Откако не доби помош на барањата за донации и поддршка

Хуманитарецот Али го продава и вториот џип БМВ Х5 за да нахрани гладни: Ќе се возам со автобус, ама детски насмевки ќе има

Февзи Али, Турчинот од Чаир што стана познат со својот хуман потег со продажбата на БМВ Х5 за да купи храна на сиромашните, објави дека одлучил да го продаде и другиот џип што го има. Во изјава за МКД.мк тој вели дека не добил поддршка и помош ниту од хумани граѓани, ниту од функционерите, па бидејќи веќе нема од каде да купува храна на оние што му бараат и кои се во сѐ поголем број, одлучил да го продаде и вториот автомобил што го има. 

„Размислив и ќе го продадам и вториот џип. За да им помогнам на другите, на оние што се гладни, јас се мачам и се борам. Ќе го дадам и другиот џип и тоа по набавната цена за околу 7.000 евра. Должам и 1.500 евра во магацин во Скопје, од каде што сум земал храна за гладни и сиромашни и сега треба да ги вратам. Или ќе купам помал автомобил или ќе се возам со автобус на ЈСП, ама не можам да дозволам да гладуваат деца“, вели Али за МКД.мк.

Продажбата на џипот е објавена на социјалните мрежи.

И во претходната објава за хуманитарецот, тој изјави дека за него детската насмевка нема цена.

Али нема деца, но како што вели, се труди да им помогне на сите што ќе му побараат помош.

„Бројот на оние што ми бараат помош секој ден е сѐ поголем. Детската насмевка за мене е најсветото нешто и кога ќе ми стасаат пораки дека некаде треба помош, а јас немам финансиска можност повеќе да помагам, ниту сонот не ми е мирен. Можеби господ ќе ме благослови со некоја добрина, па ако не на овој, тогаш на другиот свет. Што повеќе да кажам. Им благодарам на оние граѓани што финансиски учествуваа со еднократна парична помош или храна, но пари да купувам и да донирам јас како поединец веќе немам“, вели Али.

Тој додава дека со продажбата на вториот џип ќе може да храни гладни барем до Нова година, а потоа ќе се повлече, освен ако, како што вели не се случи некое чудо, па некој помогне.

Али вели дека сите оние што се без примања и кои се жртви на семејно насилство и кои му се обратиле за помош, ќе им ги препушти на институциите, кои и до сега требало да реагираат.

„Има и гладни, но има и самохрани мајки што биле или сѐ уште се жртви на семејно насилство. Тие од мене бараат помош. Ќе им ги препуштам на институциите бидејќи направив сѐ што можев“, додава хуманитарецот од Чаир.

Пред една недела преку поддршка од Зоолошката градина, чаирчанецот обезбеди 20 таблети за деца што немаат уреди за следење на настава.

Неговата мака вели е тоа што има многу сиромашни во државава, а тој е сам. Донации нема ниту на сметката што претходно на објавивме и која се наоѓа на неговата официјална фејсбук-страница „Биди Али“.

Зачуден е и од тоа како може пратениците да прифатат 100 лаптоп компјутери како донација, која Собранието неодамна ја доби, во услови кога на многу сиромашни деца им се неопходни за основното детско право, а тоа е правото на образование.

Али на крајот изразува благодарност до сите што го следат на социјалните мрежи и кои му даваат поддршка за неговата хуманост, но вели, со „Алал да ти е“ и со „Браво“ не се хранат гладните, туку треба да се помага.

„Разочарам сум што немам одговор на побараната помош и затоа ќе се повлечам. Им благодарам на сите следачи на Фејсбук што ги има во голем број и што на некој начин со тоа што ќе ја прекинам хуманоста, ќе ја разочарам нивната доверба. Но не сме секогаш моќни секаде да стасаме и да помогнеме, иако желбата моја е преголема“, дополнува тој.

Мигот што на Али му го промени живото е тоа што преживеа страшен пожар во зградата во Чаир, по што поминал две недели во болница во кома.

Ако тој ја прекине својата мисија, вели дека Македонија ќе изгуби еден од ретките хуманитарни луѓе што се решиле на ваков начин да помагаат.

Пред неколку дена Али беше и кај претседателот Стево Пендаровски, од каде што доби пофални зборови за својата хуманост.

Секој што сака да помогне со пари, производи, облека, материјали за реновирање на куќи... може да му пише на Али на фејсбук-страницата „Биди Али“, каде што е отворена и донаторска сметка, или да го побара на телефонскиот број 070330566.

К.Додевска 

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе