Нова „Јавна соба“ на социјалните мрежи

Голи фотографии и видеа на жени и девојки Ромки завршија на Фејсбук, мажите со повик: „Пратете слики од нечесните“

Голи фотографии и видеа од девојки Ромки се споделуваа деновиве преку социјалните мрежи. Страницата за која предупредија Иницијативата на жени во Шуто Оризари и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, е пријавена кај надлежните институции и за сега е недостапна. Ова е нов случај на „Јавна соба" и во групата која е направена беа споделувани експлицитни приватни фотографии и видеа на жени и девојки Ромки. Од Националната мрежа апелираат дека овој нов случај е уште една потврда дека итно е потребна измена на Кривичниот законик и дека треба да се воведе ново кривично дело „Сексуално вознемирување преку интернет".

Во коментарите кои на Ромски се напишани на Фејсбук страницата мажите пишуваат дека треба да им се пратат слики, од, како што ги нарекуваат „нечесните" и да ги објават јавно на социјалните мрежи. Од Иницијативата на жени од Шуто Оризари велат дека се згрозени од она што се прави со приватни фотографии на Ромките и дека тие не смеат да бидат жртви на нова „Јавна соба".

Страницата на која се појавувале овие експлицитни видеа и фотографии била отворена на 21 август, годинава. Девојките и жените се обезвреднуваат. На истата оваа страница на 6 октомври е упатен повик за собирање на фотографии и видеа од жени и девојки Ромки со цел нивно објавување и како што е наведено во објавата „јавно прикажување на „нечесните жени".(„Koj mangena shaj dena slike privatno te ubacina e nepostena manusen"). 

На самите објави има приватни фотографии и видеа од Ромки кои што живеат во Македонија, но и надвор од нашата држава, а на некои фотографии се видливи и нивните малолетни деца. Сите објави предизвикува лавина од вознемирувачки коментари и говор на омраза од поединци, како и повици за јавен линч со што се повредува достоинството на Ромките чии фотографии се објавени.

„Поради сето ова, ги повикуваме жените кои се директно засегнати со овие објави, како и сите останати корисници на социјалната мрежа Фејсбук да ги пријават ваквите објави најпрво користејќи ги алатките за пријава на ваков вознемирувачки материјал на Фејсбук, а потоа да ја пријават ваквата злоупотреба до надлежните институции и/или до здруженијата на граѓани. Воедно ги повикуваме институциите: Министерство за внатрешни работи,Одделот за компјутерски криминал и Дигитална форензика, Основното јавно обвинителство, Агенцијата за заштита на лични податоци,Комисијата за спречување и заштита од дискриминација...веднаш и итно да постапат по допрен глас и да ги елиминираат овие штетни практики кои имаат за цел да ги нарушат достоинството и угледот на жените Ромки. Не смееме да дозволиме да ни се повтори случајот со „Јавна соба". Како општество не смееме да го дозволиме вознемирувањето, злоупотребата на лични податоци и јавниот говор на омраза кон жените чија единствена цел е да се наруши дигнитетот и јавниот углед на жените Ромки“, велат од Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари Скопје. 

Да реагираат се повикани и многу невладини организации и граѓански здруженија. 

Во петокот е поднесено официјално барање до Министерството за внатрешни работи, Одделот за компјутерски криминал и Дигитална форензика за итно постапување и поведување детална истрага за фејсбук страната која веќе некое време објавува експлицитни слики и видеа од жени Ромки.

„Заедно со пратеничката Љатифа Шиковска имавме средба со инспекторите од Министерството за внатрешни работи задолжени за сајбер криминал. Сакаме да Ве известиме дека по поднесеното барање, Министерството за внатрешни работи понатаму ќе започе истрага за ова кривично дело. Воедно сакаме да ги повикаме жртвите чии компромитирачки слики и видеа се објавени на страницата на фејсбук, да дојдат во просториите на Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари кои се наоѓаат во амбулантата во Шуто Оризари, за да можеме пред да им понудиме поддршка, а потоа и да поднесеме кривична пријава против админот/ите на оваа Фејсбук страница“, велат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари. 

Ова не е прв ваков случај на злоупотреба на податоци на жени и девојки. Претходно се појавија уште два случаи на „Јавна соба“, а судска постапка имаше само за првата. Но, единственото кривично дело кое е во постапка е само она во кое е утврдено дека имало фотографии од малолетни девојчиња, односно за дистрибуција на детска порнографија. За полнолетните чии фотографии и податоци се злоупотребени, постапките се во тек. 

 Во претходните случаи преку „Телеграм“ беа злоупотребија податоци, се објавуваа фотографии од голи девојки, лични податоци, адреси, телефонски броеви, профили на социјалните мрежи...

 За овој голем случај, за кој сите надлежни се кренаа на нозе, а беа одржани и мирни протести со цел да се подигне свеста за ваквиот вид злоупотреби и психичко насилство врз жените, од вкупно 5.600 члена што во јануари се најдоа во групата Јавна соба, постапката во Обвинителството уште трае. 

Девојките кои беа жртви на претходните случаи на „Јавна соба“ добија и психолошка поддршка. 

 Сексуалната злоупотреба на деца на интернет остава далекусежни последици врз жртвата, која мора да живее со сознанието дека фотографиите и видеата добиени преку злоупотреба на довербата може да се шират на Интернет во секое време и да бидат достапни за секого.

Затоа, во соработка со полициите во регионот и Европол, МВР спроведе кампања чија цел е да им укажат на децата и младите на опасностите и последиците што можат да произлезат од комуникацијата со странци на интернет.

МВР во соработка со Европол и полицијата на Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, започна меѓународна кампања „Кажи не!" Според Европол, за време на епидемијата, побарувачката за снимки од сексуална злоупотреба на деца се зголемила за 25 проценти во некои земји- членки на ЕУ. За време на епидемијата, повеќето луѓе ја зголемија комуникацијата преку интернет, и како резултат на тоа, и криминалците се прилагодија на новиот начин на живот.

К. Додевска 

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе