На денешен ден, пред 116 години загина македонскиот херој

Во последното писмо на Христо Узунов: Браќа, допуштам да сме предадени, но верувам и дека е тоа случајно

„...Само искреноста и често срдечноста ја издигнале Внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од аномалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари...“.

„Мила  мајко, јас сум првиот твој син и мој долг е да бидам покрај тебе за да не чувствуваш нужда од ништо. За твојата безгранична љубов, за илјадниците неволји и страдања, за безбројните бессони и мачни ноќи, поминати некогаш над постелата на твојот малечок, слабичок Дуле, јас ти должам најголема грижа и неизмерна синовска љубов. Но зарем можам, кога ги чувствувам болките на нашата измачена татковина, да не ѝ се предадам со љубовта на најверен син на нејзиното свето дело?

Маките на татковината се повеќе од сите страдања на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредам – се чувствувам повеќе син на мојата втора мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила.

Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не тагуваш, ниту да плачеш за мене. Ќе бидам најзадоволен ако ти со твоето држење бидеш пример за другите мајки и сопруги...“

                 (Писмо на Христо Узунов до неговата мајка, која во борбата за слобода ги изгуби мажот и двајцата синови)

Христо Узунов или Дуле Узунов  (Охрид, 22 февруари 1878–Цер, 24 април 1905) бил македонски учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ. Татко му Димитар Узунов бил долгогодишен учител и борец за независна црква, близок роднина на Григор Прличев, а неговата мајка Анастасија Узунова потекнува од стариот струшки просветителски род Чакарови… Узунов, заедно со своите двајца помали браќа Андон и Ангел (исто така дејци на Македонската револуционерна организација), бил воспитуван од мајка си во патриотски дух.

По завршувањето на основното училиште во Охрид учел во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1894-1896). Таму бил привлечен кон идеите на Македонската револуционерна организација од страна на Даме Груев. Неговиот брат Ангел во своите „Спомени“ вели: „Христо се вратил од Солун посветен и покрстен од Дамјан Груев. Тој бил примен за член на Внатрешната македонска револуционерна организација, која веќе била создадена неколку години порано. Во едно кратко писменце до нашиот братучед Кирил Прличев, Дамјан Груев го известува дека Христо е веќе `искапен во револуционерниот котел`“. По завршувањето на школувањето бил назначен за учител во Охрид.

Од 1903 година бил поставен за главен војвода на охридските револуционерни чети. Учествувал на Смилевскиот конгрес. За време на Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон. На Прилепскиот конгрес бил избран за секретар и за окружен ревизор на четите на МРО за Охридско, Струшко и Кичевско. Неговиот брат се сеќава: „...Христо беше непопустлив, и ако тогаш не ја сфаќав неговата упорност, подоцна разбрав дека тој не би можел да постапи поинаку. Тој беше строг човек, строг до педантност не само кон себе, но и кон другите... За него постоеја два вида луѓе – заколнати и верни на делото и такви што беа против него. Ја забораваше дури и блиската роднинска врска и никако не ја земаше предвид ако е од полза за делото“.

За големата посветеност на македонското дело на Христо Узунов зборува и неговата средба со селаните од селото Куратица, веднаш по трагичниот крај на Илинденското востание, на која им се обратил со зборовите: „Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ, знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене...“

По трагичниот крај на востанието Христо Узунов останал во Македонија. „... Христо и Смиле Војданов – пишува во своите спомени неговиот брат Ангел - ги посетувале заедно селата на Дебарца, го собирале оружјето од селаните и го закопувале во земјата... Христо и Смиле тргнале кон селото Смилево да го бараат Дамјан Груев. Го нашле во манастирот „Свети Петар“ заедно со Георги Сугарев и ѓаконот Евстати. По неколкудневни советувања тие решиле зачуваните чети да се вратат по каналите на Организацијата во Бугарија, четниците што немаат особени престапи да им се предадат на конзулите, а тие четворицата – Дамјан Груев, Георги Сугарев, ѓаконот Евстати и Христо Узунов со мала група четници да останат криејќи се или во Битола или во селата за да го зацврстуваат духот на народот, да го собираат оружјето и напролет повторно да излезат в шума“.

На 24 април 1905 година Христо со својата чета од Крушево заминал за Кичевско, но во кичевското село Цер четата била опколена од многуброен турски аскер со артилерија. Бидејќи немале никаква помош, борците биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. За да не им паднат живи в раце на Турците, тој и неговите 13 соборци последните куршуми ги истрелале во себе.

За смртта на брата си Ангел дознал од весниците... Подоцна, на 28 април 1905 година добил писмо од Кирил Прличев во кое му пишуваше: „Ангеле, колку и да сме прекалени и со излитени чувства, сите ние останавме потресени од грозната вест за загинувањето на нашиот драг Дуле. Со неговата смрт Организацијата почувствува една од најтешките загуби, кои во последните два-три месеци се толку огромни...“

Остана неговото потресно претсмртно писмо како сведоштво за херојската смрт на македонските јунаци.

Браќа,

Допуштам да сме предадени, но верувам и дека е тоа случајно. Ванчо излезе и беше убиен уште во 10 и три четврти раното, а исто така и четникот Јонче од Дворци (Кичееско), кој беше со Пецо.

Мојата архива е распрсната низ целото село. Им ја доверив на три жени, кои не ги познавам. Ванчо исто така ја оставил архивата кај една жена, но не ја знам. Побарајте ја, ќе ја најдете.

Причината зошто не ризикувавме да удриме утринава беше во тоа што од 7 - 8 страни ни отворија оган, па мислејќи дека се мнозина, решивме да се бориме, макар и против поголеми сили, кои што ги очекуваме да дојдат.

Уверен дека не ќе бидеме спасени, за последен пат Ви испраќам братски поздрави на сите другари и пријатели.

Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша. Тоа се Охридски пари.

Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние коишто му служат, зашто само искреноста и често срдечноста ја издигнале Внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од аномалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари...

Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата св. Организација.

Досега намерно со ништо не сум му напакостил на Делото, а ако сте забележале во мене некои грешки, бидете уверени дека тие станале против мојата волја. Молам извинување.

Молам особено да ја поздравите мојата љубезна мајка, којашто никогаш не сум ја заборавил, бидејќи таа ме направи ваков. Нека ме извини и таа дека со ништо не се зарадувала од мене...

За последен пат ќе ви повторам. Бидете искрени и пазете основните закони на Орган.устав.

Останувам со братски бакнежи.

Х.Д.У...

Давајќи ѝ го писмото на Спировица (која при земањето била ранета), ѝ подвикнал:

Последен пат збогум сестро, кажи им на другарите дека славно ќе умрам, смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи. Македонија ќе роди нови борци, ние ќе живееме во спомените ваши. Кажете им дека сме предадени.

Во 1906 година,  кога ја посетил мајката на Христо Узунов, Дамјан Груев ѝ се обратил со зборовите:

„Госпоѓа Узунова, виновен сум пред вас... Дуле заради Македонија, заради мене и своите другари остана... Судете ме... Но знајте, ќе бидам среќен да загинам како него“.

Таа му одговорила:

„Господине Груев, да даде Господ вие и неговите другари да ја видите Македонија слободна. На Дуле му се исполни желбата за татковината. Вие бидете живи и здрави“.

(Според  книгата „Спомени“ од Ангел Узунов, издание на Државниот архив на Република Македонија, Скопје 2014,  и изданието на МИ-АН Сто македонски години 1903-2003, Скопје 2004)

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе