четврток, 28 март 2024

Папата им ги изми нозете на 12 затворенички во Рим (ФОТО+ВИДЕО)

Папата Франциско им ги изми и бакна нозете на 12 затворенички во римски затвор, во симболичен обред на понизност и служба на Велики четврток.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Папата попладнето го посети женскиот затвор Ребибија, кој се наоѓа во североисточниот дел на италијанската престолнина.

Седејќи во инвалидска количка, 87-годишниот папа им ги изми нозете на сите 12 затворенички, од кои некои беа во солзи, пред да ги избрише со крпа и да ги бакне.

Светиот Отец се чинеше дека е во добра форма, иако последниве денови во медиумите се шпекулираше за неговата здравствена состојба поради честите инфекции кои во неколку наврати го спречија да ги заврши говорите.

„Сите доживуваме мали и големи неуспеси“, рече Франциско во импровизирана проповед за време на мисата одржана во срцето на затворот каде што се притворени 370 жени.

Неколку минути претходно Франциско насмеан се ракуваше со затворениците. Во христијанската традиција, Велики четврток го означува денот кога Исус им ги измил нозете на апостолите за време на последната вечера.

Од неговото назначување во 2013 година, Франциско е чест гостин на затворите или прифатните центри за бегалци, каде им ги миел нозете на поранешни мафијаши, болни или маргинализирани лица.

Се очекува тој да го води Крстниот пат во Колосеумот во петок навечер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ