„Зелено ветување“ за Денот на планетата Земја

Еко-свест: Пандемијата нѐ потсети дека здравјето е најважно

Од Центарот за истражување и инфомирање за животната средина „Еко-свест“ денеска апелираа да се одбележи Денот на планетата Земја – 22 април, со „зелено ветување кон самите себе“.

„Пандемијата која во изминатите два месеци го зафати целиот свет на сите луѓе им ги отвори очите за сериозноста на нашиот однос спрема Планетата, природата, средината и нашето здравје. Моменталниот прекин на животот каков што го знаеме ни остави можност да размислиме и да се потсетиме дека здравјето е сепак, најважно. Научивме дека претераното и недомаќинско трошење на природните ресурси предизвикува промени во климата и појава на нови болести досега непознати за човекот. Одговорноста на секого е огромна, но сега пред нас се појавува можноста да изградиме нов систем базиран на здрави и одржливи економски активности и вредности“, велат од Центарот.

Од „Еко-свест“ посочија дека исклучително важно да го направиме домот енергетски ефикасен, меѓутоа и да спречиме непотребни загуби на енергијата во секојдневното извршување на домашните задачи.

„Електричната енергија кај нас сѐ уште доаѓа од јагленот кој е валкан извор со многу последици по климата, здравјето и животната средина. Токму затоа е исклучително важно да го направиме домот енергетски ефикасен, меѓутоа и да спречиме непотребни загуби на енергијата во секојдневното извршување на домашните задачи. Оние кои можат да си дозволат да постават фотоволтаици, време е тоа да го направат сега“, истакнаа од Центарот.

Отпадот, според нив, е еден од најголемите проблеми во нашата земја, а може да биде можност доколку секој од нас направи напори да го намали и селектира домашниот или канцелариски отпад. Ако сѐ уште не постои систем за селектирање, време е сами да го создадеме, едно по едно маало, еден по еден град. Има доволен број приватни компании кои сега би требало со своите економски активности да ѝ дадат подршка на заедницата каде ја остваруваат својата дејност.

„Водата отсекогаш сме ја имале во изобилие, но никогаш не сме научиле да ја штедиме и чуваме. Време е да почнеме да ги штедиме водните ресурси, бидејќи се скапоцени. Како заедници имаме моќ да се самоорганизираме и да ги заштитиме реките кои се извор на живот за природата и за нас“, истакнаа од Центарот.

Што се однесува до храната, оттаму потсетуваат дека планирањето на домашното производство на храна ќе мора одново да го научиме, бидејќи оваа ситуација ни покажа колку сме зависни од плодната почва која сме ја пренамениле за индустрија и згради.

Во своите напори за ублажување на климатските промени Еко-свест ќе работи активно на создавање одржлива канцеларија која го селектира целиот отпад, не користи пластика, штеди енергија и вода, користи само локални производи и ќе работи на едукација на други канцелариски простори.

 

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе