За убиство од јануари, 2016

Досие: Убиецот на слобода, кариерата на судијката Весна Кичеец запечатена

Со одлука на Судскиот совет разрешена е судијката од Охрид Весна Кичеец. Ваквиот потег на Судскиот совет е поради нестручно и несовесно работење на судијката во предметот со убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски (27), кое се случи на 1 јануари 2016, на новогодишната ноќ. Редакцијата на МКД.мк редовно го следеше ова судење и долго пишувавме за можните судски „кривини" и „наивноста" на судиите во овој процес, кој заврши со бегство на Бојан Угреновиќ (30) од Краљево. Но и покрај нашите објави за ова (не)постапување на судијката, тогаш никој не реагираше. Кариерата на судијката Кичеец буквално ја запечати случајот со Угреновиќ.

Текот на овој процес, кој беше пресуден за кариерата на судијката од Охрид, ви го објавуваме во продолжение.

Убиството се случи на 1 јануари 2016 година кога по кратка расправија во угостителски објект во центарот на Охрид, Угреновиќ го претепал до смрт Матилоски пред кафе-барот „Табана“.

Семејството на убиениот тогаш бараше сторителот да одговара за кривично дело „свирепо убиство“, наместо за „убиство“.

Во декември, 2016 година Основниот суд во Охрид донесе пресуда од 16 години затвор за убиство. Тогаш Угреновиќ го призна делото и изрази каење и жалење за последиците од инцидентот кога смртно беше претепан 27-годишниот Матилоски пред кафе-бар во центарот на Охрид.

По жалбата на адвокатите на српскиот државјанин, Апелацискиот суд во Битола пресуди случајот да се врати на повторно судење во Основниот суд во Охрид. Имало некои пропусти во првостепената постапка. 

Поради одредени технички причини повтореното судење не почна навреме, поради непојавување на обвинетиот на првиот, односно на неговиот адвокат на вториот закажан датум за првото рочиште. На 25 јули 2017 конечно се одржа такво рочиште, Угреновиќ сосема го смени исказот и рече дека е невин, по што судијката Весна Кичеец (истата судијка го водеше и првото рочиште) закажа ново рочиште во септември со барање за повторно сослушување на сведоците. Случајно или не, никој на ова рочиште не ги спомена законските рокови за притвор.

Менувањето на исказот правно значи потреба од сосема ново судење, односно целосно враќање на процесот од самиот почеток. Така истече притворот за обвинетиот, кој остана без пасош со обврска да се јавува пред надлежниот орган.

Притворот на обвинетиот за убиство му беше укинат поради пропусти во законската регулатива и слободата на толкување на одредени членови. Судот не успеа во законскиот рок од една година да донесе правосилна пресуда за случајот, па тој од јули 2017 година е на слобода.

Угреновиќ е пуштен да се брани од слобода откако на 27 јули 2017 Основниот суд Охрид дал мислење дека истекува последното продолжување на притворот за обвинетиот Угриновиќ. Основното јавно обвинителство Охрид сметаше дека притворот може да биде продолжен, па поради тоа била поднесена жалба на одлуката до Апелацискиот суд Битола, кој е надлежен да постапува.

Но и повисокиот суд го потврди решението на Основниот суд Охрид и одлучи мерката притвор да биде прекината.

По ова обвинителството побара мерки за обезбедување на присуство, кои судот ги прифати. На обвинетиот Угреновиќ му беше одземена патната исправа, му беше изречена забрана за напуштање на престојувалиште и на Република Македонија, како и повремено јавување кај надлежен орган. Од тогаш тој ниту еднаш не се појави на рочиште од повторениот процес што против него се води пред Основниот суд во Охрид.

Судијката Кичеец го одложуваше рочиштето седум пати. Од процесот со писмено барање се откажа и ангажираниот бранител на обвинетиот Донче Наков, кој на едно од закажаните рочишта во повторената постапка кажа дека повеќе нема никаков контакт со својот клиент и дека не знае каде е тој. По ова судот по службена должност за нов бранител го назначи адвокатот Емил Балабан. 

Адвокатот Балабан, по неговото назначување за бранител, тогаш за МКД.мк изјави дека и тогаш судењето се одложило поради отсуство на Угреновиќ, а известувањето на судијката било дека до Основниот суд во Охрид немало стасано одговор од МВР за тоа дали Угреновиќ е најден и дали е достапен на полицијата. Од МВР тогаш децидно одговорија дека такво барање до нив не стасало.

„Во врска со вашето прашење за Угреновиќ, ве известуваме дека барање за постапување во овој случај, како и барање за распишување на потерница од судот во Охрид до нас не е доставено“, рекоа од МВР.

Судијката на седмото по ред неодржано рочиште образложи дека судењето е одложено затоа што до Судот не бил доставен одговор од МВР дали обвинетиот е пронајден согласно решението за определување на притвор и најави дека ќе достави ургентно барање до МВР да се произнесе дали обвинетиот воопшто е достапен за органите на прогонот.

А кој тогаш да одговори кога во МВР никој не испратил такво барање?

Законот дава можност откако судот во Охрид ќе побара, а МВР официјално ќе распише потерница, по барање на обвинителството на Угреновиќ може да му се суди во отсуство. 

Угреновиќ го нема, од него ни трага ни глас. Недостапен е за органите за прогон, а судијката што му судеше веќе нема право да постапува по предметот за убиството и треба да биде назначен нов судија.

Во овој случај извесно е само тоа дека пред 5 години згасна еден млад живот. Дали бегалецот некогаш ќе биде фатен и вратен да му се суди и да ја одлежи казната е енигма. Во Македонија сличен ваков случај имаше со убиството на Мери Јошевска.

Обвинетиот Миле Хаџиски во 1993 година ја убил Мери Јошевска нанесувајќи и 40 убоди со нож по целото тело. Миле Хаџиски од притворот не ѝ избегал на полицијата, ниту им избегал на затворските чувари. Тој тогаш ги искористил недореченостите во законот во однос на максималното траење на притворот од 30 дена за полесни кривични дела и 90 дена за дела од најтежок вид.

Хаџиски со лажен идентитет успева да избега во Франција и во последните 20 години живеел на релација Франција –Швајцарија. Во август, 2015 по 20 години бегство, Хаџиски беше екстрадиран во Македонија. Ќе се повтори ли историјата на овој случај или пак обвинетиот Угреновиќ или казната ќе има и таа ќе биде одлежана, за сега не се знае. 

К.Додевска 

Во продолжение се линковите од сите објави на МКД.мк за овој предмет

1. https://www.mkd.mk/makedonija/politika/ohridskiot-sud-pushti-ubiec-od-kr...

2. https://www.mkd.mk/makedonija/kje-ja-povtori-li-sluchajot-so-ugrenovikj-...

3. https://www.mkd.mk/makedonija/kje-se-pojavi-li-utre-ugrenovikj-vo-sudnic...

4. https://www.mkd.mk/makedonija/ugrenovikj-ne-se-pojavi-vo-sudnica-na-roch...

5. https://www.mkd.mk/makedonija/politika/ubiecot-na-matiloski-pak-ne-dojde...

6. https://www.mkd.mk/makedonija/ni-traga-ni-glas-od-ugrenovikj-negoviot-ad...

https://www.mkd.mk/makedonija/ugrenovikj-go-nema-sudot-cheka-odgovor-od-...

8. https://www.mkd.mk/makedonija/politika/sudot-vo-ohrid-najprvo-mu-ovozmoz...

 

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе