Извештајот на ХКЧП пак со критики

Чинија пире со 2 виршли ја делат 4 затвореници во „Идризово“, спијат на под, се капат со кофи, топлат вода во буриња…

Наместо на кревет во ќелија, спијат на под во ходник, водата ја греат во импровизирани буриња, а се капат со кофи. Понекогаш немаат ни вода. Посетата на претставниците од Хелсиншкиот комитет за човекови права нотираше повторно пропусти во најголемиот затвор во државава. Во затворот во Идризово во периодот кога е направена посетата имало 1.083 осудени лица, што укажува на пренатрупаност. Поради немањето вода, често се оставаат купишта неизмиени садови по кои се собираат инсекти и муви и се шири смрдеа. Во затворот се служи само 1 конзерва риба за двајца, 1 мал јогурт по човек за 3 оброци, една чинија пире со 2 виршли за 4 лица...

„Во затвореното одделение на КПД Идризово беше нотирана пренатрупаност во просториите за сместување, конкретно во блоковите 1, 4 и 7, каде беа затекнати затвореници кои спијат во ходник, на под, а во некои соби беа затекнати по 12 – 13 затвореници во една соба сместени на кревети на 3 ката. Тушевите во тоалетите во сите соби се сè уште импровизирани и направени од буриња, а во некои тоалети затворениците се тушираат со кофи. Осудениците кои спијат во ходник, немаат свој тоалет и мораат да ги користат тоалетите на осудените лица кои имаат соба. Целокупната електрична инсталација (струја) е отворена и претставува висок ризик за настанување пожар или друг инцидент. Импровизирани справи за греење на вода се користат од осудените лица кои, исто така, претставуваат ризик по нивниот живот“, се вели во Извештајот на ХКЧП.

Во крилото број е биле затекнати 7 осуденици, во 4. крило 5 осуденици, а во седмото крило 4 осуденици кои спијат на под. Еден осуденик од првото крило спиел на душек на под во една од собите, двајца осуденици во четвртото крило беа затекнати како спијат на 1 единечен кревет во ходник, а еден осуденик во четвртото крило спиеше на кревет кој немаше даски, па самиот поставил телевизор под душекот за да може да спие.

Еден од осудениците во седмото крило спиел на ќебе послано на под.

„Во целата зграда, а особено во блоковите каде беше забележана пренатрупаност имаше многу ниско ниво на хигиена. Дополнително, осудениците го информираа мониторинг тимот дека во изминатите две-три недели немаат вода поради што не можат да се тушираат, да одржуваат лична хигиена, ниту пак да си ги измијат садовите во кои јадат. Од тие причини во зградата се ширеше лоша миризба, а беа забележани и многу неизмиени садови во ходниците кај собите полни со муви и други инсекти. Во моментот на посетата температурата во градот изнесуваше 40 целзиусови степени. Во просториите на установата каде се сместени осудениците беше значително топло, но тие нè информираа дека од страна на директорот на установата не им е дозволено да внесат вентилатори, ниту пак им се обезбедени од страна на установата“, се вели во Извештајот од мониторингот во затворот во Идризово.

 Во четвртото крило беше забележан и скршен прозорец во ходникот кај собите, што може да им послужи на затворениците за самоповредување.

Мониторинг тимот им укажа на припадниците на затворската полиција веднаш да го отстранат прозорецот. Самиците во установата се во значително супстандардни услови со нечисти душеци, нечиста постелнина, влага, нечист тоалет, како и многу слаба вештачка светлина. Едно осудено лице кое беше сместено во самица нè информираше дека има влошена здравствена состојба, односно проблеми со крвниот притисок, поради што во еден наврат и се онесвестил. Тој се пожали дека неговата здравствена состојба не дозволува да биде сместен во самица. Приемното одделение во установата беше, исто така, затекнато во лоши хигиенски услови. Во просторијата имаше 18 кревети, а во моментот на посетата беа сместени вкупно 6 лица. Тоалетот во приемното одделение е со многу ниско ниво на хигиена и има туш и 2 тоалетни школки. Во тоалетот беа забележани кабли од струја што може многу лесно да предизвикаат пожар и повреди кај осудените лица, а во најлош случај да доведе и до смртни последици. Осудените лица побараа хигиенски средства за да можат да ја исчистат просторијата. Стариот дел кој служеше за сместување на осудените лица со третман за полуотворено одделение, е затворен. Осудениците се сместени во новата зграда која има приземје и 2 ката, а вкупниот број на лица е 240.

Иако нов објект, на приземјето беше забележана влага на таваните и ѕид кој се рони поради влажноста. Собите во оваа зграда ги задоволуваат стандардите во поглед на ширина, големина, светлина, влага, но осудениците имаа голем број поплаки поради недостигот од вода, како и фрижидери каде би можеле да ја чуваат храната за време на летниот период кога 20 температурите се многу високи, а имајќи предвид дека голем дел од нив земаат пакети со храна од надвор, бидејќи установата служи, на пример, само 1 конзерва риба за двајца, 1 мал јогурт по човек за 3 оброци, една чинија пире со 2 виршли за 4 лица итн.

Во новата зграда повторно се укажа на проблемот со недостигот од вода, а осудените лица сместени на вториот кат од зградата се пожалија дека воопшто немаат вода поради недостиг од притисок.

 Како позитивен напредок, директорот на установата ги издвои воведувањето на службен влез за вработените со цел обезбедување на нивната сигурност, секојдневен детален претрес на сите вработени при влез и излез на установата, 3 нови паркинг места за вработени, реконструкција на вратите и прозорците и воведување на кабелска мрежа во женското одделение.

Исто така, тој информираше дека во тек се подготовки за нова амбулантна просторија и нова стоматолошка ординација.

Препораките кои се дадени се итно преземање на мерки за решавање на пренатрупаноста во установата, итно преземање на мерки за изнаоѓање на решение за проблемот со водоснабдувањето, обезбедување на 3 оброци во текот на денот за сите осудени лица кои ќе ги исполнуваат нутритивните вредности предвидени со Законот за извршување на санкциите, установата да им обезбеди или да им овозможи на осудените лица да набават вентилатори во текот на летниот период кога температурите се значително високи. 

Овој извештај е подготвен во рамките на проектот „Елиминација на мачењето и нечовечкото постапување во затворите и установите за лишување од слобода", финансиски поддржан од Европската Унија.

За целите на проектот е склучен Меморандум за соработка помеѓу Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Управата за извршување на санкциите. Извештајот се базира на теренски посети од страна на претставничката од Хелсиншкиот комитет за човекови права – Ина Џугуманова, претставници од Македонското здружение на млади правници – Арбен Гудачи, како и над,ворешни експертки ангажирани од мониторинг тимот, психијатар – Марија Костадиновска и психотерапевт – Елисавета Секуловска.

Експертките беа ангажирани со цел проценка на потенцијалниот импакт на материјалните услови во затворите и установите за лишување од слобода врз лицата коишто престојуваат во овие установи. Проценката е спроведена преку обезбедување на психијатриско и психотерапевтско советување на осудените лица и разговор со стручните служби во казнено-поправните установи, пред сè, здравствените и социјалните работници.

Теренските посети беа спроведени во текот на месец јули 2021 година, како последователни посети на редовните кои мониторинг тимот ги спроведе во период од август до октомври 2020 година.

К.Д.

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе