Во дел од Балканот

Чудесии меѓу дамасканата и сончогледот

Кога на некој подалечен жител на планетава ќе му го спомнат терминот Балкан, веројатно првите асоцијации ќе му бидат омраза, национализам, војни и сиромаштија. Малкумина „од прва" би го поврзале овој наш регион со сите оние културни и природни богатства со кои изобилува. Но, да бидеме искрени, вистината е дека и самите ние, балканци, не сме свесни што сѐ поседуваме, ниту пак, благодарение на чудните политички струи кои владеат во регионов сме нешто посебно заинтересирани за истражување за да осознаеме што значела историјата и културата на народите и каква е таа природа и релјеф каде сега ја тераме нашата живеачка.

Честопати се прашувам кога ќе заврши омразата со која нѐ заслепуваат политиките на одредени структури и кога ќе почнеме да ја вкусуваме убавата страна од животот, патувајќи и запознавајќи го овој наш прекрасен регион.

Свесни за својот потенцијал, бугарското Министество за туризам реши да ја стави Бугарија на светската туристичка мапа, поканувајќи новинари од регионот, но и пошироко, на многу интересна и добро осмислена тура низ оваа земја, запознавајќи нè со нивното културното наследство и природните убавини.

Новинарската делегација од Македонија броеше четири членови од различни медиуми, меѓу нив и од МКД.мк, заедно со нашиот водич Тони и возачот Данчо, рано наутро тргнавме кон Софија. Дупките и ископувањата на патот, постојано го нишаа нашето комбе и, така некако, лесно потонавме во сон, па нѝ се чинеше дека брзо пристигнавме до нашата прва дестинација. Бевме пречекани со вкусен ручек во ресторанот Штастилвеца, кој важи за еден од најпријатните ресторани во Бугарија. Таму го запознавме Стефан, млад дечко од Пловдив, кој е дел од организацијата и кој од тој момент стана наш сопатник во експедицијата низ Бугарија. Уште веднаш почна да нѝ раскажува за неговиот роден крај и како едвај чека да отпатуваме таму и да нѝ го покаже неговиот град.

Софија

Но, Софија и новотворениот „Хајат" се првата наша станица. Првиот хотел во Бугарија кој е дел од овој американски синџир. Бевме топло пречекани од персоналот кој нѐ поведе во обиколка низ хотелот, покажувајќи колку се внимавало на секој детаљ. Импресивен беше барот на покривот, од каде што има извонреден поглед кон центарот на градот, каде гордо е издигната куполата на црквата Св. Александар Невски. Токму тука се упативме по нашиот краток одмор во хотелските соби. Најпрепознатливиот симбол на градот, црква изградена помеѓу 1882 и 1912 година во знак на сеќавање на 200.000 руски војници кои загинале во борбите за независноста на Бугарија во текот на руско-турската војна. Името го добила во чест на рускиот принц и воин од ХIII век.

За љубителите на стари цркви, дефинитивно Софија е вистинско место за посета. Денешниот главен град на Бугарија, во минатото го носел името Сердика, а Софија е од XIV век, име кое го добива по истоимената црква, која е една од најстарите во градот, изградена во време на владеењето на византискиот цар Јустинијан. Додека ја разгледувавме нејзината архитеткура, крупни капки дожд се струполија врз нашите лица. За само неколку минути, небото се спои со земјата. Нашите чадори не беа моќни да нѐ заштитат од силното невреме. Секој чекор ми стануваше сè позвучен, истиснувајќи ја водата од моите платнени патики. А дождот стануваше сè посилен и посилен, па принудно, прошетката низ Софија заврши пред време со вкусна вечера и преубава марципан торта која ја зборувавме до крајот на турата.

Рилски манастир

Нов ден, но повторно тмурен. Натежнати облаци лебдееја над нас додека појадувавме во градината од хотелот. Се упативме кон југ, кон прочуениот Рилски манастир, едно од најпосетуваните места во Бугарија. Мрачното време внесе некаква чудна тишина во нашето комбе. Никој не зборуваше ништо. Сè додека во еден момент, Тони, нашиот туристички водич, не започна да пее, покажувајќи ги неговите музички способности. Наградувајќи го со силен аплауз живнавме и се расонивме. Во истиот момент сончевите зраци ги пробија густите облаци, силно светна ден и конечно почнавме да се чувствуваме дека патуваме во најтоплиот период од годината.

Кога пристигнавме, пред нас гордо издигнат нѐ пречека овој фасцинантен манастир, којшто е под заштита на УНЕСКО. Тоа е најстариот и најголем манастир на Балканот, основан во првата половина на Х век. Станбениот дел од четири ката се состои од преку 300 монашки ќелии, 4 капели, соба на игумен, кујна, библиотека и соби за донатори. Високите и цврсти камени ѕидови, пресечени со мали прозорци по малку потсетуваат и на воена тврдина. Во текот на вековите, манастирот секогаш бил духовен, образовен и културен центар. Пред влезот имавме можност да ги пробаме познатите бугарски мекици заедно со биволско кисело млеко, кое се произведува веднаш до манастирот. Иако не сум љубител на кисело млеко, сепак, не само што беше вкусно, туку и претставуваше совршено освежување во овој топол ден.

Интересно е што во манастирот владејат чудни правила во однос на фотографска и снимачка опрема, па така доколку се обидеш да го поставиш својот фотоапарат и телефон на статив или селфи стик обезбедувањето ќе реагира, со објаснување дека е дозволено снимање и фотографирање само „од рака", а ниту нашата новинарска акредитација не беше посилна од наредбата на владиката. Зачудени, се обидовме да дознаеме зошто е тоа така, но одговор не добивме. По неколку часа, го напуштивме манастирот и се упативме кон Пловдив.

Пловдив

Нашиот хотел се наоѓа во центарот на градот, „гледа" во огромен и прекрасен парк, што е можеби и најубавото опкружување што еден хотел може да го има. Моите колеги разбраа дека сум се посреќил затоа што ми се падна соба со џакузи, па низ шега коментиравме дека по вечерата, забавата продолжува во соба број 314.

Пловдив го доживеав многу специфично. Совршена комбинација на старо и модерно, град исполнет со зеленило, широки пешачки патеки исполнети со џагор од многуте луѓе кои приквечерието го поминуваат во прошетка. Градот зрачеше со некаква топлина која ме исполнуваше со убаво чувство и ме тераше уште долго да пешачам уживајќи во опкружувањето. Според многу истражувања, Пловдив е најстариот постојано населен град во Европа, со повеќе од 6.000 години историја, кој е населен уште од основањето, кога македонскиот крал Филип II го создал под името Филипополис.

Денес, во центарот на градот, во негова чест е издигнат висок споменик со ликот на Филип II Македонски. Градот е дом на луѓе од различни националности. Покрај Бугари, тука живеат и голем број Роми, Турци, Македонци, Ерменци... Најинтересното обележје е Стариот град, чија површина е распослана на три рида. Тоа е оригиналната локација на градот и таму се наоѓаат речиси сите историски знаменитости.

Римскиот театар е еден од најзачуваните антички театри во светот. Отворениот простор за гледачите вклучува 28 концентрични редови со седишта од мермер што ја опкружуваат сцената во форма на потковица. Освен за театарски изведби, местото се користело и за гладијаторски борби и игри на ловење. Денес, таму се одржуваат некои од најдобрите годишни настани како што се оперскиот фестивал „Opera Open" и рок-фестивалот „Звуците на времињата".

Прошетката низ стариот град ја завршивме на Таксим Тепе, еден од ридовите околу градот, кое важи за често собиралиште на млади и од каде има фасцинантен поглед кон новиот Пловдив. Заседнат на една од многуте карпи, гледајќи во хоризонтот, додека пријатно ветре ми го разладуваше лицето, навлегов во некоја медитативна состојба и заборавив на сѐ околу мене. Ме врати во реалноста звучниот глас на Тони кој ми рече дека ќе мора да продолжиме со турата.

Казанлак

Можеби најголемото богатство на Бугарија е розата дамаскана, која е најприсутна во регионот на градот Казанлак. Розата била увезена пред повеќе векови, а денес важи за еден од националните симболи. Под влијание на единствената клима и почва на земјата, оваа роза постепено се развила во бугарска сорта и се разликува од розите на други места. Бугарија, заедно со Турција покрива 90% од светското производство на масло од рози. Долината јужно од централниот дел на Стара Планина е наречена Долина на розите, а инспирирани од нејзината енергија бил создаден етнографскиот комплекс „Дамасцена" со првиот приватен розариум во Бугарија. Таму имавме можност да се запознаеме со начинот на подготвување на маслото на рози, но и да уживаме во розовите градини, биопаркот и преубавиот розов амфитеатар. На крајот имавме можност да купиме и да пробаме различни производи произведени од розово масло.

Во Казанлак се наоѓа и еден од најзначајните споменици на тракиската култура, тоа е тракиската гробница од IV до III век пне, која од 1979 година е вклучена во списокот на глобално културно наследство на УНЕСКО. Според археолозите гробницата била ограбена во античкиот период, но во земјата биле пронајдени два глинени аскоса, сребрен бокал, глинен сад за вино, коски од коњ, амфора со остро дно, глинена розета со сува позлата, погребна круна... Сликите од ходникот и во куполата се едни од најдобро зачуваните производи на античкото сликарство од раниот хеленистички период. Гробницата е дел од Долината на тракиските кралеви, во која се наоѓаат храмови и гробници.

Морско крајбрежје

Последен пат бев на бугарското црноморско крајбрежје пред околу 17 години. Ги паметам местата како мали симпатични туристички населби, без некои особено високи градби. Како што комбето се движеше покрај брегот, не можев, а да не се зачудам колку е сѐ променето. Изникнале стотици хотели, начичкани еден до друг, улиците преплавени со илјадници туристи од сите страни на светот. Жителите на Бугарија имаат поделено мислење за градежната експанзија на црноморскиот брег, но факт е дека денес овој дел од Бугарија е навистина привлечен за туристи, пред сѐ за млади луѓе кои бараат добра забава. Ние, по пристигнувањето во нашиот хотел во Сончев Брег, веднаш се упативме кон плажата каде што имавме можност да се разладиме од пеколните горештини во мирните води на Црното море. Вечерта ја завршивме во ресторан, кој силно ечеше од живата музика, една чудна мешавина од поп, фолк, рок и, бугарски и српски турбофолк. Веројатно, за сечиј (не)вкус.

За разлика од Сончев Брег, Несебар е град кој крие долга историја и културно наследство. Всушност, тој е еден од најстарите градови во Европа, основан пред повеќе од 3.200 години. Тракијците се населиле овде на крајот на бронзената ера и му го дале името Мелсамбрија, а многу подоцна Словените почнале да го нарекуваат Несебар. Во 1983 година стариот град Несебар бил вклучен во Списокот на места од светското културно наследство на УНЕСКО. Тука имало повеќе од 40 цркви, денес се останати само 26, од кои поголемиот дел се претворени во музеи.

Вечерата беше резервирана за Варна, третиот град по големина во Бугарија, во еден интересен етно ресторан по име „Копитото", каде што ги запознавме нашите колеги-новинари од Данска и Финска кои исто како нас беа на слична тура низ Бугарија, а единственото место каде што во исто време и место бевме и двете групи беше токму Варна. Со нив разменивме искуства и споделивме импресии од патувањето.

Велико Трново

Дојде и последниот ден од официјалната програма. Заморот полека нѐ стигнуваше, но имавме уште една, последна цел пред нас - Велико Трново - уште еден стар град со богата историја и културно наследство. Патот до таму, започна веќе традиционално, со вокална изведба на Тони во нашето комбе, нели, за да започне денот убаво. Последниот ручек беше во истиот синџир на ресторани како и првиот, оној во Софија, ресторанот Штастилвеца, овој пат на тераса со прекрасен поглед кон Велико Трново.

Ручекот како веќе по обичај - убава храна проследена со многу вицеви и шеги, но и со некои длабоки и сериозни дискусии на најразлични теми. По ручекот, следуваше доста уникатно искуство во грнчарницата „Чупи, Купи" или во превод „Скрши, купи", каде сопственичката на дуќанот, Нина, изработува садови, употребувајќи сграфито техника на декорирање на керамички садови, кое е типично за регионот на Велико Трново.

Имавме можност да видиме како од чиста глина, рацете на Нина за неколку минути, вешто ја изработуваат формата на садот, како да е нешто најлесно на свет, толку симетрично и правилно. Беше фасцинантно да се просведочи процесот на создавање на оваа магија.

Еден од симболите на градот се Царевите кули кои се наоѓаат на ридот Царевец во стариот дел на градот. Водичот, кој беше вработен во локалитетот, нѐ поведе на обиколка низ тврдината. Бевме воодушевени од неговото познавање, од сите факти и преданија кои ни ги раскажа и тоа што имаше одговор на секое можно прашање. Изградбата на одбранбениот ѕид, кој стои и денес, почнала во ХII век. Тврдината имала три влеза, главниот влез кој бил заштитен со кулите на тврдината, вториот влез кој е познат како Мала порта и третиот влез, таканаречен Франкисерска порта, кој бил заштитуван од одбранбената кула позната како Балдвинова кула, која името го добила по латинскиот император Балдвин Фландриски, кој бил заробен од царот Калојан. Легендата вели дека по битката Балдвин бил заробен во оваа кула, каде што подоцна умрел. Посетителите може да се искачат на врвот на камбанаријата за да уживаат во прекрасниот панорамски поглед на градот.

Официјалниот дел од програмата заврши во селото Арбанаси, на 4 километри од Велико Трново. Тоа е археолошки музеј – резерват што е вклучен меѓу стотината најважни туристички дестинации. Последна наша вечера, во ресторанот на хотелот Арбанашки Хан, пред да си легнеме и рано наутро да тргнеме на долг пат за Скопје. Изненадени како времето летнало, споделуваме впечатоци, прераскажуваме случки и се смееме. Се договоривме дека повторно ќе се собереме во Скопје заедно со нашите пријатели од Бугарија кои ќе ги очекуваме да им ја покажеме и нашата убава Македонија, но на шега велиме, ќе ги носиме и во некој спа - центар, затоа што во Бугарија немавме доволно време да ги посетиме во хотелите каде што престојувавме.

Утрото тргнавме за Скопје, возејќи се низ живописните предели, богати со сончогледови полиња, кои не те оставаат рамнодушен и те тераат постојано да гледаш низ прозорецот. Си размислувам - колку е важно кога државата ги вреднува своите културни, историски и природни богатства и кога знае како со нив да му се пофали на светот. Искрено се надевам дека овој позитивен пример ќе се следи и кај нас, затоа што и Македонија е богата со природни и културни реткости и дефинитивно е дестинација која и тоа како може да биде интересна за странските, но и домашни туристи. Организација, промоција – тоа е тоа што треба да се преземе и од бројните најави да се премине на дело.

Текст и фотографии:
Марко Џамбазоски

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе