Писмо за заштита на културното наследство

„Фронт 21/42“ со апел до Пендаровски: Имате моќ и законска обврска да го спасите Охрид од уништување

Еколошкото здружение на граѓани,„Фронт 21/42" испрати писмо до претседателот, Стево Пендаровски поттикнати од веста дека со новиот извештај на УНЕСКО се потврдува фактот дека Охридскиот регион ги задоволува критериумите да биде впишано во Листата на светски наследства во опасност. Според нив тоа е истовремено поразителна вест, но и вест која влева надеж дека можеби ќе се спаси ова бесценето богатство.

„За извршување на меѓународнитe договори на Република Македонија се грижи Владата на Република Македонија и претседателот на Републиката. Насловот е цитат на член 23 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори. Од 28 јуни 2017, кога беше објавен Извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, до денес, власта, која не ги спроведува препораките на мисијата, свесно го крши законот, но и Уставот, кој во член 118 јасно дефинира дека: „меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон".

Од здружението додаваат дека за три и пол години се спроведоа низа на бесмислени и празни чекори; проформа се изработија и усвоија клучни документи и официјални одлуки, со цел да се „штиклира" дека нешто е направено во дадениот рок; се испратија државни извештаи до УНЕСКО кои изобилуваат со лажни информации, а истата на обиди за манипулации на нашите „херои кои во Баку го спасија Охрид" е многу долга.

„Ова е кус преглед на само мал дел од тие обиди: Неформалната парламентарна група „Пријатели на УНЕСКО", која освен што се рекламираше себе си не направи ништо, надзорната расправа за Законот за управување со Охридскиот регион и спроведување на препораките, организирана од Комисијата за култура во претходниот парламентарен состав, со бомбастични заклучоци за кои немаше никаква намера и интерес да се спроведат, општинските одлуки за мораториум, скроени да не го спречат реализирањето на планираните проекти еспроведливиот План за управување со Охридскиот регион, исто така скроен да не ги спречи планираните проекти, да не наметне одговорност, усвоен со серија на законски прекршувања, празните владини одлуки со наводни задолженија за општините и министерствата, лажните информации во извештаите до УНЕСКО за (непостоечка) работна група и тендер за изработка на анализа на алтернативна рута на пругата Коридор 8, (непостоечки) Инвентар на дивоградби на Министерството за транспорт и врски, во соработка со општините и НП Галичица, итн“, се вели во писмото на здружението на граѓани „Фронт 21/42“.



Истовремено, од таму потсетуваат дека наводната „сериозно посветена власт" продолжила со легализирањето на дивоградбите во регионот; усвои одлуки со кои се потврди реализација на планираните проекти за плажите, нови пристаништа и платформа кај Охридскиот аеродром, задкулисно се обиде да го измени новиот Закон за управување со Охридскиот регион, и да остави отворена вратата за урбаната мафија и продолжување на неефикасното управување, а откако тоа не и успеа го повлече од собраниска процедура, изготви нови планови за урбанизација на селата, мини индустриска зона, туристички комплекс Горица, нови хотели во близина на Билјанини Извори, одобри финансиски средства за нов кеј кој влегува во езерото; со серија законски прекршувања го продолжи договорот за шесте сплавови кај Св. Наум, кој флагрантно го крши Законот за заштита на природата; итн.

„Власта, очигледно, нема никаква намера, ниту пак интерес, да го зачува милиони години старото природно и културно богатство, и за тоа треба да одговара пред законот. Сакаме да веруваме дека не е се изгубено, и дека се уште постојат политички и институционални авторитети кои се грижат за нашите природни и културни богатства, а со тоа и за интересите на граѓаните и јавноста. Претседателот на државата има законска обврска да се погрижи за спроведувањето на препораките, односно спроведување на меѓународната конвенција, ратификувана уште во 1979“, се додава во писмото.

 Во таа насока барањата до претседателот Пендаровски се следни:

·       Итно да му наложи на Министерот за животна средина и просторно планирање да донесе Наредба за забрана на било каква урбана и/или крајбрежна трансформација во Охридскиот регион, вклучувајќи и било какви административни и/или други чекори за реализација на одобрените планови и проекти кои значат урбана и/или крајбрежна трансформација (како на пример плановите за урбанизација на селата, новиот кеј, марина, нови хотели во близина на Билјанини извори,туристички комплекс Горица, итн);

·       Во периодов се носи Студија за валоризација на Охридското Езеро, како еден од чекорите во неговото ре-прогласување за Споменик на природата. Како и Планот за управување со Охридскиот регион, и за овој клучен документ пресуден фактор е рокот за негово донесување (се прашуваме дали повторно целта е државата да има нешто да прикаже во новиот Извештај кој треба да го поднесе до УНЕСКО?). Сметаме дека единствениот валиден критериум за овој документ е вредноста и значењето на Охридското Езеро и во таа смисла, бараме темелна и сеопфатна стручна проценка на сите релевантни аспекти на езерото;

·       Со цел воспоставување на неопходната заштита, бараме Претседателот да му наложи на Министерот за животна средина и просторно планирање итно да ги стави Охридското Езеро, Студенчишко Блато, Студенчишки канал и Билјанини извори под привремена заштита (член 97 од Законот за заштита на природа) и, меѓу другото, да воспостави целосна забрана за улов на пастрмка и белвица, како и крајбрежна трансформација, сè додека не се изработи соодветна Студија и не се усвојат Законот и Планот за управување со Охридското Езеро;

·       Да и наложи на Владата итно да го актуализира процесот на усвојување на новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион. Имајќи предвид дека постоечкиот предлог-закон треба да претрпи одредена ревизија и нова јавна расправа (поради усвоениот План за управување), но сепак во најголем дел е готов документ, кој релативно брзо може да биде усвоен, сметаме дека ова е најсигурниот начин да се обезбеди законски обврзна и соодветна заштита на сите аспекти на светското наследство. Ова особено се однесува на воспоставување на ефективно управувачко тело за регионот, со соодветна законски регулирана одговорност и отчетност.

Секако и по таквата одлука, вистинскиот спас, ќе зависи од спремноста и способноста на власта да ја напушти праксата на манипулирање и навистина да ги спроведе предложените корективни мерки. Колку и светот да биде загрижен и посветен на зачувување на уникатното светско наследство, ако интересите на оние кои ја водат државата се од поинаква природа и нивното исполнување зад себе остава пустош – навистина ќе бидеме првата генерација, откако постои човештвото, која на своите потомци ќе им го одземе највредното.

Можеби еден ден на овие простори ќе живеат луѓе кои ќе разбираат што значи врвно светско богатство и ќе знаат како да остварат значителни економски придобивки токму преку чување и негување на неговите вредности, на потег е претседателот, кој има моќ и одговорност да спречи да им се уништи таа можност на сите идни генерации.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе