По наредба на обвинител

Два пати се правела обдукција врз мртвото тело на момчето најдено во Ново Село: Што кријат видливите траги на насилство?

Резултатите од анализите на обдукциониот наод треба да го дадат одговорот за смртта на младото момче најдено во струмичко Ново Село. Според првичните информации на Обвинителството се работи за насилна смрт бидејќи на телото имало видливи траги на насилство. Но, сепак квалификацијата на случајот ќе се утврди по резултатите за причините за смртта. Од Обвинителството за МКД.мк одговорија дека било побарано да се направи реобдукција врз телото на починатиот. Во други предмети ова не е пракса бидејќи се прави една обдукција која го дава одговорот за причините за смрт.

Ова практично значи дека врз телото на починатиот еднаш била направена обдукција во Институтот за судска медицина и криминалистика. По ова обдуцентите го известуваат обвинителот, по што се чекаат и токсиколошките анализи и кога се ќе се комплетира, се изготвува обдукциониот наод кој со точно утврдени причини за смрт се предава во Обвинителството.

Но, во случајот со најденото мртво тело во Ново Село обвинителот издал нова, втора наредба за нова обдукција која што требало да ја направат други обдуценти. Комплетниот извештај ќе биде изготвен по завршување на сите анализи.

„При увидот кај почнатиот беа констатирани повеќе повреди кои првично упатуваат на насилна смрт. Бидејќи не можеше со сигурност да се утврди точната причина за смртта, јавниот обвинител издаде Наредба за обдукција на телото на починатиот. Со оглед на тоа што обдуцентите и по неколку дена не можат да се произнесат за причините поради кои настапила смртта, издадена е наредба за дополнителна тимска реобдукција на телото на почнатиот. Резултатите од овој вешт наод уште не се пристигнати во Обвинителството", стои во одговорот што редакцијата на МКД.мк го доби од Обвинителството.

За да се утврдат фактите во случајот, Основното јавно обвинителство Струмица до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица поднесе повеќе барања за издавање наредби за претреси во домови и други простории на лица со кои починатиот остварувал последни контакти. Исто така, издадена е наредба за обезбедување на снимки од видео надзор од еден угостителски објект, како и наредба за вештачење на мобилни телефони.

„ Од мобилните оператори побарани се податоци за остварена телефонска комуникација, а издадена е и наредба за вештачење на повеќе предмети пронајдени во близина на телото на починатиот. Целиот терен, по наредба на јавен обвинител, циклично се пребаруваше два пати за да се пронајдат и други траги и предмети. По целосно расчистување на случајот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката.", додаваат од Обвинителството.

На 7 јуни во 19.10 часот во СВР Струмица било пријавено дека на место викано „Ореш", атар на с.Ново Село, било пронајдено починато машко лице. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а на телото имало видливи повреди. Увид на местото извршиле увидна екипа и јавен обвинител, по чија наредба телото е предадено на обдукција.

МВР тогаш објави дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Со соопштение за овој случај денес реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Дали ЈО од Струмица сакало да ја забошоти истрагата за убиството на младото момче од Ново Село затоа што трагите водат до структури блиски до власта?! Со денови власта молчи, и повторно се обидува да забошоти убиство. Според информациите кои излегоа во медиумите, дури ЈО кој излегол на терен, извесен Златко Иванов, констатирал дека обдукцијата врз телото на убиеното момче била вршена нереално, односно било манипулирано со трагите од насилство. Но случајот тука завршил. Зошто и дали некој наредил во Судска медицина да биде изготвен таков извештај со цел случајот да се затвори како несреќа? Целиот случај е воден со големи пропусти. И индицира дека буквално се внимавало да не се дојде до некој. Ова е втор случај во кој власта се обидува да прикрива убиство, како што беше случајот со убиството на ракометарот Тот. Премногу е, протест за промени на 18 јуни во 20 часот пред влада", се вели во партиското соопштение.

По настанот дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица извршил увид во местото викано Ореш, во атарот на струмичко Ново Село, каде беше пронајдено безживотно тело на починато машко лице.

„Според првичните сознанија, кај лицето настапила насилна смрт. По наредба на јавниот обвинител, врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција со цел да се утврдат точните причини за смртта. Од лице место се прибрани траги и материјални докази за кои е издадена наредба за вештачење, а се преземаат и други дејствија за откривање на сторители", соопштија пред неколку дена од Обвинителството.


К.Д.

 

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе