Светски скандал

Две офшор-компании во „Пандорините документи“ се на сопственици од Македонија

Синоќа беа објавени Пандорините документи, збирка од речиси 12 милиони документи објавени од Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство (ИЦИЈ), кои покажуваат голем број офшор-договори, во кои учествуваат различни светски актери и лидери. Мапата на веб-страницата на конзорциумот покажува дека меѓу компаниите од „Пандора“ има и две фирми на сопственици од Македонија.

Фото: скриншот

Засега не е познато кои се сопствениците на тие две фирми, но ИЦИЈ соопшти дека документите ќе ги објавува во наредните денови.

Од соседите, 283 компании во документите се поврзани со сопственици во Грција, 174 во Бугарија, по 13 во Албанија и Црна Гора, 123 во Србија, 6 во Босна, 51 во Хрватска и 40 во Словенија.

Во податоците има над 27.000 компании.

Досега беа објавени текстови во кои се зборува за министерот за финансии на Србија, Синиша Мали, и начинот на кој тој стекнал 24 луксузни стана на бугарскиот брег, за тоа дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и неговиот син ја скриле сопственоста на својот недвижен имот преку комплексна мрежа од поврзани компании од повеќе земји и офшор-области, а се споменуваат и синот на хрватскиот министер за образование и социјална заштита, како и кумот на српскиот претседател Александар Вучиќ. 

„Пандорините документи“ се најновите во серијата големи протекувања на податоци што ги откриваат тајните постапки на познатите личности, по „Панамските документи“ од 2016 година и „Рајските документи“ од 2017 година.

Во споредба со претходно откриените документи, „Пандорините документи“ се најобемни, а новинарите на овој проект работеле 18 месеци.

Офшор-трагата се протега од Африка до Латинска Америка и Азија.

Сепак, новите податоци укажуваат на поместување на парите бидејќи богатите клиенти и нивните советници брзо се приспособуваат на новата реалност, поради што нема голем напредок во борбата против нелегалните активности.

Легенда под Главна слика

Фото: скриншот

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе