба да организира некаков настан за кој му требаат туристички водичи, преведувачи, хотели, сценски работници, фотографи, уметници, играорци, издавачи, таксисти, папагали, превозници... Соработниците ги ангажира преку телефон, некои од нив треба итно да му дадат на таксистот од 12.000 до 20.000 денари, па до вечер треба сѐ да се расчисти, кога на местото на настанот доаѓаат сите освен Цветко, Роберт, Дејан, кој и да е овој македонски шампион во измамата. Сите други остануваат со прстот во уста. Филм!

Шемата е горе-долу иста. Ама инвентивноста на Цветко е завидна. Приказната секогаш е поинаква. Еден режисер, милион сценарија. Сите измамени со кои разговаравме велат дека се работи за човек со неверојатни говорни и преговарачки способности, кој успева брзо и лесно по телефон да собере десетина луѓе што треба до вечер да завршат итна работа (туристичка тура, семинар, приредба, конференција...), а некои од нив секогаш треба некому во плик да му дадат од 12 до 20 илјади денари. Никогаш повеќе. До 20 илјади денари.

Пример број 1:

Ми се јави извесен Павел Марковски, кој го користеше бројот 071 610 150 и се обиде ептен итно да ме ангажира за устен превод за полски во Струмица. Само, затоа што е итна работата, требаше да оставам 19.500 денари во еден пет-шоп дуќан, каде што сопственикот требаше да ги земе парите за некакви папагали за снимање видеоспот. А Павел во Струмица во кеш уште веднаш ќе ми ги врател парите. Цело време напнуваше и со јавувања и со пораки на вибер. Во пакет со мене Павел проба да изигра и двајца академски сликари од Скопје, кои требаше да ме возат, а тие демек биле ангажирани за работилници со деца... Цел филм.

Пример број 2:

Ми се јави извесен Дејан. Сакал да ме ангажира за консекутивно толкување, за студенти од Албанија, на семинар за „Дресура на кучиња“. Во рутинските прашања, каде се одвива, колку време ќе треба превод... добивав чудни одговори. „Ќе ве бара дресерот Ристе, па со него заедно ќе патувате за Охрид“. Така и се случи, но по пат Ристе требаше да остави 200 евра на бензинска, па во моментот немаше толку, па остави 100 евра на некој што Дејан кажал дека треба да ги остави за некоја работа, па во Охрид ќе ги врател парите. Стигнавме во Охрид. Го барам Дејан. „Доаѓам за 40 минути“, вели. Нѐ побара човекот кај кого требаше наводно да бидеме сместени, сопственикот на една вила во Охрид. На Дејан му се јави и сопственикот, одговорот беше: „На ручек сум со луѓе, доаѓам“. Чекавме уште 2 часа, почнаа првите сомневања бидејќи никој од нас не го знаеше лично Дејан. Се појави и еден студент, кој исто така беше ограбен со изговор да му остави плик со 50 евра на таксист од автобуска станица. На пликот пишувало - за превод албански-турски. Така на крај на исто место се најдовме петмина што треба да бидат на „семинар“. А не постоеше ниту семинар, ниту Дејан. Пријавив во струшката полиција, од таму добив одговор дека слична измама веќе се случила пред некое време, за некаков семинар во хотел Дрим. Станува збор за организирана група на измамници, ми рече полицијата.

Пример број 3:

Ми се јави некој Роберт Тозија. Вели за денеска (четврток) попладне морал да организира настан, ќе му треба и дворот од мојот хотел, ќе треба столови, ќе се мести и сцена, ќе има играорци, сите соби да бидат на располагање... Почнавме преговори. Рече дека ќе дојде и фотограф на кого треба да му дадам 20.000 денари за огномет, а тој вечер кога ќе се видиме ќе ми ги врател парите. Ми стана сомнително, настан за еден мобилен оператор, а пари во кеш. Ангажирано било и културно-уметничкото друштво во Битола... Се јавив кај претседателот на КУД му реков дека нешто ми е сомнително, се јавив и кај мобилниот оператор и ми одговорија дека не знаат за никаков настан во мојот хотел. Ми се јави камионџија што веќе ја носел сцената за да ме праша за точната локација. Дојде таксист со фотографот. Ги предупредив, а таксистот ми рече дека веќе има 20.000 денари во плик, кои треба да ги однесе на автобуска. Дојдов до инспекторот од Битола, кој ми рече дека негов колега од Струга веќе води таков случај.

Пример бр. 4:

Ми се јави Цветко. Филмаџии од Охрид итно треба да одат во хотел „Радика“ во Маврово каде што треба да им се организира некаква туристичка тура. Како познат водич за тој крај прифатив. Се договоривме за цена. Превоз организиран. Ме зеде шофер, ама Цветко ми се јавува и ми вели дека треба да поминеме од една пет-шоп продавница каде што треба да се платат 200 евра за некои папагали за снимање на некаков спот. Побарав продавачот на папагалите да ми се потпише, тој не сакаше, па по долги натегања со Цветко, попуштив. Помина уште еден човек, кој ги зеде папагалите, а ние тргнавме за Маврово. Пред хотелот „Радика“ среќавам колега од Охрид. Што тука? Еве по работа. Ти? И јас. Со кого? Едни филмаџии. И јас... Двајцата во истиот момент сфаќаме дека сме измамени. Отидов во полиција да пријавам. Ми велат за толку ситна измама, за сума од само 200 евра, не „палат кола“. Потоа од колегите дознав дека и тие биле на сличен начин измамени, со семинар за нови техники за печатење, на кој дошле голем број издавачи пред хотел Дрим во Струга... Струшката полиција веќе води истрага.

Има уште примери. Овојпат до тука. Од МВР велат дека случајот им е познат.

А.Д.

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе