Малите етнички заедници во Македонија (14)

ИВЗ, институција што ги дели муслиманите на Албанци и други

Состојбите во Исламската верска заедница никако да се смират. Нема слога, туку раздор во институцијата која треба ги обедини сите муслимани и да придонесе за целокупниот меѓуверски дијалог во земјава.

Во прилог на меѓуверскиот дијалог секако не оди ни изјавата од реис улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, дека Македонците се див народ. Реџепи ова го изјавува за време на церемонијата на поставувањето на камен темелникот на џамијата во скопското село Арнакија која се одржала на 14 март.

„Не ни пречи да градат цркви, но никогаш нема да молчиме кога нѐ попречуваат во градењето на џамиите, кога не се одобрува нивната изградба, оваа работа нема да ја дозволиме никогаш. Никогаш нема да молчиме. Се надеваме со Господ напред дека ќе дојдат подобри времиња. Ние имаме народ и места секаде. Во село Лажец, Битолско, повеќе од 100 години немаат џамија. Замислете вие со каков див народ живееме. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот, не се освестува“, кажа во говорот поглаварот на ИВЗ.

Од Исламската верска заедница тврдеа дека изјавата му е извадена од контекст и дека Сулејман Реџепи, кога кажал дека „овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет“ не споменал генерално „Македонци“, туку  мислел на жителите на селото Лажец, што е помалку нејасно со оглед на тоа што реисот јасно нагласува дека станува збор за идентитет, а кога се зборува за идентитет тогаш тој може да се однесува само на народ, а не на мештани на некое село.

Сулејман Реџепи

Но, за реисот Реџепи и начинот на кој што функционира ИВЗ, не реагираат само Македонците. Сѐ повеќе негодувања доаѓаат и од самите муслимани од помалите етнички заедници кои тврдат дека односот на ИВЗ кон сите етнички заедници не е ни малку еднаков.

Ова е особено чудно ако се знае дека исламот учи дека човештвото има заедничко потекло и поради тоа треба да има нераскинливи врски помеѓу луѓето. Исламот во тој поглед не допушта каков било вид на национализам кој би го делел народот. Национализмот, според исламот е грев односно „харам“.

Уште пред неколку години Реџепи во текст објавен во весникот „Лајм“ под наслов „Раѓањето на ин витро нацијата" вели дека Македонците-муслимани се ин витро нација, измислена од сатанските активности на ВМРО-ДПМНЕ.

Во текстот Реџепи тврди дека освен јазикот, ништо друго заедничко немаат припадниците на торбешката заедница „со славомакедонците или со античките Македонци“. Тој вели дека кај Торбешите често во посета одат „мисионери вмровци“ со цел да ги убедат да се изјаснуваат поинаку отколку што се чувствуваат. За таа цел, тие нудат работа во администрацијата во замена за нивниот идентитет „Македонци-муслимани“, напиша тогаш Реџепи.

Пратеничката Нола Исмајловска Старова се потсетува на ова негова колумна и тврди дека ИВЗ одамна не ја врши улогата која ја има и наместо верска заедница, се однесува како политички субјект.

Според мене ИВЗ се однесува како политички субјект, а не, како верска заедница на сите припадници на исламот. Реисот неколку пати имал непринципиелни и навредливи изјави, со кои не верувам дека се согласуваат Албанците. Во 2014 имаше колумна, објавена и на официјалната страница на ИВЗ во која напиша дека Македонците муслимани се ин витро нација, резултат на сатански активности на ВМРО-ДПМНЕ. Сега актуелна е и изјавата дека Македонците се див народ без идентитет“, вели Исмајловска Старова.

Дека односот на ИВЗ не е праведен кон помалите етнички заедници тврди и пратеникот Зеќир Рамчиловиќ.

Должноста на Исламската верска заедница е да ги застапува интересите и да работи за потребите на сите муслимани, но и да биде ефективна во поглед на градењето и унапредувањето на мултиетничкото општество. Бошњаците ја чувствуваат ИВЗ како свој предводник од верски аспект, но не се задоволни од тоа како таа функционира досега“, вели Рамчиловиќ.

Според него премногу е мала застапеноста на Бошњаците во ова верска организација

Воопшто не сум задоволен од застапеноста и статусот на Бошњаците, скоро да нема Бошњаци кои работат во ИВЗ. Друг проблем е што во ИВЗ службени јазици се македонскиот, албанскиот и турскиот јазик, иако пред осамостојувањето и босанскиот јазик беше во официјална употреба. Ова особено е важно за одредени формалности кои доаѓаат директно и се наменети за граѓаните Бошњаци. Дефинитивно ИВЗ треба да претрпи одредени промени“, истакнува Рамчиловиќ.

Забелешки за функционирањето на ИВЗ има и од некои имами.

Имамот Џевдет Зејнели пред извесен период на својот Фејсбук профил јавно ќе изрази негодување за начинот на кој функционира ИВЗ и најави дека за кратко време ќе бидат преземени мерки против, како што вели, антиромската политика која се случува во џамиите.

Хадисот вели дека муслиман на муслиманот му е брат, очигледно дека некои не сакаат да го практикуваат оваа. Во источниот дел на Северна Македонија над 90 проценти од верниците кои ги посетуваат џамиите се Роми и тоа во големите градови како што се Штип, Кочани, Виница, Радовиш. Ниту еден посетител од овие 90 проценти не се ценети таму каде што треба да бидат ценети, дури некои не ги ни ценат за муслимани. Ова така не може да продолжи. За кратко време ќе бидете информирани што ќе се презема против оваа антиромска политика што се случува во џамиите во источниот дел од земјата“ , изјави преку својот фејсбук-профил имамот Џевдет Зејнели.

Енес Ибрахим, претседателот на партијата за Движење на Турците (ТХП) вели дека муслиманите без разлика на етничката припадност ја имаат изгубено довербата во ИВЗ, односно во нејзиното раководство.

Мнозинството муслимани во Северна Македонија без разлика на нивната етничка припадност ја изгубија довербата во Исламската верска заедница, односно во раководството и функционирањето на ИВЗ. Особено кога се работи за транспарентноста, повеќе од јасно е дека ИВЗ не функционира и не работи отворено. Затоа и довербата е изгубена. Организациската поставеност на верските службеници не одговара на застапеноста. Што се однесува до турскиот јазик, за жал турскиот јазик не се употребува доволно“, вели Енес Ибрахим.

За разлика од сите овие ставови, од ИВЗ тврдaт дека од распадот на Југославија, па сѐ до ден денеска тие се оние кои го чуваат традиционалниот ислам на овие простори од радикализирање и штетни влијанија кои доаѓаат од Блискиот исток и со тоа се едни од најзаслужните за верската толеранција на овие простори.

Сепак, очигледна е исклученоста на помалите етнички заедници, муслимани, од секојдневното функционирање на ИВЗ, со што само се зголемува недовербата кон оваа верска заедница.

М.М

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе