Иновации

Четворица ученици од „Јахја Кемал“ прават бионичка рака на принципот „направи сам“

Тим составен од четири ученици од средното училиште „Јахја Кемал“ се подготвени да направат големи промени - бионичка рака или електронска протеза за лица со недостаток на горен екстремитет. Тимот Бионик е составен од Орхан Багашов, задолжен за дизајнот и електрониката, Тео Китановски за програмирањето, Борис Ночески за социјалните мрежи и Анамариа Илиева за изработка на веб-страницата.

Орхан при истражувањето за неговиот претходен проект - роботска рака, ги забележа високите цени на бионичките раце и реши следниот проект да му биде бионичка рака изработена со помош на 3Д печатење со поинаков пристап на технологијата за да се намали цената. Сегашната цена е околу 10.000 долари, а нашиот пристап овозможува производ за кој секој ќе може деловите да ги добие за 150-200 евра и дома на 3Д принтер да ја направи таа бионичка рака прилагодена на поединечните потреби.

„Потребни ни беа неколку месеци за да направиме истражување за тоа што најмногу им е потребно на лицата без горен екстремитет и како можеме да го решиме тој проблем. Прототипот го направивме на работилниците од Generation Unlimited - Младинскиот предизвик за дигитално решение за лица со посебни потреби од УНИЦЕФ. Ги поминавме првите два круга, сега се подготвуваме за третиот и имаме рок од три месеци да ја направиме првичната верзија на продуктот“, велат членовите на тимот Бионик.

Нивната целна група се лицата со недостаток на горен екстремитет кои во секојдневието се соочуваат со разни проблеми како пишување, интеракција со предмети, пишување на компјутер... Постојат бионички раце или електронска протеза за овие лица, но овие бионички раце освен цената, имаат поголем број на проблеми со кои се соочуваат лицата на кои им е потребна оваа протеза. Цената на овој производ едноставно значи дека е неприменлив во неразвиените земји и вградувањето на оваа протеза се сведува само на лица над 18 години поради растењето на нивното тело.

„Ако живееш во Македонија, потекнуваш од просечно домаќинство и си тинејџер, најверојатно не можеш да си дозволиш професионална бионичка рака. Но ние сакаме да го смениме тоа и да направиме бионичка рака која ќе биде достапна за секој кој има потреба од неа. Се фокусиравме да направиме бесплатна бионичка рака поради тоа што сметаме дека најголемиот проблем е нејзиното комерцијализирање. Нашиот модел подразбира дека секој кој има потреба од бионичка рака ќе може да ја избере својата големина на рака, да ги симне бесплатните модели за 3Д печатење преку Интернет, да ја испечати конструкцијата на 3Д печатач, да ги нарача останатите делови од Интернет и да ја состави сам без никакво претходно искуство во период од 6 - 7 часа. 3Д печатењето станува сѐ подостапно за сите, но доколку некој нема 3Д печатач и не знае како да ракува со него, би можел да ги нарача деловите од фирми кои нудат услуги за 3Д печатење“, велат членовите на Бионик.

Според нив ова е решение на проблемите на досегашните бионички раце поради тоа што материјалите за изработка се поевтини, не се плаќа за транспорт, за работна рака и за профитот на производителот и добавувачот.

Претпоставената цена за изработка на една таква бионичка рака поединечно прилагодена на возраста може да се изработи за 150 до 200 евра, што е за околу 50 пати поевтино од наједноставните бионички раце на пазарот. Оваа идеја е отворена и секој кој сака да помогне ќе може да ја подобри идејата.

„Како што работиме на проектот постојано добиваме идеи за подобрување на бионичката рака и идеи за нови проекти, но се трудиме да бидеме реални за времето што го имаме на располагање. Сакаме да направиме нешто што би можело да му користи барем на еден дел од општеството и да ги поттикне и освести останатите дека луѓето кои ги забораваме имаат проблеми. На предизвикот Generation Unlimited ги поминавме првите два круга и добивме 1.000 долари за да го развиеме продуктот и да се подготвиме за третиот круг, а се надеваме дека ќе поминеме до глобалното ниво и ќе имаме шанса да им помогнеме на лицата со недостаток на горен екстремитет“, велат од Бионик.

  

 

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе