Неискористување на енергијата и материјата од отпадот

И покрај големиот потенцијал, Македонија не произведува алтернативни горива од отпад, туку ги увезува

Незастапеноста на процесите на реупотреба, рециклирање, компостирање и согорувањето на отпадот со искористување на енергијата укажува на непрепознавање на отпадот како ресурс и неискористување на енергијата и материјата што ги носи во себе. Преработено алтернативно гориво од комунален отпад RDF (РДФ) користи цементарница УСЈЕ, но го увезува од Италија. Во земјава 100 % од комуналниот отпад завршува на депонии, контролирани и неконтролирани.

Во она во што некои гледаат ѓубре, ние гледаме алтернативно гориво. Вака Наташа Бакреска, одговорна за животна средина и алтернативни горива во цементарница УСЈЕ, накусо ни го опиша системот на фабриката за намалување на употребата на фосилни горива.

Специјалната опрема за употреба на алтернативни горива во процесот на производство е инсталирана минатата година со дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање и тие веќе се дел од производството.

Засега, на алтернативните горива отпаѓаат 5% од вкупната употреба на енергенси во производствениот процес на УСЈЕ“, вели Бакреска.

Наместо спалување на оризовите лушпи, кои на земјоделците најчесто им прават најмногу проблеми, тие се користат како алтернативно гориво.

Вообичаено, оризовата арпа земјоделците ја палат по бербата на оризот, со што создаваат сериозни негативни влијанија врз животната средина, па со тоа што ја преземаме и ја користиме како алтернативно гориво, покрај другото, се решава и тој сериозен еколошки проблем“, смета Бакеска.

Покрај оризова арпа, тие за производство користат и RDF(РДФ), односно преработено алтернативно гориво, кое го увезуваат бидејќи во земјава нема компанија што ги преработува остатоците од отпад што може да се користат како алтернативно гориво (фракции од отпад од кои се отстранети остатоците од хартија, метал, стакло и дрво).

Согласно со А интегрираната еколошка дозвола УСЈЕ може да користи максимум 10% замена за основното гориво со РДФ гориво.

Цементарниците како технологија на работа се најсоодветни за користење на отпадот како алтернативно гориво поради високите температури на производство.

Употребата на алтернативните горива во УСЈЕ се одвива во целосно затворен процес, а високите температури во печките (до 2.0000С температура на гасовите во печка) овозможуваат целосно согорување и инкорпорирање во производот – клинкер, без никакви остатоци“, велат од компанијата.

Колку РДФ се увезува во земјава и кој го контролира

УСЈЕ преработеното алтернативно гориво РДФ го увезува од Италија. Во Царинската управа прашавме колку вкупно ваков вид отпад се увезува во земјава, од кои земји потекнува и за што се користи. Од таму добивме одговор:

Според евиденцијата од нашиот информатички систем за 2018 година увезени се 999,4 тони друг отпад со различни земји на потекло“, велат од Царина.

Орган што врши контролата на тоа дали овој отпад, кој се користи како алтернативно гориво, е безбеден и не е штетен и по здравјето на луѓето и за околината е Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од секторот за управување со отпад при Министерството наведуваат дека увозот на РДФ е уреден со Законот за управување со отпад, Законот за ратификација на Базелската конвенција и Правилникот за увоз, извоз и транзит на отпад. Од таму гарантираат дека:

Увозот на отпад во Република Северна Македонија заради отстранување (депонирање, како единствена постапка за отстранување на отпад во земјава) е забранет со овој закон. Исто така забрането е увоз на отпад заради складирање. Дозволен е увоз на отпад исклучиво за преработка или за користење како алтернативно гориво.“

Комуналниот отпад во земјава 100% се депонира

Според податок од документ за отпад изработен од Министерството за животна средина скоро целиот собран комунален отпад се отстранува на депонии. По него следува отстранувањето отпад на неконтролирани депонии. Во 2016 година 76,61% од комуналниот отпад биле отстранети на контролирани депонии, додека на неконтролирани депонии 23,39% од комуналниот отпад.

Процесите на компостирање, реупотреба, рециклирање на комуналниот отпад, како и согорување на отпадот со искористување на енергијата скоро и да не се застапени во земјава. Незастапеноста на процесите на реупотреба, рециклирање, компостирањето и согорувањето на отпадот со искористување на енергија укажува на непрепознавање на отпадот како ресурс и неискористување на енергијата и материјата што ги носи во себе отпадот“, се наведува во документот за отпад.

Начинот на кој се управува со отпадот во земјава има големо влијание на животната средина, економијата, здравјето и благосостојбата на луѓето. Отстранувањето на отпадот на депонии укажува на загадување на животната средина и на губење на природните ресурси, се наведува во оценката за состојбите во земјава во документот на МЖСПП.

Европски искуства и маки

Таргетот што си го постави Европската Унија за рециклирање на ѓубрето што го произведуваат нејзините 500 милиони граѓани е 70 од комуналниот отпад и 80 отсто од отпадот од пакување до 2030 година.

Ако сакаме да се натпреваруваме, мораме да извлечеме максимум од нашите ресурси, а тоа значи да ги рециклираме за продуктивна употреба, а не да ги закопаме на депонијата како отпад", смета Јанез Поточник, комесар за животна средина на ЕУ.

Но извештај објавен од страна на Европската комисија на крајот на минатата година открива дека некои земји од Европа не можат да го достигнат ниту таргетот за 2020 година - рециклирање на 50 отсто од комуналниот отпад.

„Најлоши“ рециклирачи се Малта, Романија, Грција и Кипар, кои во 2016 година заедно рециклирале помалку од 20% од нивниот вкупен отпад. Заедно со уште 10 земји тие се означени како ризични за постигнување на целта зацртана во Европската Унија. Препораките за овие земји од Комисијата се: поефективна селекција на отпадот што ќе гарантира повисок квалитет на рециклирањето, проширување на одговорностите на производителите, воведување на данок за фрлање на отпад на депонија и за согорување.

Марија Севриева

Фото: Роберт Атанасовски

(Со овој текст, МКД.мк се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје)

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе