„Глетката беше стравична“

Дадовме сѐ од себе да извадиме што повеќе луѓе, вели командирот на тетовските пожарникари

Глетката беше стравична, од објектот на модуларната болница кој беше целиот во пламен, од чадот и мракот не можевме да видиме кои тие што ги извлекуваме, дали се живи или мртви, изјави денеска командирот на Територијалната противпожарна единица, Ука Алити, пред новинарите во Тетово.

Според Алити, пламените јазици биле толку големи што пожарот можеше да зафати и друг објект, а тогаш штетата би била уште поголема.

„Дадовме сè од себе, го дадовме максимумот, само пламените јазици да не се прошират и да можеме да извадиме што повеќе луѓе. Во тие моменти не гледавме и не мислевме дали вадиме живи или мртви. Колку што можевме, извадивме, но треба да нагласам дека и многу од граѓаните и од лекарите ни дадоа голема помош за да ги евакуираме луѓето што беа во модуларниот центар“, вели Алити.

Тој додаде дека модуларната болница е целата од пластика и лесонит, материјал што лесно пламнува и гори, а за тоа придонел и кислородот за пациентите, кој само го проширил огнот.

Пожарот кај нив бил пријавен во 21:02 часот. Голем број граѓани се јавиле да го пријават пожарот, а на терен веднаш излегле три противпожарни возила и 16 пожарникари.

„Само еден пожарникар останал да прима повици, сите други излегоа на самото место. Стигнаа многу бргу и почнаа да интервенираат. Првата интервенција со две противпожарни возила била од внатрешната страна на медицинскиот центар. После се виде дека треба да се интервенира и од другата страна, од страна на реката, со едно противпожарно возило и една екипа, бидејќи тука требаше да се гаси пожарот, но истовремено и да се изврши евакуација на луѓето или болните што лежеа тука“, изјави Алити.

Според него, имало само една експлозија на боца, а во интервенцијата полесно бил повреден само еден пожарникар, а четворица вдишале чад.

„Претпоставувавме дека во модуларниот ковид-центар постојат боци. Боците со кислород при голема температура како синоќа експлодираат. Кислородот се знае дека не гори, само прави експлозија, но помага да се прошират пламените јазици. Моравме да бидеме претпазливи и кога експлодираат боците“, додава Алити.

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе