Одмазда на локалниот моќник

Градоначалникот на Делчево во акција против бизнисмен кој го пријавил во ДКСК

Јас сум градоначалник, испразни го камионот! Вака за време на вчерашниот инцидент во Делчево викаше Горан Трајковски, градоначалник на општината. Тој вчера организирал пред влезот на приватната компанија „Автовозач ФЕР" да се истурат четири камиони со земја. Сопствениците на фирмата Коста и Дмитар Пантовиќ велат дека е ова лична одмазда на градоначалникот Трајковски за пријавата поднесена против него во Државната комисија за спречување на корупцијата.

Градоначалникот на Делчево вчера, очигледно самоволно, организираше во дворот на приватната компанија за технички преглед на возила, на влезот од главната улица да се истурат четири камиони земја за да се попречи нормалното работење на „Автовозач ФЕР“.

Сопствениците велат дека сѐ почнало кога го пријавиле градоначалникот во ДКСК, а комисијата отворила постапка за да ги истражат наодите за наводното незаконско бришење во Деталниот урбанистички план.

Вчера, после 15 часот, на влезот пред компанијата градоначалникот Трајковски сам ги координираше камионите на „Гранит“ кој каде да ја истура земјата. Членовите на семејството Пантовиќ побарале некакво решение на општината за ова, но такво нешто Трајковски не покажал. „Јас сум градоначалник, испразни ги камионите“, им наредуваше Трајковски на шоферите. Тој за време на вербалната расправија со сопствениците на фирмата одговорил: „Сега ќе видиш ти кого ќе пријавуваш!“.

Пред присутниот полицаец Трајковски само изјави: „Ова е народно земјиште. Попречена е работата на локалната самоуправа. Ова е земјиште на РСМ и има целосно право на ова земјиште. Сопственикот има забрана за влез од булеварот и нема право ова земјиште да го користри за влез“, рече Трајковски.

Кога сопственикот му побара решение, налог за ова, Трајковси замина.

„Во ДКСК го пријавивме поради злоупотреба при донесување на Деталниот урбанистички план. Тука се изградени објекти на „Гранит“ без одобрение за градба. Побаравме вонреден инспекциски преглед и отстранување на тие градби. Градоначалникот ништо не презеде. Го пријавивме во Државната комисија за спречување на корупцијата и таму е веќе оформен предмет за ова. И сега за да се одмазди, истура градежен шут на асфалтирана, уредена површина, која според ДУП-от е предвидена како паркинг простор“, вели Дмитар Пантовиќ, сопственик на компанијата.

Тој вели дека ако обвинителството и полицијата не преземат нешто по службена должност, тогаш тие ќе ги преземат сите расположливи законски мерки за да се заштитат од шерифскиот однос на градоначалникот на Делчево Горан Трајковски.

Коста и Дмитар Пантовиќ, сопствениците на „Автовозач ФЕР“, веќе и поднесоа кривична пријава против градоначалникот за злоупотреба на службена положба и овластување.

А.Д. 

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе