Џипови го прекопуваат теренот на Попова Шапка

Неконтролираното испробување на можностите на теренските возила по македонските планини и натаму се одвива слободно без соодветна интервенција на надлежните. По прогласувањето на Попова Шапка за Национален парк, таа желба за прекопување на терените на планината на сопствениците на теренски возила стана уште помасовна. Пред да падне снегот, тука речиси секој викенд се одржуваа своевидни натпревари. Надлежните засега само велат дека ваквите активности се забранети.

Од Македонското еколошко друштво предупредуваат дека со овие активности се уништува горниот слој на земјиштето кое потоа многу тешко или долготрајно се регенерира. Движење со моторни возила на отворени терени (надвор од постојните патишта) може да предизвика уништување на популации со ендемични растителни видови, да предизвика свлечишта и менување на пределот, а освен ова и бучавата има негативен ефект врз животинскиот свет во паркот. Се надеваме дека ренџерската служба на националниот парк ќе ограничува движење со моторни возила надвор од дозволените зони во паркот, велат од МЕД.

Според планот за управување со Шар Планина којшто е во предлог фаза, во Националниот парк дозволено е движење со моторни возила по постоечки патишта и тоа во заштитниот појас и зоната за одржливо користење. Забрането е движење на моторни возила во зоната за активно управување и зоната за строга заштита.

И од Националниот парк Шар Планина велат дека го идентификувале притисокот кој го прават моторните возила врз природните вредности.

„Употребата на моторни возила надвор од асфалтирани патишта е закана која се појавува во сите заштини зони и во сите годишни времиња и како таква во планот за управување и анализата на проценка на ризиците која ја спроведовме во изминатите месеци е оценета како една од највисоките и најприоритетните.

Користењето моторни возила, како и сите други активности кои имаат големо влијание врз животната средина, бара постојана контрола, мониторинг и регулација на движењето преку целата година.

Овие активности ќе се одвиваат во согласност со однапред зацртани правила, контролни механизми и мерки за намалување на штетите кои се дефинирани во програмите за заштита и одржлив туризам. Движењето на моторните возила по постоечки патишта во зоната на строга заштита и активно управување не се дозволени, но како што знаете територијата на Шар Планина е огромна (62.705 хектари), со добро развиена патна мрежа и многу пристапни патишта. При вакви услови и веќе воспоставени лоши пракси низ претходните години кога употребата на моторни возила на планините насекаде низ Македонија стана тренд, контролата не се воспоставува брзо“, велат од НП Шар Планина.

Оттаму ветуваат дека наскоро ќе се воспостави контрола и на овие активности со постепена контрола, информации за тоа каде се наоѓаат и кои се дозволени и забранети активности, преку инфо-табли, апликација, веб-страница, социјални медиуми, комплетирање на ренџерската служба за контрола на терен...

A.Д.

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе