Македонија во оган, се бараат пожарникари од Србија и Бугарија

Изгоре пола држава, кој да му каже на пожарот да не гори ноќе оти опремата ни е „денска“?

На државата ѝ недостигаат пожарникари, ѝ недостига опрема за нив, и пожарникарски возила, ни недостигаат и строги закони за казни за подметнатите пожари, ама и свест за тоа дека не треба да фрламе цигари кај ќе ни текне. Ни недостигаат и канадери, всушност ги имаме, но нема кој да ги сервисира, и тоа цели две години. Ни недостигаат и хеликоптери за гаснење на пожарите од небо, односно и нив ги има АРМ, но функционираат само дење. За ноќе немаат техничка можност. И МВР има еден хеликоптер за пожар, а тој па нема опрема.

Нови државата не набавила. Значи сѐ што имаме се несервисираните канадери на ДЗС, трите хеликоптери на АРМ што се функционални само дење и оној едниот на МВР за кој нема опрема.

Ама пожарот не прашува, тој нема ниту адреса на движење, ниту компас, ниту локација каде ќе делува. А уште ако на огнот му се придружи и ветер, како што беше вчера, пламените јазици стануваат уште посилни и буквално голтаат сѐ пред себе.

Вчерашните пожари, кои беснееја и кои буквално ги голтаа шумите, а не ги поштедија ни куќите, ни покажаа дека со оган нема играње и дека природата ни враќа. Ни покажаа дека една искра од запалена цигара, дека некултурата на фрлање стакла, на трупање депонии... ќе ни се удри од нос и дека за жал ќе настрадаат и многу невини граѓани, куќи, дрвја...

Се чини дека кај нас времето за опремување на пожарникарите, како и за друга опрема за гаснење големи пожари, застанало. Ние како секогаш да си мислиме дека нам не може да ни се случат големи пожари, како оние во Турција. Но ете, ни се случуваат, ама повеќе од очигледно е дека не сме спремни. Пред очи ни горат планините, кои буквално се нашите бели дробови, ни горат куќи во кои семејствата го вложиле речиси целиот живот, и сето ова за миг. И што прават надлежните? Само повторуваат дека немаме пожарникари, дека немаме возила за гаснење пожар, дека не ни се сервисирани канадерите, дека имаме хеликоптери, ама па тие не летале ноќе. А кој да му каже на пожарот дека е ноќ и дека треба да нѐ поштеди бидејќи ние како држава немаме со што да му се спротивставиме.

Територијалната противпожарна единица на град Скопје Вчера само на територијата на Скопје од 13 до 18 часот имаше 16 интервенции, а со овие пожари се справуваа вкупно 35 пожарникари. Се расипале и 4 противпожарни возила.

Вчера пожари имаше на многу места, а десетина беа надвор од контрола. Топлото време, сувата трева и силниот топол ветар што дуваше вчера му одеа во прилог на огнот. Но на шумите и граѓаните во прилог треба да им одат Противпожарната бригада, па локалната самоуправа, па ДЗС, па ЦУК и АРМ... Но ноќта донесе проблеми бидејќи нема со што да се гасне пожар кога е темно. Кој па да им каже на пожарите дека нам опремата ни е „денска“?

Вчера екипата на МКД.мк беше на пожарот во Долно Лисиче, кој беше доста голем. Вчерашниот ден, за жал, донесе и многу поголеми и пострашни пожари во Кочани, а гореше и во Куманово, Прилеп, Штип...

Во Долно Лисиче пожарна немаше еден час бидејќи најблиску до ова место и на располагање биле пожарникарите од село Љубанци. Време изгубиле бидејќи по пат застанале да наполнат вода за да може, нели, подготвени да стасаат онаму каде што беа повикани. На лице место среде огромни пламени јазици стасаа четворица пожарникари. Беа брзи, многу брзи, посветени, синхронизирани, ама неопремени. По тенки маички со куси ракави, обични панталони и обувки, со незаштитени глави, влегоа во огнот.

Еден го контролираше млазот на вода, друг цревата, а само двајца влегоа во огнот. Глетката беше неверојатна, четворица луѓе без опрема треба да ја завршат работата за најмалку 20, и тоа буквално така „голи“ и неопремени, свесни дека можат да добијат изгореници, да вдишат чад, да се повредат... Гледајќи ги од страна ви се чини дека снимаат сцена од филм и дека ако нешто им се случи, тука има цела екипа за да им помогне. Ама нема ништо од тоа, нема ниту помош, ниту лекари... Но пожарникарите очигледно не мислат на повредите, ниту на тоа што ќе им се случи. Гледајќи го стравот во очите на мештаните, кои ги молат да го изгаснат пожарот за да не им ги голтне куќите, несебично влегуваат онаму каде што е најопасно, а се качија и високо на покрив.

Ќе види ли некој некогаш дека овие луѓе заслужуваат да добијат многу пософистицирана и позаштитна облека, онаа што е неопходна во вакви ситуации, бидејќи не одат на седенка во кафуле, туку во оган и чад на температури од над 40 степени.

И нив дома ги чекаат семејства, кои не знаат ниту каде се, ниту дали ќе се повредат од огнот, а на места се за да спасат животи, куќи, шуми, паркови, цркви, згради, автомобили и сѐ што огнот зафатил... Ама не се борат само со оган, туку помагаат и во сообраќајки, ако некој се заглавил во лифт, ако стои на работ на зграда...

Противпожарната бригада, бидејќи нема луѓе, вчера од дома ги вадеше и пожарникарите што не беа на работа. На готовс беа сите, но пак се малку. Очигледно е дека на противпожарната единица треба да ѝ се посвети многу поголемо внимание, бидејќи пожарите што ни се случуваат периодов ни покажуваат дека овие луѓе, опремата, возилата... ни се клучна алатка за спас.

Фото: Роберт Атанасовски

Важни се и воздухопловните канадери, наречени „ер трактор“, кои од небо треба да помагаат во гаснењето на пожарите, но тие веќе втора година не се во функција. Едни од најефикасните оружја во борбата против пожарите во време кога нашата земја се соочува со пеколни горештини, а и со пожари, наместо да гасат оган, чекаат тендер, оти нема кој да ги сервисира. Додека се чека тендерската постапка, овие корисни летала онаму каде што има оган ги заменуваат хеликоптери на АРМ. Ама па тие немаат техничка можност да летаат ноќе.

Најдолга е ноќта за оние граѓани чии куќи вчера во Кочани беа најблиску до големиот пожар. На терен вчера беа и премиерот Зоран Заев, министерот Венко Филипче, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов... за да кажат дека откако ќе помине ноќта, ќе може хеликоптерите да гаснат.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, во изјава за МКД.мк пред неколку дена рече дека трите канадери што имаат капацитет да наполнат повеќе од 3 тони вода се во надлежност на ДЗС, но нема фирма што е овластена за да им направи сервис и да може тие да се вивнат и да бидат во функција тогаш кога најмногу се потребни.

„Моментално не ни се сервисирани, односно уште од лани не се сервисирани. За нив нема направено сервис ни во 2021 година. Во процедура сме, ги имаме покането операторите да учествуваат и наредната недела треба да имаме средба со нив. Мислам дека до крајот на следната недела треба да избереме оператор што ќе ги сервисира. Сите три „ер трактори“ се приземјени и не смее да се лета со нив додека не се заврши сервисирањето. Последен пат се употребени во 2019 година, и тоа многу малку, бидејќи во таа година немаше толку голем интензитет на пожари. Оваа година можеби два до три пати ќе требаше да ги употребиме. Ова е многу скапа инвестиција и не е за секој пожар“, вели директорот на ДЗС.

Но овие летала сега не се во функција за ниеден пожар. Ги имаме, ама исто како да ги немаме. И МВР има хеликоптер за пожари, ама па тој нема опрема.

Состојбата со пожарите е сериозна, но со сите овие факти околу оние што треба да ги гаснат пожарите се поставува прашањето колку сме ние сериозна држава, која сериозно вложува и го одржува она што го има кога е оган во прашање.

Фото: МИА

Поради зголемениот ризик од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен регионов, како и големиот број локални пожари што се активни на терен, по барање на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Владата од денеска воведе целосна забрана за движење на Водно и на Скопска Црна Гора.

Од Град Скопје ги замолуваат граѓаните доколку забележат пожар, веднаш да пријават во Противпожарната бригада на тел. 193 или во Центарот за управување со кризи, на тел. 195.

Бугарскиот претседател Румен Радев и претседателот Стево Пендаровски во телефонски разговор синоќа зборуваа за можноста Бугарија да помогне во гаснењето на пожарот во близина на тешко достапното планинско подрачје на градот Кочани, во источниот дел на нашата југозападен сосед.

За пожарите и помошта за нивно гасење разговараа и бугарскиот технички премиер Стефан Јанев и премиерот Зоран Заев.

Јанев, според соопштението од неговиот кабинет, изразил подготвеност, доколку е потребно, Бугарија да ни помогне во справувањето со катастрофата. Тој му нагласил на Заев дека во неколку дела на Бугарија нивните противпожарни служби исто така се борат со огнот и прават сѐ што е можно за да му помогнат на населението.

Пожарите што вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување. На терен се противпожарни екипи со возила и механизација, припадници на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, и граѓани што помагаат.

Откако помош во најкус можен рок најави Бугарија, хеликоптери за гасење пожари утре ќе испрати и Србија, изјави во Кочани премиерот Зоран Заев, кој синоќа телефонски разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Претседателот Вучиќ рече ќе испрати два, три или четири хеликоптери, а помош најави и бугарскиот претседател Румен Радев со кого разговараше претседателот Стево Пендаровски. Помошта е потребна не само тука во Кочани, туку и во други региони низ земјава. Имаме пожари што поради силниот ветер се шират. Таков е случајот во Македонски Брод и делот меѓу Делчево и Пехчево“, рече Заев.

И додека чекаме помош од соседите и го гледаме огнот пред очи како буквално ги голта шумите, а и дел од куќи, треба да се освестиме дека не можеме и не смееме повеќе да чекаме. Да се надеваме дека државава ќе успее со она што ѝ е на располагање и со помошта од соседите, да се справи со големите пожари, а за во иднина надлежните ќе седнат и ќе направат одговорни, конструктивни и продуктивни набавки и чекори со кои ќе се вложи почнувајќи од пожарната, па сѐ до опремата за гаснење пожар во непристапни терени.

Најчести причини за појава на пожарите е човечкиот фактор и затоа граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат забрана за движење во шуми, да не палат оган, скари и да не фрлаат догорчиња на отворено место.

За среќа, до сега нема ниту една човечка жртва од пожарите, но штетите што ги трпи државата се огромни. Во 2017 година штетата направена од пожарите е проценета на околу 31 милион евра, во 2018 година штетата е 1.100.000 евра, во 2019 година е 13.100.000, а во 2020 година, штетата е 1.300.000 евра.

За да не ѝ оставаме на случајноста, надлежните нека размислат колку помали ќе беа штетите ако се вложеше на време во нова и во сервисирање на онаа опрема што ја имаме. Сега не е време за жешка дебата околу тоа кој е надлежен, а кој не, туку е време во кое треба сите да се обидат да го спасат она што ни остана од жешките огнови, а потоа надлежните да седнат на жешка дебата и со ладни глави да донесат паметни и ефективни одлуки за решавање на долгорочните проблеми околу пожарите.

К. Додевска

Објавено

Вторник, Август 3, 2021 - 11:14

Одлуките донесени од поранешната власт, како што се докажа, беа лоши.

повеќе

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе