Во потрага по надлежните

И Мавровското Езеро се загадува, никој не реагира (ФОТО)

Никој не е надлежен за квалитетот на водата на Мавровското Езеро. Ни комуналното претпријатие, ни општината, ниту пак концесионерот, а од Министерството за животна средина молчат. Мештаните се сомневаат дека отпадните води на повеќе угостителски објекти, хотели, одморалишта одат директно во езерото.

 

Сопствениците на викендиците покрај Мавровското Езеро годинава првпат забележаа една огромна дамка, пена по површината на езерото, која во зависност од брановите и струењата на водата се движи по површината и не се губи. Така е со месеци.

Жителите од селото Маврово велат дека ова е резултат на повеќегодишната негрижа на сопствениците на хотелите и рестораните покрај езерото, чии отпадни води одат директно во езерото. И оние хотели кои имаат пречистителни станици ретко кога ги вклучуваат, велат мавровци.

За ова прво ги прашавме одговорните во Јавното претпријатие за комунални дејности Маврово. Тие велат дека не се надлежни.

За ова прашање ќе се обратите во општината. Ние не одржуваме и сѐ уште не наплаќаме за канализација. Планирано е по реализација на планираниот проект за канализациска мрежа со прочистителна станица во Маврови Анови за почеток, а потоа и секаде околу езерото да ни го предатат на одржување и тогаш ние ќе бидеме надлежни. Сега надлежна е општината со инспекцискиот надзор, затоа ние немаме информации“, велат од ЈПКД Маврово.

Од општината добивме сличен одговор.

До општина Маврово и Ростуше досега нема пријавено ваков проблем - за постоење на некаква „дамка“ во Мавровското Езеро. Имено и да се пријави ваков проблем општина Маврово и Ростуше нема инспектор за животна средина, ниту комунален инспектор - затоа проблемите од ваков карактер се препраќаат до државните инспекторати за соодветната проблематика.  Што се однесува до испитување на квалитетот на водата на Мавровското Езеро, општина Маврово и Ростуше нема обврска да испитува, ниту испитува квалитет на водата. Можеби за истото најпогодно би било да се обратите до сопственикот на езерото АД ЕСМ, подружница ХЕЦ „Маврово“ - Гостивар“, ни одговорија од општината.

Одиме понатаму. Прашавме и во АД ЕСМ.

АД ЕСМ е обврзан со Законот за безбедност и здравје при работа, Правилникот за безбедност на водите и Уредбата за класификација на водите да врши споредбено испитување на квалитетот на водата пред нејзино влегување во турбината и по нејзино излегување од турбината. Целта е да се провери дека електраната не ја загадува водата која ја користи при производството на електрична енергија и која потоа ја испушта, односно дека самиот производствен процес не ја загадува водата. АД ЕСМ не подлежи на друга законска обврска за испитување на водата од акумулацијата Мавровско Езеро. Прашањата кои ги поставувате за конкретните теми околу можно нерегулирано испуштање отпадни води во езерото потпаѓаат под други надлежни институции“, ни одговорија од АД Електрани на Северна Македонија.

Друга надлежна институција е која, ако не Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму нема одговор повеќе од 10 дена.

Во меѓувреме неколку канализациски цевки од објектите во селото Маврово, каде што се и повеќето хотели во овој наш зимски центар, се излеваат директно во Мавровска Река, а оттука во Мавровското Езеро. Порано пиевме вода директно од реката, сега ни е страв и рацете да ги оладиме, велат мавровци. А цевки со отпадна вода одат директно во езерото и од неколку помали хотели изградени покрај езерото.

Да не зборуваме за негрижата и загадувањето на викендашите кои во сѐ поголем број престојуваат на брегот на езерото. И така е тоа со години. Време е некој да се пријави и да каже дека е надлежен за да знаеме од кого треба да се бара одговорност.

А.Д. 

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе

За првпат во историјата на албанската демократија, една иста партија ќе биде на чело на земјата три последователни мандати. 

повеќе