По маста од гуска

И во магарешкото млеко, за 3.000 денари по литар, граѓаните гледаат лек за ковид-19

Во време на ковид-19, граѓаните освен во лекови, спас бараат и во домашните производи. Актуелно е магарешкото млеко, кое може да се најде по социјалните мрежи и за кое производителите тврдат дека е еколошки чист производ. Цената на млекото, кое се произведува, меѓу другите места, и во општината Градско, е 3.000 денари за литар, а граѓаните го користат како лек за сува кашлица предизвикана од ковид-19, грип, настинки, но и за зајакнување на имунитетот.

Млекото го добивате во пластична амбалажа, на која нема никаква налепница, ниту препораки, ниту тип на производ... Препораката што ја добивате е дека нема потреба ниту да се вари бидејќи „нема никакви бактерии, ниту штетни материи". Во период од две години нашиот соговорник, кој е производител на такво млеко, вели дека е пријавен, но анализа на млеко направил само еднаш и „сѐ беше во ред". Тој смета дека нема потреба од повторни, ниту дополнителни анализи и додава дека продава лек за имунитет, но и со лековити својства за кашлица предизвикана од ковид-19.

„Млекото од магарица луѓето го купуваат за сува кашлица, во период кога имаат ковид-19 или откако го прележале. Се работи за многу лековит производ, кој е еколошки чист и кој може да го пиете без да се вари. Значи и од шишето, како што ви го носиме, веднаш може да се пие, бидејќи нема никакви бактерии. Изборот дали ќе испиете еден литар или ќе купите повеќе е ваш, но и еден литар е доволен за да има подобрување. Може да го пијат мали деца и возрасни. Ова е буквално природен антибиотик и нема никаква штета, туку само е корисно", вели производител на магарешко млеко што 2 години работи со продажба.

Освен магарешкото млеко, во време на ковид-19 спас се бара и во маст од гуска, која на црниот пазар се продава по цена од околу 600 денари за 100 - 120 грама маст.

За производите што се продаваат на „црниот пазар" одговор побаравме од Агенцијата за храна и ветеринарство. Од таму ни беше одговорено дека во регистрите на одобрени објекти за производство, обработка и манипулација со храна од животинско потекло што ги води Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) не се евидентирани оператори со храна што вршат производство и трговија со магарешко млеко и маст од гуска.

„Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, АХВ врши редовни контроли на работењето на одобрените/регистрираните оператори со храна, односно на сите што се внесени во легалниот синџир на производство и трговија, вклучително и на оние што вршат електронска продажба на своите производи. За истакнување на нутритивни и здравствени тврдења на производите, операторите со храна задолжително мора да ги исполнат условите од Правилникот за нутритивни и здравствени тврдења, кои се користат во комерцијални цели при означување на храната заради правилно информирање на потрошувачите и нивна заштита од доведување во заблуда. Здравствените тврдења со кои на потрошувачите им се сугерира дека консумирањето одреден прехранбен производ, или некој од неговите составни делови, значително влијае за подобрување на здравјето или за намалување на ризикот од развој на некоја болест, задолжително мора да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство. За да биде одобрено одредено здравствено тврдење, тоа треба да се заснова на научни докази, научна истражувачка работа, клиничка студија, публикувани научни трудови и слично", се вели во одговорот од АХВ.

Од таму апелираат до граѓаните да бидат самосвесни и одговорни потрошувачи, да не наседнуваат на непроверени и непотврдени информации за продажба на храна и додатоци во исхраната преку социјалните мрежи и преку веб-платформи на нерегистрирани/неодобрени оператори, бидејќи производите може да бидат и небезбедни, без оглед дали се работи за производи од домашно производство или од увоз.

„Доколку постојат производители на посочените производи, упатуваме апел да го легализираат производството, односно да се регистрираат како оператори со храна од животинско потекло, со што и животните што ги одгледуваат ќе бидат ставени во системот на здравствена заштита на животните. Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на додатоците во храната, потрошувачите може да ја пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство", дополнуваат од АХВ.

Фото: Социјални мрежи 

К.Д.

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе