Во интервју за Фајненшл тајмс

Хан: Постапката на Макрон е навреда за годините што Комисијата ги помина во подготвување на Преспанскиот договор

Јоханес Хан сака официјални разговори за Северна Македонија и Албанија за влез во Унијата, вели еврокомесарот во интервју за Фајненшл тајмс.

Јоханес Хан се соочи со проблем кога беше назначен за комесар на Брисел надлежен за проширување на ЕУ: исполнувањето на клучната работа на неговата функција не доаѓаше предвид.

Неговиот шеф, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, јасно стави до знаење дека блокот нема да добие нови членки во негова смена. Тоа беше признавање на сè поголемите проблеми на ЕУ, откако таа скоро дупло се зголеми помеѓу 2004 и 2013 година.

Задачата на Хан беше да ги задржи нациите-аспиранти за ЕУ (главно на Балканот) на патеката кон приклучување без да може да им понуди сигурно членство. Но дури и таа цел беше напуштена откако земјите-членки на ЕУ минатиот месец не се согласија да ја одобрат неговата препорака Северна Македонија и Албанија да почнат формални разговори за пристапување.

Поради оваа одлука ЕУ беше обвинувана дека ги изневерила балканските нации и занемарила еден стратегиски и нестабилен регион - а Хан, во интервју на крајот на своите пет години во кои беше задолжен за проширувањето, јасно ја покажа својата фрустрираност од она што го смета за стратегиска грешка.

Неуспехот дојде „точно во времето кога навистина треба да ги зајакнеме нашите напори да станеме посилен глобален играч“, рече конзервативниот австриски политичар за Фајненшл тајмс. Губењето на влијанието „во еден регион толку блиску до нас, историски и географски“ ќе остави вакуум, кој ќе биде пополнет од стратегиските конкуренти на ЕУ, како Кина и Русија, рече тој.

Најболното, рече Хан, беше „фактот што ЕУ не го покажа принципот на партнерство и одговорност за кој секогаш проповедаме и на кој секогаш можевме да се потпреме“.

Францускиот претседател Емануел Макрон го спречи почнувањето на преговорите со Скопје и Тирана. Хан ја искажа фрустрацијата што Париз ги спречи преговорите со Северна Македонија, дури и откако таа постигна договор со Грција за исклучително деликатното прашање за името, вели ФТ.

Хан вели дека ова е навреда за годините што комисијата ги поминала во поставувањето на политичката рамка за договорот и дека е испратена погрешна порака до регионалните лидери.

„Процесот на пристапување е заснован на заслуги и ако не го признаеме напредокот, нема да има стимул за реформи“, рече тој.

Хан откри дека непосредно по одлуката за блокирање на пристапувањето, српскиот претседател Александар Вучиќ му рекол дека е „нејасно зошто тој, по последните случувања, треба да биде мотивиран да влезе во преговори“ со својата поранешна покраина Косово, чија независност Белград сè уште не ја признава.

Ваквите чувства се удар за ЕУ, која помина речиси една деценија обидувајќи се да посредува во разговорите меѓу Белград и Приштина.

Мајда Руге, соработник на универзитетот Џон Хопкинс, рече дека иако шансите за пристапување во блокот „во минатото тешко дека беа доволни за да се мотивираат вистински реформи, наративот за членството беше клучен за легитимирање на реформите што се остварија како резултат на притисокот или од САД или од клучните земји-членки на ЕУ“.

Руге вели дека сега ќе биде потешко за водачите на Балканот да ги оправдаат болните реформи сè додека не дојде до подобрување на овој моментум.

И покрај драматичното завршување на неговиот мандат, Хан вели дека е горд со напредокот постигнат за време на неговиот мандат во подобрувањето на врските меѓу земјите во регионот - Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија - кои сè уште се борат да ги надминат војните и промените во 90-тите години.

Тој истакна дека ЕУ од 2015 година инвестирала скоро 1 милијарда евра во регионот преку фондовите за интерконективност и рече дека меѓурегионалната трговија пораснала за 20 проценти.

Тој, исто така, го пофали планот да се укине скапиот роаминг за корисниците на мобилни телефони во регионот до 2021 година, врз основа на моделот на ЕУ.

Состаноците со лидерите на сите шест држави станаа вообичаени, рече Хан. Тој, исто така, му се весели на фактот дека лидерите на Северна Македонија, Албанија и Србија презедоа иницијатива да се заложат за укинување на нецаринските бариери за трговијата.

Вучиќ неодамна за ФТ изјави дека ќе се фокусира на подобрување на регионалните врски откако ЕУ одби да ги почне преговорите за пристапување со Скопје и Тирана, но набљудувачите се загрижени дека ќе биде спречен вистинскиот напредок без кредибилитетот на ЕУ за решавање на трнливите билатерални прашања како што е спорот меѓу Србија и Косово.

Босна и Херцеговина, која останува заглавена во стагнација и не може да формира влада повеќе од една година по изборите, исто така треба да преземе круцијални реформи. Во меѓувреме, Србија „назадува, наместо да напредува“ во усогласувањето на својата надворешна и безбедносна политика со Брисел, рече Хан, истакнувајќи дека минатиот месец Белград се приклучи на Евроазиската економска унија, економската групација предводена од Русија.

Некои експерти за балканска политика предложија на Западен Балкан да му се даде можност за поблиски врски со ЕУ дури и без приклучување - како на пример влез во единствениот пазар на блокот. Идејата би била подобро да се подготват државите за евентуалното членство.

Но Хан вели дека иако го поддржувал подлабокото ангажирање на регионот, ги отфрлил предлозите за што било што не е полноправно членство во ЕУ за сите Западен Балкан.

„Отсекогаш велев дека мојата визија е да ја подготвам секоја земја-кандидат... да биде полноправна членка од првиот ден, вклучително и учество во Шенген-областа (патување без пасоши)“, рече тој.

Бугарија и Романија се приклучија пред 12 години, но без пристап до слободната зона за патувања во блокот и под посебен механизам за мониторинг на владеењето на правото, кој тој го опишува како „неопходен, но и понижувачки“.

Хан вели дека ќе биде потребно време за да се отстрани штетата направена од неодлучноста на ЕУ за проширување на членството, но дека тој сè уште е оптимист, бидејќи огромно мнозинство држави-членки ја поддржаа препораката на комисијата за отворање преговори со Скопје и Тирана.

„Во моментов сите се збунети и парализирани, но се надевам дека што е можно поскоро ќе можеме да го надминеме тоа... Постојат многу области каде што ние како Европејци треба да оствариме напредок“.

Информацијата дека коронавирусот може да се пренесe преку допир со готовина, дополнително ги мотивираше луѓето да се ослободат од банкнотите. 

повеќе

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе