Ивана Арсовска од Кавадарци стана врвен амбасадор за заштита на животните во светот

Студентката Ивана Арсовска неодамна доби признание  за врвен амбасадор од Светската организација за здравје на животните (ОИЕ) во светски рамки, како член на Интернационалната ветеринарна студентска асоцијација (ИВСА), а според активностите што ги имала во изминатата студиска година. Се работи за млада кавадарчанка, која студира на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.

Антимикробната резистенција и чумата кај говедата како предизвик

Арсовска појасни за МИА дека Светската организација за здравје на животните е формирана во 1924 година и се стреми за подобрување на здравјето на животните, ветеринарното јавно здравство и благосостојбата на животните низ светот, како и транспарентност на моменталната ситуација на појава на болести што се јавуваат кај животните на глобално ниво.

„Денес ОИЕ брои 182 земји членки во својата организација и претставува најголема ветеринарна организација во светот. Од неодамна, подобрувањето на ветеринарната едукација зазема централно место во ОИЕ. ОИЕ во соработка со Интернационалната ветеринарна  студентска асоцијација (ИВСА) го реализира првиот проект за помлад амбасадор во академската 2018/2019 година. Овој проект се стреми да ги запознае и да ги доближи студентите по ветеринарна медицина со теми и предизвици застапени на глобално ниво, со кои е засегната ветеринарната професија. Во проектот учествуваат амбасадори – студенти (воедно и членови на ИВСА) речиси од секој факултет за ветеринарна медицина низ светот, сè со цел да се подигне јавната свест за здравствени проблематики на локално, но и глобално ниво, како и да се споделат новостите и информациите од ОИЕ помеѓу студентите и факултетите за ветеринарна медицина. За претходната студиска година 2018/2019 беа доделени повеќе предизвици од страна на ОИЕ, со посебно внимание кон антимикробната резистенција и чума кај говеда (rinderpest)“, ни рече таа.

И балканскиот рис во фокусот на вниманието

Добила прво место, се избирал врвен амбасадор според активностите што сите студенти ги имале во студиската 2018/2019 година и според собирање поени од страна на ОИЕ и ИВСА, таа го зазела врвот на табелата.

„Образложението е дека Ивана Арсовска, помлад амбасадор 2018/2019 (ИВСА Македонија), во своите активности вбројува одржани предавања и работилници на повеќе теми, во организација со професори, асистенти и студенти од ФВМ-С: пристап на трихинелоза преку концептот „Едно здравје“. Работев и околу чумата кај говедата, првата болест кај животни што е целосно отстранета во светот. Се активирав и околу антимикробната резистенција кај миленици, еден од предизвиците со кои (ќе) се соочува човештвото во иднина. Им посветив внимание и на загрозените видови, како балканскиот рис, во соработка со ИДСБ (Истражувачко друштво на студенти биолози), ДРЕН (Здружение на студенти од Шумарски факултет) и поддржано од Македонско еколошко друштво (МЕД). Во моето си-ви се опфатени и заложбите за подигнување на свеста за туберкулозата, која претставува зооноза, односно болест што се пренесува од животни на луѓе и е една од најстарите болести што може да го загрози животот, како на животните така и на луѓето. Тука се и напорите за подигнување на свеста за африканска свинска чума и потенцирање на важноста од биосигурносни мерки при појава на оваа болест“, информира младата кавадарчанка.

Сакам, рече, да го потенцирам моментално актуелниот концепт „Едно здравје” или познат како „OneHealth concept“ низ светот, со што се препознава важноста за грижа за здравјето на луѓето и животните, како и чистата животна средина, и ја потврдува нивната поврзаност.

Преку грижа за животните, се грижиме за луѓето и животната средина

Уште од малечка имала желба да стане доктор по ветеринарна медицина, иако до пред да се запише на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје не била запознаена ниту со половина од областите што ги опфаќа ветеринарната професија.

„При моето студирање имав можност да стекнам големо знаење и искуство од области на ветеринарната медицина, додека со особено внимание им се посветив на благосостојбата на животните, заразните болести и дивите животни. Преку грижа за животните, ние се грижиме за луѓето и животната средина. Кај ветеринарите, љубовта кон животните не е доволна, мора да се има љубов кон човештвото. И разбирање. Желба за промени на подобро. Нам, на нашето општество, ни е потребна едукација за животинскиот, но и растителниот свет што нè опкружува. Да се почитува секој жив организам, да се негува и заштитува, единствено на овој начин, заеднички би можеле да постигнеме многу. За крај, би препорачала да ги вакцинирате вашите миленици, навремено да ги стерилизирате или кастрирате, доколку не сте подготвени за нови членови во вашиот дом. Бидете одговорен сопственик“, порача Арсовска.

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

повеќе

Сега, кога нашата држава ја предводат анационални лидери, кога супериорната бугарска власт смрди од агресивен национализам, ќе биде тешко да се изгради цврсто пријателство.

повеќе

Иако Буџетот 2020 е популистички, сепак со цврстите ставови за отфрлање на субвенциите за возила и за промена на даночната политика на СДСМ, како и во идејата за понатамошно отворање на Министерството за финансии се наѕира дека Ангеловска знае што прави.

повеќе