Eко-свест: Во ЕУ не можеме без фонд за животна средина

Состојбата со управувањето на јавните финансии за заштита на животната средина во Македонија покажува дека  постои механизам за собирање на пропишаните давачки кои главно се влеваат во централниот буџет, меѓутоа тие не се предмет на планирано и организирано управување, се вели во Анализата за воспоставување на Фонд за животна средина во Република Северна Македонија, која за потребите на Еко-свест ја изработи професорката Силвана Мојсовска.

„Управувањето со јавните финансии за заштита на животната средина подразбира да се изнајде оптималниот сооднос меѓу потрошените јавни пари во проекти за заштита на животната средина и добиените резултати од тие проекти“, е еден од заклучоците на професорката Мојсовска во изготвената Анализа.

Според анализата, се препорачува воспоставување на Фонд за животна средина како засебно правно лице основано со капитал од Владата, која ќе има директна контрола врз неговото работење. Фондот треба да има широк мандат и би третирал различни прашања од областа на заштитата на животната средина. 

Фондот би функционирал како револвинг фонд во кој би се влевале надоместоците за користење на природата по различни основи, надоместокот за заштита на животната средина при регистрација на моторни возила и пловни објекти, потоа надоместоците за управување со отпадот, како и надоместоците пропишани за употребата на пластични производи и амбалажа од пластични маси. Дополнително, Фондот би остварувал и приходи по основ на камати на меки заеми. Во надоместоците не се вклучени давачките од областа на животната средина кои се плаќаат на определени државни органи по основ на извршена услуга, се вели во анализата.

Конкретната листа на надоместоци кои би се влевале во Фондот треба да биде предмет на дополнителни анализи и консултации, согласно важечката листа на надоместоци и условите при воспоставување. Фондот првенствено треба да работи со меки заеми и грантови, а корисници на средствата на фондот би биле правните и физичките лица, универзитетите и граѓанските организации.

„Вкупната вредност на средствата обезбедени од буџетот за определени цели од областа на животната средина во 2020 година е 14,6 милиони евра. Меѓутоа, овие потпрограми не се составени само од активности поврзани со заштитата на животната средина, туку се многу покомплексни и не може да се смета дека планираните расходи целосно се во функција на зачување на животната средина“, истакнува професорката.

Во Македонија, главен носител на креирањето на политиките за животна средина е Министерството за животна средина и просторно планирање, така што приоритетите за проектите што ќе ги финансира државата со јавни финансии треба да бидат утврдени согласно стратешките и програмските документи на Министерството.  

Во насока на евроинтегративниот процес и поглавјето Екологија, говорат и повеќе примени од регионот. Примерот на Црна Гора покажува дека кога процесот на преговори со Унијата ќе напредне, земјата мора да покаже дека има систем за управување со јавните финансии за заштита на животната средина со оглед на тоа дека по приемот во ЕУ ќе ѝ бидат ставени на располагање фондовите и оперативните програми на Унијата. Секоја земја мора да е подготвена да ги користи, а колку е нејзиниот капацитет поголем, толку може да користи повеќе средства. 

Искуството на Словенија е многу значајно и за Македонија, имајќи предвид дека се работи за земја со слична големина и население. Споредбено, фондот во Словенија годишно инвестира околу 40 милиони евра во меки заеми и грантови (од вкупниот буџет 57 милиони евра), додека македонските годишни приходи од еколошките надоместоци во 2018 година биле околу 2,8 милиони евра, a истите понатаму воопшто не се револвираат.

Суштината на словенечкиот успех е во оплодувањето на капиталот, како и во правилната проценка како фондот најдобро може да се развива. Словенечките власти процениле дека фондот не треба да го проширува работењето со користење на други извори на приходи, туку да се усоврши во тековното работење. 

Анализата е дел од проектот „Зајакнување на улогата на ГО во донесување на одлуки преку застапување за воспоставување на Фонд за живтона средина“ реализиран од страна на  „Центар за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, Скопје“ финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) и „Центар за истражување и информирање за животна средина“.

 

 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе