Неготино

Ековита: Не го решивме проблемот со вода за пиење, а власта сака да ни изгради гасна централа за комунален отпад

Граѓаните и еко-здруженијата во Неготино се против изградба на гасна централа за согорување на комунален отпад. Уште не ни е решен проблемот со водата за пиење, а власта планира да ни изгради гасна централа, велат од здружението Ековита.

„Откако се обративме до државните служби на највисоко ниво, добивме писмено известување дека согласно Законот за стратешки инвестиции, предложената инвестиција сѐ уште е во фаза на разгледување. Веднаш кога ќе има конкретен предлог договор, тој ќе биде јавно објавен. Дополнително, ќе биде испратен и во вид на предлог закон до Собранието“, изјави Сашко Тодоров од Ековита и додаде дека за вакви прашања надлежните државни и локални органи мора да го почитуваат и мислењето на локалните жители, во спротивно ќе се соочат со нивното незадоволство.

Владата на Македонија неодамна најави дека во Неготино ќе се гради гасна централа која ќе произведува електрична енергија, а ќе користи комунален отпад како извор на енергија.

Општина Неготино е земјоделски регион, регион на виновата лоза и кој тежнее за производство на еколошки производи со кои треба високо да се етаблира на светските пазари. Градот на грозјето сакаат да го претворат во град на отпадот, вели Тодоров, претседателот на Ековита.

Премиерот Зоран Заев вети дека се слуша гласот на народот и дека во случајов станува збор за еколошка инвестиција, како и дека ќе нема увоз на отпад.

Од власта тврдат дека со оваа странска инвестиција ќе се реши проблемот со загадувањето од нелегалите и дивите депонии, што подразбира спречување на емисиите на отровите гасови, ќе се запре загадувањето на почвата и подземните води, микробиолошкото загадување и ќе се спречи појавата на неконтролирани пожари во депониите од кои дополнително се загадува воздухот.

Владата смета дека ова е идеална локација и инвестиција за справување со отпадот во најголем дел од државата. Проценката е дека оваа инвестиција ќе чини 336 милиони евра. Според некои анализи лани од пет плански региони или 48 општини од каде ќе се гори отпадот, се собира околу 330 илјади тони  комунален отпад. А планираниот капацитет на гасната централа е од 600 илјади до еден милиони тони отпад. Во цела Македонија се собира вкупно 630.000 тони отпад.

Од Ековита сметаат дека за инвеститорот многу поефтино ќе биде да увезува отпад, отколку да го собира, селектира и транспортира од цела Македонија.

Еколозите велат дека станува збор за загадувачка индустрија.

„Фирмата „Зока енерџи солушн” која ќе го реализира проектот е формирана минатата година. Не ми е јасно како може Владата да прифати толку голема инвестиција од 330 милиони евра да ја предаде на фирма која нема реализирано ниту еден проект. Конкретно за овој случај имаме неофицијални информации дека експертот од Словенија што беше претставен на трибината во Неготино, бил дел од раководството на слична фирма во Словенија и во 2013 година словенечките власти воделе истрага за него. Овие информации кои треба секако да се доистражат го креваат сомневањето за целото работење на ваква фабрика во нашата општина“, вели Тодоров од Ековита.

За оваа инвестиција државата презема обврска да изгради пристапни патишта до селото Дуброво каде што е планирана изградбата на фабриката. Со проектот е предвидена изградба на збирни и претоварни станици и збирни потстаници во 48 општини, набавка на комунални возила за собирање на смет, метални и пластични комунални контејнери. Во рамки на фабриката ќе има и посебен дел за уништување на медицинскиот и отпадот од животинско потекло.

„Ќе се запре загадувањето кое произлегува од палењето на земјоделскиот отпад на отворено. Конечно, како во напредните европски земји ќе се создават капацитети за трансформација на отпадот во обновлива енергија и суровини. Инвестицијата ќе го потикне економскиот развој со отварање на нови работни места, ангажирање на голем број локални компании и со оваа инвестиција ќе се зголеми можноста за намалување на користењето на фосилни горива“, рече неодамна Заев за оваа планирана инвестиција. Проектот, рече премиерот, бил поддржан  од Грин инвестмент од Луксембург и ќе биде изведен на најтранспарентен начин.

Тој побара поддршка од неготинци за изградба на фабриката и прецизираше дека се работи за инселератор со примарната селекција на отпад и кој работи на бескислородоно согорување, односно, нагласи, нема оџак и е затворен систем.

„Не сакаме т.н. зелена гасна централа која ќе согорува комунален отпад, на неготинци не им треба таква енергија од отпад, вака се изјаснија и тие што ги анкетиравме во градот и две села“, вели претседателот на здружението Ековита.

А.Д.

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе