Koжуф

Горанчо ги повикува своите врсници да не се занимаваат со виртуелни фарми, туку да ја посетат неговата вистинска фарма

Ретки се младите луѓе, особено во земјава, што не се жалат дека немаат државна работа и лагоден живот со често пиење кафе во градските кафулиња. Младиот Горанчо Бошков е еден од малкутемина кои одлучиле да ја продолжат семејната традиција и да егзистираат од сточарство, а поголемиот дел од животот да го поминуваат во планина. Во изјава за МИА, тој ни кажа дека не се чувствува хендикепирано што не е постојано во центарот на тиквешките збиднувања.

„Со брат ми одгледуваме стотина крави во срцето на планината Кожуф, над поткожувското село Горна Бошава, на околу 1.700 метри надморска височина. Не велам дека е лесно, но и не се жалам. Нашето стадо крави е дел од нас. Со него сме и во добро и во лошо, во сите годишни времиња, кога сме радосни и кога сме тажни. Нашите крави се нашиот живот. Тие ни даваат здраво и природно, би рекол органско месо, бидејќи овде немате никакви загадувања. Од градот Кавадарци сме оддалечени педесетина километри. Благодарение на нив, ние можеме да си дозволиме да имаме еден нормален просечен живот. А и не бараме којзнае колку од судбината, задоволни сме и со малку. Затоа што среќата не ја чинат материјалните добра, туку малите нешта, како на пример оваа планинска идила тука, мирот што со пари не се купува, а голем е бројот на оние што би дале и милиони за него“, вели Бошков.

Но, дури и кога ги носи кравите на напасување, Бошков не знае да фати сенка и да се излежува, да одмора и да чека залудно да му поминува времето. Напротив, тој и тие мигови ги користи рационално, па во зависност од тоа дали е пролет, лето, есен или зима, собира лековити билки и шумски плодови наоколу. Во моментов, ако планинарите накај Кожуф, ќе го сретнете како трпеливо, внимателно и со многу љубов бере боровинки. Зрно по зрно. Со специјално изработена алатка што во Тиквешко ја нарекуваат чешел поминува по тенките гранчиња како да ги чешла, за да се издвојат темните топчести плодови и да се сместат во резервоарот на оваа специјално за тоа изработена направа, а потоа во поголема канта.

„Нема поприродни дарови од тие со кои нè дарува природата. Нема поздрава храна од таа набрана директно во дивината, таму каде што, за среќа, ретко стапнува човечка нога и ретко допира човечка рака. Таму каде што плодовите се ставаат во уста веднаш штом ќе се наберат, оти нема потреба да се мијат, таму каде што вода можеш да се напиеш од секое поточе или долче, затоа што нема опасност дека ќе му наштетиш на сопственото здравје“, ми рече овој млад човек, кој се гордее што е фармер.

Наместо скапа храна, луксузни автомобили или слични нешта со кои се фалат некои други, тој знае на интернет да сподели прекрасни фотографии од природните богатства со кои располага регионот, мамејќи воздишки.

Дека дивината сепак знае да биде и непредвидлива докажува и тоа што, како што самиот открива, неодамна се нашол на многу блиско растојание од, верувале или не, мечка на Кожуф.

„Сè се случи така одеднаш. Во таква ситуација човек нема ниту време да размислува што да прави. Никогаш претходно ми се немаше случено нешто слично, па, да бидам искрен, не ни знаев како точно да постапам. Би лажел ако кажам дека воопшто не се исплашив. Не сакам да глумам херој, имав среќа што мечката не одлучи да налета на мене. Ако сакаше да ми наштети, немаше да куртулам. Едноставно, како судбината да ме спаси. Подоцна, во разговор со други луѓе кои се бројат на прсти, а кои се движат во околината, разбрав дека најверојатно станува збор за мечка мајка, која има и две мечиња. Оваа фотографија го покажува нејзиното мечкино стапало“, ги сподели најновите доживувања за тоа како се спасил од домаќинката во планината на која тој некането ѝ отишол на гости, за благодарноста што ѕвездите му биле наклонети и не настрадал.

Навистина е пријатно да се биде во друштво на Горанчо. Како и секој млад човек, сака да разговара за филмови, музика и што ли не уште друго. Околу себе шири позитивна енергија. Духовит е и забавен, па знае да каже дека на оние со кои се запознава, им вели да не се занимаваат со виртуелни фарми на интернет, туку да ја посетат неговата реална фарма. Таму, под Кожуф, ќе можат навистина да ја почувствуваат планинската романтика, да го слушнат шепотот на ѕвездите, за кои чиниш дека можеш да ги дофатиш со рацете, да уживаш во вистинскиот звук на клопотарците обесени на вратот од кравите и во мирот, кој нуди многу поголем спокој од кој било друг лек за смирување.

МИА

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе