Во отворено писмо до Пендаровски и Заев

Граѓански организации бараат Армијата и полицијата да се вклучат во заштита на правото на здрава животна средина

Активирање на Армијата и на полицијата со цел, како што велат, да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно Член 43 од Уставот, и да се одржи јавниот ред и мир во општеството, согласно Член 3, Член 5 и Член 14 од Законот за полиција, бараат здружени граѓански организации и иницијативи во отвореното писмо до претседателот на државата, Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев.

„Секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на Армијата и полицијата, во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините, активно да се вклучат во следните активности:

Да се организираат секојдневни патроли на припадници на Армијата и полицијата на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè палење на отпад и диви депонии;

Да се организираат ноќни дежурства на припадници на Армијата и Полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за ЗиС на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено;

Да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект;

Да се организираат редовни патроли на припадници на Армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар“, пишува во писмото.

Од О2 Иницијативата сметаат дека Армијата и полицијата можат и мораат активно да се вклучат во заштита на своите граѓани, нивното здравје и живот, на животната средина и со своето присуство на терен да делуваат согласно законските ингеренции, со цел да се спречат вакви појави.

На писмото се потпишани Скопје Смог Аларм, О2 Иницијатива, Еко Герила, Граѓанско движење „Битола сака чист воздух“, AirCare – МојВоздух, Не биди ѓубре, Здравје пред профит, Група граѓани Визбегово, Fridays For Future Skopje, Ние сме Карпош 4 и ЕкоКарпош 3, 2, 1.

 

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе