По извршен инспекциски надзор

Хотели, кафеани и фирми директно испуштаат загадени води во Мавровско Езеро и во Радика

Голем број инспекторирани угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или во реката Радика, како на пример хотелите Радика, Бистра, Спорт, Лодге и Алпине. Помали погони, како на пример ЕуроЕдил, Новитет и Техно Блок, сите лоцирани во село Скудриње, исто така немаат елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување, се наведува во соопштението од Инспекторатот за животна средина. МКД.мк повеќе пати укажуваше на овој проблем.

Девет правни субјекти на територија на Националниот парк Маврово не поседуваат елаборат за заштита на животната средина, а голем број угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровското Езеро или реката Радика, констатирал Државниот инспекторат за животна средина откако по претставка од граѓани бил извршен интензивен надзор.

„Досега се инспектирани 18 објекти и утврдено е дека девет не поседуваат елаборат за заштита на животната средина. Голем број инспекторирани угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или во реката Радика, како на пример хотелите "Радика", "Бистра", "Спорт", "Лодге" и "Алпине". Помали погони, како на пример "ЕуроЕдил", "Новитет" и "Техно Блок", сите лоцирани во село Скудриње, исто така немаат елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување", се наведува во соопштението од Инспекторатот.

Сите субјекти кај кои се најдени неправилности, се задолжени најпрво да ја обезбедат потребната документација (одобрени елаборати за заштита на животната средина, дозволи за испуштање на вода во реципиент, проекти за изведба на пречистителни станици и слично), а потоа ќе добијат соодветни рокови за да ги применат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето.

До крајот на март, велат од Инспекторатот, ќе се изврши надзор врз сите правни субјекти и ќе се преземат мерки за корекција на неправилностите.

Инаку, МКД.мк повеќе пати пишуваше за овој проблем поткрепувајќи ги написите и со фотографии. Тогаш фотографиравме, предупредивме, пријавивме, без резултати. И тогаш жителите реагираа, а еве повторно реагираат, но и очекуваат санкции за несовесните правни лица и конечно решавање на проблемите.

 

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе