ЕУобсервер: На Западен Балкан гасне сонот за ЕУ

Нема обединета Европа сè додека на нејзината мапа има дупка во облик на Западен Балкан, вели новинарот Ернест Бунгури за ЕУобсервер.

Фото: ЕПА

Можеби е траума, но никој не може да тврди дека неодамнешното вето на Бугарија за разговорите за пристап на С Македонија во ЕУ дојде како шок.

Ова уште кон крајот на август го насетија дипломатите на државите на ЕУ што во Брисел се состанаа во работната група на Советот на ЕУ, комитетот за проширување (Коела).

Но Германија, претседателството на ЕУ во заминување, не покажа голема алармантност.

Берлин се однесуваше како неговата моќна канцеларка Ангела Меркел да ќе добие договор во последен момент, како што тоа го стори, на пример, за буџетот на ЕУ и за климатските цели.

Тоа беа важни и тешки прашања.

Но кога станува збор за политичката и психолошка комплексност, Западен Балкан е во своја сопствена лига.

Идентитетот и јазикот во регионот сè уште се користат како оружје, на истиот начин како што беа во цела Европа по Втората светска војна, кога почна проектот на ЕУ.

„Му оставивме недовршена работа на [наредното] португалско [претседателство со ЕУ]“, рече Меркел на својот самит на ЕУ на крајот од годинава, што беше големо потценување.

Да бидам искрен, ако Бугарија / С Македонија беше единствениот проблем, тоа веројатно досега ќе беше решено.

Но, всушност, Франција и другите држави на ЕУ, како Данска, Холандија и Шпанија, со години ставаат пречка по пречка на патот на проширувањето.

На хартија, процесот на пристапување во ЕУ има свои „Копенхашки критериуми“, кои им кажуваат на оние однадвор да ги решат своите проблеми пред да влезат.

Но во реалноста, проширувањето на блокот почнаа да го условуваат националните избори во ЕУ, па дури и личните амбиции на лидерите на ЕУ.

„Ајде прво да победиме на изборите против екстремните десничари / ксенофобите / евроскептиците, а потоа да се прошируваме“, сметаат политичарите на ЕУ.

„И кога сме кај тоа, ајде да пуштиме застрашувачка пропаганда за балканските баратели на азил, оцрнувајќи го нивниот имиџ за ние да изгледаме беспрекорни.“

Дел од овој менталитет ми се потврди кога побарав интервју со албанскиот премиер Еди Рама за францускиот весник „Либерасион“ уште во мај 2019 година, во екот на претседателските избори во Франција.

„Еди Рама му даде збор на [сега претседателот] Емануел Макрон дека нема да отвори уста за проширувањето сѐ до последниот ден од изборите во Франција”, ми рече тогаш член на кабинетот на Рама.

И покрај покорноста на Рама, Макрон во октомври 2019 година сепак стави вето на разговорите за пристап на С Македонија и Албанија.

И за болката да биде поголема, Макрон го стори тоа користејќи ја реториката на француската крајнодесничарка Марин Ле Пен, преправајќи се дека неколку илјади албански баратели на азил претставуваат опасност за Франција.

Франција и Европската комисија потоа во јануари излегоа со нови правила за проширување.

Тие не презедоа ништо во врска со внатрешната политика на вето на ЕУ.

Но тие создадоа уште повеќе обрачи што аутсајдерите од ЕУ мора да ги прескокнат и го направија овој напредок „реверзибилен“ доколку се лизнат на патот.

 

Студија на случај

Ајде да ги разгледаме работите од гледна точка на Скопје.

Прво, тие чекаа девет години пред Грција да го укине ветото во ЕУ во болниот спор за локалната историја.

Македонците ги сменија своето име и устав и ја искоренија речиси целата корупција и национализам.

Сега, Бугарија сака тие да кажат дека нивниот јазик и етничка припадност се лажни, во пресрет на бугарските избори во март.

И, ако тоа се реши? Па, следната година имаме и избори во Чешка, Кипар, Холандија и Германија.

Јас доаѓам од Албанија и ме боли што гледам како бледнее сонот на ЕУ, кој веќе 30 години беше водечка светлина во регионот.

Нивото на напредок на Западен Балкан по разорните војни во 90-тите години на минатиот век го одзема здивот - сите Европејци што одат на планинарење таму или што одат на одмор во регионот, можат тоа да го видат со свои очи.

Сонот за ЕУ е тоа што го инспирираше Западен Балкан да стигне олку далеку.

А тоа се милијарди евра од парите на даночните обврзници на ЕУ што се инвестирани таму во име на зближувањето на Европа.

Но патувањето не е завршено, а во последно време сонот станува горчлив.

Не е само до лицемерството на ЕУ - која проповеда владеење на правото додека унгарскиот премиер Виктор Орбан и полскиот вицепремиер Јарослав Качињски го уништуваат владеењето на законот.

Не е само до слабиот ПР - во Србија, која добива најголем удел во претпристапните фондови на ЕУ, повеќето Срби некако мислат дека Кина, Русија и Турција прават повеќе од ЕУ за нивната земја.

Станува збор за подлабокиот однос на ЕУ кон Западен Балкан како аутсајдери, остатоци, носители на билети од втора класа.

Пандемијата фрли сериозен фокус на ова кога ЕУ претходно годинава нагло ги затвори своите граници кон регионот како да е Вухан.

Никој не помисли да ги покани идните членови на семејството на ЕУ, па макар и нивните Еразмус-студенти, внатре во заштитниот прстен на Европа.

Наместо тоа, ЕУ му даде на Западен Балкан 3 милијарди евра да замолчи (и да рече: „Ви благодарам!“), дури и кога постојните држави на ЕУ почнаа да се тепаат меѓусебе околу границите, маските и тоалетната хартија.

А пред некој ден, кога претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен зборуваше за вакцините, рече дека Западен Балкан може да ги добие остатоците од ЕУ, откако земјите-членки ќе го лапнат својот дел.

 

Дупка во мапата на ЕУ

Јас сум само новинар и мојата работа не е да предвидувам што ќе се случи понатаму ако ЕУ продолжи вака.

Но за мене нема смисла Западен Балкан да се третира на овој начин.

Како можеме да бидеме аутсајдери ако ја делиме истата историја, култура и географија - Западен Балкан е буквално опкружен со земји на ЕУ и поморски зони?

Тажен сум што со секое ново вето и со секој нов унгарски или полски бес, европскиот модел послабо сјае.

Затоа, ајде да не чекаме да влезе новата американска администрација на новоизбраниот претседател Џо Бајден и да се обидеме да ги поправиме работите што сме ги скршиле или занемариле.

Ајде да престанеме само да ги броиме состаноците за нормализација Косово-Србија, како да што повеќе ги имаме, толку подобри ќе станат работите, иако разговорите не одат никаде.

И ајде да престанеме да се надеваме на чуда во последен момент, како што направи Германија кон Бугарија, за да се запре распадот на возовите.

Наместо тоа, да го направиме сонот за ЕУ повторно светол.

Европа може да биде смела. Таа може да бара одговорност од непријателите на вредностите на ЕУ, да се издигне над националната политика и да му стави крај на вето-уценувањето.

Но лидерите и граѓаните на ЕУ исто така мора да разберат дека нема обединета Европа сè додека на нејзината мапа има дупка во облик на Западен Балкан.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе