Повик до Јавното обвинителство

До 8 март да се реши случајот со „Јавна соба“, бара Платформата за родова еднаквост

Платформата за родова еднаквост на денешната прес-конеференција побара од Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители конечно да се разреши случајот Јавна соба и доследно да се пружа заштита на жените жртви на родово-засновано насилство.

Од Платформата бараат обвинителството и Советот итно да испорачаат конкретни резултати по нивните барања со рок до 8 Март, и да покажат дека конечно овие институции преземаат мерки.

На прес-конференцијата беше кажано дека ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект, доколку сторителите избегнуваат кривична одговорност за делото.

„На ваков начин се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми. Иако ‘Јавна соба‘ е случај кој што го привлече вниманието на целата јавност, сепак, после една година случајот сѐ уште нема завршница, а сторителите се гонат само за кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија“, изјави Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост.

Според неа, искуствата на жените на кои со години им обезбедуваат бесплатна правна помош и други услуги, сведочат за бројни пропусти во водењето на постапките. Па така, од страна на обвинителствата има ненавремено покренување на обвинителни акти, неефикасно или без должно внимание раководење со предистражни и истражни постапки што резултирало со ненавремено или воопшто необезбедување на релевантни докази, како и непреземање на мерки кон сторителот за да се спречи продолжување на насилството кон жртвите.

„За овие состојби здруженијата побараа одговорност и од Советот на јавни обвинители кој според нивнедоволно ги користи своите надлежности за контрола над работата на јавните обвинители кои непрофесионално и ненавремено ја извршуваат својата функција во однос на кривичните постапки за родово-засновано насилство. Здруженијата побараа и поголема ефикасност и посветеност и од страна на специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања бидејќи низ годините, се сретнале и со полициски службеници кои самите се сторители на насилство“, рече Коцевска.

Ова се барањата кои Платформата ги испрати до Јавниот обвинител, Љубомир Јовески и претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски:

-Кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“;

-Обвинителни акти против сторителите од „Јавна соба“ за делата „злоупотреба на лични податоци“, „посредување во вршење проституција“, „загрозување на безбедноста“ или „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, зависно од околностите на случајот;

-Доследно, квалитетно и навремено спроведување на предистражни и инстражни постапки во случаите на насилство врз жени;

-Засилена контрола над работата на обвинителите во случајот „Јавна соба“ и изрекување на санкции согласно закон;

-Започнување на процес на засилена контрола над работата на обвинителите кои работат на постапки на насилство врз жени;

-Донесување, фактична и доследна примена на внатрешна акти со кои ќе се прецизираат обврските и начинот на постапување на јавните обвинители во случаите на родово-засновано насилство, во согласност со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција).

 

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе