Годините „пречка“ за остварување на правото на надоместок поради попреченост

Вкупно 23 барања за остварување на правото на надоместок за попреченост биле одбиени во 10 центри за социјална работа во државава поради условот навршени 65 години што е предвидено со Законот за социјална заштита. Народниот правобранител го смета ова законско ограничување за дискриминирачко и бара Министерството за труд и социјална политика да преземе мерки. Од МТСП велат дека ќе постапат согласно конечната одлука на Уставниот суд, кој уставноста на овој член ќе ја оценува в среда, пишува МИА.

Надоместок заради попреченост, според Законот за социјална заштита може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот.

Токму овој став, според Народниот правобранител, е ограничувачки услов за пристап и остварување на правото на надоместок заради попреченост. Оттаму велат дека истиот во себе содржи нееднаквост, односно дискриминирачка одредба кон останатите лица кои го остваруваат ова право.

„Попреченоста е состојба со која што определено лице може да се стекне и после 65 години и не смее закон со кој што се утврдува определено право, да ограничи по возраст. Тоа претставува основ за забрана за дискриминација, основ кој што го препознава и Законот за заштита и спречување од дискриминација, меѓутоа и Европскиот суд за човекови права, но и меѓународните конвенции“, велат од Народниот правобранител за МИА.

Иницијативата за измена и дополнување на Законот за социјална заштита, заедно со извештајот, Народниот правобранител ја доставува до Министерството за труд и социјална политика во октомври. Од МТСП велат дека одговориле на истата.

„Во одговорот, Министерството го информира Народниот Правобранител дека до Уставниот суд е поднесена иницијатива за оцена на уставноста на член 44 став 2 од овој закон. По однос на овие иницијативи, Уставниот суд донесе Решение за поведување на постапка за оценување на уставноста на овој член во делот: „најдоцна со 65-годишна возраст" од Законот за социјалната заштита, а до конечното одлучување го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на одредбите од Законот за социјалната заштита“, велат од МТСП.

Од движењето против хендикеп „Полио плус" ја поздравуваат иницијативата на Народниот правобранител, меѓутоа, дополнуваат дека покрај возраста, Омбудсманот треба да покрене иницијатива за измена на целата одредба, како и на системот на бенефиции со тоа што ќе се бара проширување на опфатот на лицата со хендикеп и обезбедување на овој додаток од седумгодишна возраст за децата и возрасните со хендикеп, и негово целосно усогласување со одредбите од Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп.

„Констатациите дека вака поставената одредба е дискриминирачка е согледана и од страна на Државниот завод за ревизија, каде се посочува „законските измени и ограничување на возраста за остварување на правото за попреченост до 65 години ги ограничува граѓаните да го остварат ова право кога најмногу ќе им биде потребно, односно, кога ќе западнат во подлабока старост и ќе се соочат со влошување на здравствената состојба. Наведеното доведува до намалување на бројот на корисници на додатокот за попреченост", велат од Полио Плус.

Од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност, исто така, ја поддржуваат иницијативата на Народниот правобранител. Според нив, определените права мора да бидат еднакво достапни за сите.

„На почетокот, кога беше донесена ова одредба во Законот за социјална заштита (2010 година со примена од јуни 2011 година) немаше лимит старосна граница. Меѓутоа, со донесувањето на новиот закон во 2019 година, беше ставено ова ограничување, со цел, како што велеа претставниците на Министерството, да се воведе ред и да се ограничи правото на остварување на овој надоместок за време на работоспособноста на популацијата. Ние уште тогаш реагиравме дека тоа не е исправно, бидејќи животот и активноста не престанува со одењето на луѓето во пензија, дека не е добро да се става возрасен лимит. Но, доколку веќе мора да се става некоја возрасна граница, тоа да биде најмалку 75 годишна возраст“, велат оттаму.

Извештајот на Народниот правобранител покажува дека во периодот 2020/21 година, за остварување на правото на надоместок за попреченост по основ на тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепо и потполно глуво лице, од лица на возраст од 26-65 години се поднесени вкупно 7 293 барања. Притоа од страна на надлежните центри за социјална работа, позитивно е одлучено за 7 142 барања, односно 97, 92 отсто.

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе