И покрај многубројните заложби, родовата еднаквост останува само на зборови

Дискриминација, семејно насилство, шовинизам, помало учество на пазарот на труд, помали можности за напредок во кариерата, политиката и во општеството, како и пониска плата за иста работа се дел од проблемите со кои се соочува жената денес и покрај постојаните заложби нештата да се променат, работите и состојбите да се подобрат.

Експертите велат, за да се надминат проблемите потребно е да се разбијат стереотипите, да се работи на зајакнување на самодовербата кај девојчињата, но и на економско јакнење на жената. Потребни се и родови сензитивни политики, родови квоти, но и мерки кои државата би ги презела со цел да и го олесни патот на жената за да се избори за местото кое и припаѓа.

Никица Мојсовска Блажевски, главен извршен директор на организацијата Македонија 2025 за МИА вели дека родовите разлики на пазарот на труд се се уште високи. Само половина (55,5 отсто) од жените на работоспособна возраст (15-64 години) се активни на пазарот на труд, што значи дека половина од жените воопшто не придонесуваат кон економијата ниту пак бараат работа. За разлика од нив, 76,7 отсто од работоспособните мажи се вклучени на пазарот на труд. Ова се податоци од третиот квартал на 2019 година.

Јазот е голем и во однос на вработеноста: само 44,6 отсто од работоспособните жени се вработени, што е многу понизок процент од мажите (64,7 отсто) или пак од жените во ЕУ (66,5 отсто во 2018).  Многу помалку жени почнуваат бизнис во однос на мажите, 6,6 наспроти 14 отсто соодветно. Некои пресметки покажуваат дека македонското општество трпи голема загуба заради големиот родов јаз во активноста, вработеноста и претприемништвото (околу 16 отсто  од БДП). И она што е можне важно да се спомне, вели таа, е дека жените во Македонија имаат во просек подобро образование од мажите, така што образованието не е фактор кој би ја објаснил неповолната положба на жените на пазарот на труд.

„Согласно официјалните податоци, неактивноста на жените е најчесто поврзана со обврските на жените во грижа околу домот и околу членовите на семејството, поврзано со се уште традиционалната улога на жената во семејството. Дополнителни проблеми се и недостапноста на институции за грижа за мали деца (градинки) и за грижа на возрасни лица. Оттука, голем товар паѓа на жените, а институциите не им пружаат доволна поддршка. Исто така, многу мал дел од работните места нудат можност за флексибилност во смисла на работни часови, работа од дома итн. Искуството од земјите членки на ЕУ покажува дека активноста и вработеноста на жените е поголема во оние држави како има поголема можност за работа со скратено работно време“, вели Мојсовска Блажевски.

Во однос на тоа што ги лимитира можностите на жените да напредуваат на повисоките менаџерски позиции, таа смета дека постојат пречки во општеството за напредок на жените во кариерата, но исто така честопати и недостиг на амбиција на жените.

„Голема пречка е културата, стереотипите  за улогата на жената, како и за способноста на жената. Образованието, уште од млада возраст, развива стереотипи за улогата на родовите и ги обесхрабрува девојчињата да имаат големи сништа и планови за кариерата (се промовира нивната традиционална улога, во рамки на семејството). Треба да се сменат и некои закони, пример за породилно отсуство“, потенцира таа.

Дороти Пачкова, од невладината Една може, за МИА истакнува дека сите субјекти во државата кои работат со прашања поврзани со родови политики, се свесни дека ЕУ наложува на сите општествени конституенти, вклучително и на естаблишментот, на државните институции, на политичките партии и граѓанскиот сектор, да го стават родовото прашање како трансверзална тема, низ сите сектори на дејствување. Смета дека квотите за поголемо учество во политиката се добра работа и оти на таков начин со вклучување на повеќе жени ќе создават можности и за унапредување на нивните права во сите сфери.

„Апропо ова, политичките партии, дури и да не се подготвени за реално и ефикасно да го решаваат ова прашење, не сакам да звучи фаталистички, велам и во најлош случај, и да не се подготвени и да им е за глас повеќе, фала им за она 50-50 на изборните листи. Веројатно паметиме дека со квотите започна и присуството на жени во политики и денес еве, после квантитетот, можеме да се радуваме и да благодариме за квалитетот и разликата која жените политичарки ја прават. Најискрени препораки и кон останатите политички партии, и тие да ја искористат алатката 50-50 која е ВИН ВИН за сите нас“, вклучително и за самите партии, вели таа.

Јакнењето на жените низ призма на јавни политики, според неа, мора да се темели на политики кои нема да бидат родово слепи, како догеашниве и се основа на можности за пристап до права, ресурси и слобода.

„Ако државата овозможи сите девојки да можат да се образоваат, да можат да работат на работни позиции кои не се по дифолт „женски" работи, да имаат ексклузивно право над своите тела и идентитети, да имаат слободно време, да имаат пристап до јавните сфери и до економски добра, финансии, имоти, тогаш можеме да кажеме дека ги зајакнуваме жените.

Ова исто така се однесува и дека на жените не им припаѓа ексклузивното право на грижа за домот, за децата и за болните и стари лица во семејствата. Не дека овие обврски не чинат, туку дека треба рамномерно да бидат споделени и со мажите. Само кога ќе ги споделуваат не само обврските, туку и истите нивоа на одговорности, перцепциите и на мажите и на жените ќе се променат во насока на подобро разбирање, ќе знаат како е на местото на другиот и од ваквиот однос најголем бенефит ќе има целото општество. а најсреќни ќе се новите генерации“, вели Пачкова.

Таа потенцира дека прашање на родова еднаквост е и прашањето на самохрани родители, со оглед на фактот што над 80 отсто на глобално и над 90 отсто на национално ниво самохрани родители се всушност жени.

„Ако истите препораки ни стигнуваат 12 години по ред од страна на ЕУ, а поедини донесувачи/ки на одлуки, велат дека според нивни убедувања ние сме родова рамноправна заедница или дека нема потреба од специфични закони за еднородителски семејства во случајов, или пак дека феминизација на сиромаштија е измислен термин, како да ви кажам, едноставно не зборуваме на ист јазик. Кога не сте стручни на одредена тема, а немате ниту живо искуство, понекогаш е мудро и доблесно да слушнете што имаат да кажат оние кои тоа го проучуваат и /или живеат. Зошто јазикот на кој ние зборуваме, се темели на научни докази, факти и податоци, резултати од интернационални податоци кои детектираат глобален проблем а е посебно горешт во вакви средини како нашата земја. Воедно па, јазикот на кој ние говориме, низ сите бројки и аргументирани сублимации, е проткаен со поетиката на живото искусување на тоа што значи да се биде самохран родител во патријахална средина, што на сопствена кожа што на кожата на безбројните дојави на жени, жалби и повици за помош кој секојдневно пристигаат во Една може!“, вели Пачкова.

Во врска со тоа како се борат за надминување на овие проблеми со кои се соочува жената, таа вели дека активностите им се темелат на неколку приоритетни определувања кои пак не се секогаш во согласност со востановените форми на функционирање на општеството. Се бориме, вели таа, за ниво на општествена благосостојба за сите луѓе, посебно туркајќи благодети во рацете на оние на кои истите им требаат најмногу во тој момент, на децата, на ранливите, на послабите, на кревките, на обесправените, на неразбраните…

Стереотипите, дискриминацијата, шовинизмот и сексизмот на виделина ги исфрли и последниот случај „Јавна соба" кога во затворена интернет група беа споделувани експлицитни фотографии од девојчиња, девојки и жени. Овој случај беше и мотив Платформата за родова еднаквост во која што членува и Хелсиншкиот комитет за човекови права да организира марш за поддршка на жените жртви, што ќе се одржи денеска.

 миа

-Маршот секоја година се фокусира на одредена тема, а со оглед на огромниот степен на двојна виктимизација со која се соочуват жртвите на родово базирано насилство во земјава, паролата „Ти не си виновна" во нашиот контекст е повеќе од потребна. Фокусот оваа година е на скандалот „Јавна соба", групата на Телеграм каде стотици девојчиња и жени беа жртви на оналјн родово базирано насилство, кое во јавноста не беше јасно адресирано така. Овој случај, за жал, повторно нè потсети дека институциите, јавноста и медиумите не се запознаени со родово базираното насилство од овој тип, а вината секако падна врз грбот на жртвите. На осмомартовскиот марш ќе бараме правда за сите жени жртви на насилство, институции кои се секогаш на страната на жртвата и јасно залагање за родова еднаквост од страна на државата која како потписничка на Истанбулската конвенција има обврска за спречување и борба против родово базирано насилство, вели за МИА Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во државава.

Според неа, тоа што политичките партии го користат родовото прашање во своите предизборни кампањи, и најавуваат родови квоти 50-50, од една страна можеби служи за добивање политички поени, но од друга страна тоа сепак дава некаква основа за понатамошен развој.

-Ова особено што претставува и добра можност да ги потсетуваме и повикуваме на предвидените реформи од своите програми. И покрај тоа што е неспорно дека во изминативе неколку години има бројни позитивни поместувања во однос на ова прашање, допрва треба да следат бројни реформи за унапредување на правата на жените, вели таа.

 

Еманципацијата на жените, според неа, оди рака под рака со едукацијата, креирање на еднакви можности за сите и секако разнишување на традиционалните родови норми (во кои нема простор за еманципираната жена ниту пак за мажот кој е феминист). Женската сексуалност, вели, е крајно табуизирана и сè додека тоа е случајот жената ќе претставува сексуален објект, а не субјект со свој израз, желби и потреби. Брзо решение, според неа, нема, но родовата еднаквост како вредност мора да е императив во воспитувањето и образованието.

Во 2019 година само во Хелсиншкиот комитет се има обратено 31 жртва на родово базирано и семејно насилство, но оттаму се свесни дека реалната бројка на жртви на насилство не соодветствува со бројот на пријавени случаи односно дека е многу поголема.

-Од нашата досегашна работа можеме да констатираме дека непријавувањето на насилство од страна на жртвите е резултат на нивната недоволна информираност, како и односот на надлежните институции кон жртвите кој е најчесто обесхрабрувачки. Во однос на случаите на дискриминација, во изминатата година имавме неколку случаи кои се однесуваат на различни основи и во повеќе различни области, почнувајќи од наставни учебници со родови стереотипи, ограничен пристап до здравствени услуги, сексуално вознемирување на работно место, дискриминирачки спортски наградни фондови, …, вели Пировска.

Дел од случаите кои ги иницираше Хелсиншкиот комитет, вели таа, во 2019 имаа правна разврска и покрај тоа што веќе подолго време немаме формирана Комисијата за заштита од дискриминација.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе