На МВР во Скопје му фалат инспектори за семејно насилство

Ги убедил инспекторите дека се кае што ја тепал сопругата и ветил дека нема да се повтори, па заминал дома и ја убил

Марија С. била во брак со Лука С. пет години. Тој е насилен и неколку пати ја удрил, а потоа се извинувал и ветувал дека никогаш нема да се повтори. Но насилството се повторувало, а неколку пати и пред очите на нивниот малолетен син. На 15 април лани Марија добила видливи модринки по телото од ќотекот од нејзиниот сопруг, па одлучила случајот да го пријави во МВР. Од тука, па натаму почнува нејзината тешка борба со насилниот сопруг, од кого побарала развод.

Ова е случај во кој имињата и датумот се измислени, но содржината на случката е реалност. Малтретирани, тепани, омаловажувани, некои со видливи рани по телото и лицето, некои со рани во душата. Семејното насилство е секојдневие на многу жени кај нас. Од него едни стануваат посилни и одлучуваат да се борат и да продолжат сами, а другите сокриени под превезот на срамот од развод, живеат во страв буквално плашејќи се од сенката на брачниот другар, но никогаш не се одлучуваат да го пријават.

Под облеката ги кријат модринките, гребаниците... а во многу случаи токму од овие рани почнува пеколот, кој за некој од жените знае да заврши и фатално.

Ако одлучите да пријавите дека сте жртва на семејно насилство, првите на кои ќе им го кажете својот проблем се дежурните лица на 192 во МВР.

Од таму потоа ги известуваат униформираните полицајци, кои одат на адресата што ја остава жртвата и прават процена на терен, по што известувањето стасува до инспекторите што постапуваат во случаи на семејно насилство.

Во моментов на територијата на Скопје постапуваат само 12 инспектори, кои се дел од Одделението за семејно насилство во рамките на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје.

Седум од нив се жени и 5 се мажи. Сите кривични пријави одат преку Билјана Јеремиќ, помошник-началничка во Одделението за семејно насилство, која е дел од овој тим и која со години пред тоа работела како инспектор на терен соочувајќи се со безброј случаи на семејно насилство.

Вели тимот со кој таа раководи успева да остане на висина на задачата, но сепак признава дека со оглед на обемот на случаите во кои постапуваат, потребни им се барем уште 10 инспектори.

„На тимот му требаат уште најмалку 10 инспектори. Не е само разговор со жртвата, треба да се нотира сѐ, се губи време и тука. На еден настан добро би било да имаме два тима, на пример еден тим од двајца инспектори во болница, доколку се работи за повредена жртва, и еден на лице место. Треба да се направат фотографии, да се земат изјави, бидејќи нам ни се потребни докази за да може да поднесеме кривична пријава до Обвинителството. Полицаецот на лице место е оној што укажува што затекнал и внимава жртвата да не биде повторно нападната. Потоа нас нѐ известува сменоводителот и собираме податоци за каков настан се работи, дали има потреба од здравствена заштита. Нас не известуваат за фактичката состојба на терен, по што заеднички ги разгледуваме околностите и што и е потребно на жртвата, дали да се повика Итна медицинска помош, дали да се однесе до најблиската болница или ќе ја упатат да оди сама, доколку таа е во можностт. Во тој период полициските службеници ќе го обезбедат местото и ќе извршат увид. На лице место секогаш излегува тим од двајца инспектори, обично маж и жена, има екипа што прави увид на место, се подигаат траги, се известува јавниот обвинител. Ако пријавениот е повторник, предлагаме до Обвинителството итна мерка, односно тој да биде тргнат од домот и се известува обвинителот и се укажува на сериозноста“, вели нашата соговорничка.

Барањето мерка со која на пријавениот му се забранува да се доближува до домот значи дека тој има рок од два часа да си ги земе потребните работи од дома и буквално да се исели. Но овде настануваат проблемите, бидејќи нашата држава нема место каде би го испратила пријавениот за жртвата да биде безбедна и буквално овде состојбата се влошува бидејќи гневот, лутината, агресијата стануваат поголеми со оваа мерка со која го истерувате од дома. Нашата држава нема правен механизам за рехабилитација на насилници од затворен тип, односно нема место каде сторителите по изречената мерка ќе престојуваат. 

Одлуката за ваква мерка ја носи Основниот граѓански суд, но практиката покажува дека она што ќе биде напишано како одлука на хартија е многу тешко да се контролира или спроведе бидејќи нема механизам со кој институциите би штителе жена жртва на семејно насилство 24 часа, 7 дена во неделата. Притворот се чини дека е најбезбедната мерка за да ја заштитите жртвата, но се чини дека е тоа последната мерка што се користи. Специфичен е и начинот на поднесување на кривичните пријави, односно ако пријавата се однесува на телесни повреди, тогаш жртвата е во улога на обвинител, односно практично значи дека таа ја покренува и ја повлекува кривичната пријава.

„Баравме и телесни повреди да се гонат од службена должност, но за сега тоа е одлука само на жртвата. Многу често се случува вие да покренете цел механизам за одреден случај, а на крајот пријавителката да дојде и со само една белешка да се откаже. Ако веќе е пуштена кривичната пријава, се зема службена белешка и потоа го запознаваме обвинителството, кое ги чува сите докази за случајот што претходно сме им го дале. Ако не е пуштена пријавата и се откажуваат, целиот материјал го пуштаме во форма на известување. Папката ја чува Обвинителството и добро е да се имаат овие информации од пријавителката и да се чуваат сите докази, бидејќи понекогаш она што за партнерите значи помирување, всушност е вовед во проблеми и посериозни кривични дела“, појаснува Јеремиќ.

По службена должност се гонат кривичните дела загрозување на сигурноста, присилба, тешка телесна повреда, обид за убиство при вршење семејно насилство, убиства во рамките на семејно насилство...

„Ние никогаш не можеме да знаеме како ќе заврши тоа семејно насилство. Често се случува жртвите да се откажат и под присила на членови на семејството и ние како МВР немаме правен механизам за да постапува понатаму. Рацете ни се врзани во такви случаи и најлесно е да се каже дека вината е кај нас. Ние како МВР немаме волшебно стапче, ниту правни ингеренции за да ги заштитиме сите жртви на семејно насилство, но најодговорно ви тврдам дека секогаш гледаме да ги искористиме сите можности и на секој можен начин да ја заштитиме жртвата. МВР сама по себе не може да дејствува, односно секогаш постапуваме во соработка со ЦСР и Обвинителството. За постапување во семејното насилство потребен е цел систем. Постојат и невладини организации и здруженија на граѓани и СОС линии, кои исто така им помагаат на жртвите и пријавуваат случаи сѐ со цел да им се помогне на жртвите и тука сме вмрежени. МВР постапува и по конкретни и по анонимни пријави за семејно насилство“, додава соговорничката.

Во пријавите постојат сличности, но не и во случаите. Долгогодишното искуство што нашата соговорничка го има вели дека не постојат два идентични случаи, но и дека жртвите повеќе детали споделуваат пред жените инспекторки.

„Сѐ зависи од пристапот на инспекторот, но секако подобро е да е жена кога се разговара со жртвата. Сторителот бил маж и затоа секако и е тој страв. Внимаваме во таа насока да се маж и жена на терен. Жените инспекторки успеваат да извлечат повеќе информации. Жртвите понекогаш дури и бараат мажот инспектор да излезе и да зборуваат пред жените. Обично мажите инспектори разговараат со сторителот. Порано на случаите на семејно насилство постапуваа само жени, но мажите инспектори ни се потребни за разговор со сторителите“, вели Јеремиќ.

Очигледно е дека со постојниот Закон за кривична постапка и Кривичниот закон треба многу работи да ѝ се случат на жртвата за да може да се постапи. Работата на МВР во постапувањето завршува во првите 48 часа или малку подолго сѐ додека да се документира сѐ во случајот, сѐ зависи од тоа дали е по редовна или по брза постапка. Онаму каде што постои висок ризик и се работи за потешко кривично дело, Обвинителството определува притвор.

Нашата соговорничка Јеремиќ се сеќава на случај во кој постоеле телесни повреди и разговарале со напаѓачот, кој уверливо тврдел дека насилството нема да се повтори и дека се кае за стореното. Кратко откако заминал дома со остар предмет ја убил сопругата. Линијата помеѓу насилство и убиство се чини дека е многу тенка, но како што вели нашата соговорничка, никој не може да знае што планирал или наумил другиот.

„Ниту ние, ниту кој било друг не можеме да знаеме што планира тој. Ние и самите од себе некогаш сме изненадени од своите постапки, а не пак за човек што го карактеризирате како насилник. Колку случаи и да сте сработиле, колку ликови на пријавени за насилство и да сте виделе, вие не можете да знаете што е неговиот следен чекор. Случајот што го споменав, а ми останал во сеќавање, е можеби еден од оние за кои сите долго сме размислувале. Иако насилникот, а подоцна убиец, доби затворска казна за убиство, сепак она што можеше повеќе да се направи останува како отворено прашање. Во оваа работа морате емоциите да ги тргнете на страна и колку и да е тежок настанот, вие не смеете да пуштите солза или да бидете емотивни. Жртвата во вас гледа поддршка и спас и во нејзините очи мора да бидете силен лик што има авторитет и може да ѝ помогне. Мора да имате студено лице за состојбата, но топлина, поддршка и разбирање за жртвата. Таа од вас бара да ѝ помогнете и тоа е она што ние секогаш во согласност со нашите ингеренции се трудиме да го направиме“, додава Јеремиќ.

Таа се согласува со фактот дека и нејзините колеги униформирани полицајци не се заштитени кога одат на терен и се соочуваат со насилник и додава дека не може да се постапува по рутина или по книга. Но наместо сите полициски службеници да постапуваат во сите случаи, смета дека треба да има обуки и квалификуван кадар во униформа само за случаи во семејно насилство, исто како што има и инспектори квалификувани и обучени за оваа област.

„Требаат полициски службеници што ќе бидат обучени само за семејно насилство, бидејќи не може сѐ да ни биде специјалност. Треба да има системски промени, но и во Кривичниот закон. Ако и за телесна повреда се дозволи да се гони по службена должност, тогаш сигурно дека ќе се намалат случаите на семејно насилство. Не се потпирајте на тоа дека ќе помине и нема да се повтори и не дозволувајте шлаканицата да се претвори во давење или смртоносен убод. Жените да ја следат практиката на пријавување семејно насилство, бидејќи само така ќе може да се намали оваа појава“, советува Јеремиќ.

Нејзиниот став за тоа дека треба да сме гласни пред семејното насилство го дели и Јасмина Јонуз, лиценциран психолог од Скопје, која советува да се зборува за семејното насилство.

„Дефинитивно апелирам за пријавување семејното насилство, а доколку не се чувствувате спремни, охрабрувам на барем споделување и зборување за тоа, макар со психолог, за почеток. Драги жени, вие не го заслужувате тоа и нема причина што може да го оправда насилникот. Токсично е да се живее во таква околина и може да биде поинаку. Не, тоа не е само 'нервозен' карактер и нешто што треба да го премолчите. Разбирам дека целиот тој притисок понекогаш прави да не можете да се обратите веднаш во јавните институции, но Ве охрабрувам, побарајте помош барем од блиските и од психолог, па со поддршка ќе го најдете правиот пат до излезот. Секогаш има начини, а во нашиот регион има и шелтер-центри, кои може да Ви помогнат без разлика на економската состојба. Најчесто овие жртви влегуваат во еден магичен круг во кои насилникот најпрво ги привлекува и ги изолира од околината, а потоа настанува насилството. Изолацијата е отежнувачки фактор бидејќи жртвата сѐ повеќе губи увид во тоа дека насилството не е оправдано под никоја цена и ги губи ресурсите за помош и поддршка. Охрабрете се и зборувајте за своите искуства, за почеток барем со најблиските, кои ќе ви дадат елан. Зборувајте со психолог, искористете ги ресурсите од владините и невладините организации. Побарајте помош, знам, не е лесно, но со поддршка ќе го најдете правиот пат до излезот. Не сте сами“, вели Јонуз.

Психологот додава дека се случува жртвите да дојдат на психолог кога веќе се излезени од таа околина, па бараат помош за надминување на трауматските искуства, понекогаш дури и по години од траумата.

„Дефинитивно психолошките сервиси се детабуизирани и сѐ почесто луѓето бараат помош, но за жал, бар мојот впечаток е дека ретко жените, кои претрпуваат насилство бараат помош во периодот кога им е најпотребно. Сепак, се случува жртвите да дојдат на психолог кога веќе се излезени од таа околина, па бараат помош за надминување на трауматските искуства, понекогаш дури и по години од траумата. Секако, можеби на тоа влијае и типот на сервисот и контекстот, најчесто во првиот период тие не сакаат да бараат помош во јавни установи и сакаат да останат анонимни, но има организации како што е Првиот семеен центар при Хера, каде што не е потребна документација и е бесплатно, и моите колешки активно работат на оваа проблематика, со фокус токму на оваа тема. Претпоставувам, секако со обид да не генерализирам, дека причина за тоа е што најчесто жртвите тоа го гледаат како нешто срамно или нивна кривица, што секако не е вистина“, додава Јонуз.

Жените да бидат гласни и да не го премолчуваат насилството, бидејќи шминката не ги покрива модринките и убодите од нож, советува и Верица Тимосиеска, адвокатка од Тетово.

„Според моето повеќегодишно искуство, пријавите за семејно насилство што жените ги поднесуваат преку МВР, односно преку јавниот обвинител како овластен тужител, немаат соодветна тежина и третман. Ова не е поради лошо направените закони, туку повеќе се должи на недоволната едуцираност, отсуство на чувството за емпатија, непрепознавањето на насилството во исказите на жртвите и традиционалното сфаќање на односот маж-жена од страна на надлежните во институциите што според позитивното законодавство се вклучени во системот на заштита на жртвите од семејно насилство. Законски измени во постојната регулатива ни требаат заради подигање на нивото на квалитетот на законите, иако според мое мислење генерално законите се добри. Она што ни недостига е нивно доследно и целосно имплементирање, затоа што само на тој начин жртвите од семејно насилство може да имаат бенефит и да почувствуваат дека системот ги штити, што пак ќе придонесе тие да се охрабрат да го пријавуваат насилството, за тоа како општествено зло да добие соодветен институционален третман. Казните што се дадени како законско решение не се мали, затоа што се движат од парични глоби до затворски казни, но во судовите во скоро сите пресуди се изрекуваат условни казни. Секогаш се наоѓаат олеснителни околности со кои се ублажува ефективната казна затвор, а зошто е тоа така тоа треба да одговорат судиите што ги носат пресудите“, вели Тимосиеска.

Според евиденцијата на МВР, во 2020 година извршени се вкупно 992 кривични дела од категоријата на семејно насилство. Од нив најмногу се телесна повреда, дури 594 кривични дела, потоа загрозување на сигурноста - 337 , тешка телесна повреда 31 пријава... и 4 убиства и исто толку убиства во обид.

За најтешките кривични дела убиство и убиство во обид, во 9 случаи сторителите биле мажи, и тоа во три случаи се работи за син, а само во едно убиство сторителот е жена.

Слична е состојбата и во 2019 година, кога се евидентирани 989 извршени кривични дела од делот на семејното насилство. Но во оваа година освен пријавите што се однесуваат на телесна повреда, тешка телесна повреда, загрозување на сигурноста... пријавени се 5 убиства и едно убиство во обид. Од петте убиства, во три како сторители се јавуваат мажи, односно во два случаи синови ги сториле убиствата, а во еден случај сторител е сопругот. Во две убиства сторителите се жени, односно во едното сопруга и во другото ќерка. За убиството во обид во евиденцијата на МВР во 2019 сторителот е маж, односно ѝ бил татко на жртвата.

Само во првите три месеци од 2021, односно од јануари до март, во МВР регистрирани се 254 кривични дела од делот на семејното насилство. Најголем дел повторно се телесна повреда, а регистрирано е и едно убиство во обид, во кое сопруг се обидел да ја убие сопругата.

Катерина Додевска

ФОТО: Роберт Атанасовски 

„Оваа сторија е објавена во рамките на регионалната програма "Имплементирање на норми, менување на ставови," финансирана од Европската Унија и имплементирана од UN Women".


Објавено

Четврток, Јули 8, 2021 - 10:10

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе