сабота, 20 април 2024

САД ја повлекуваат војската од Нигер

САД ќе ги повлечат своите војници од Нигер, изјави доцна синоќа извор за Ројтерс, додавајќи дека е постигнат договор меѓу американскиот заменик државен секретар Курт Кембел и раководството на Нигер.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Малку повеќе од илјада американски војници се стационирани во Нигер.

Американската војска во Нигер оперира од две бази, вклучително и база за беспилотни летала позната како Воздушна база 201 изградена во близина на Агадез во централен Нигер за повеќе од 100 милиони долари.

Од 2018 година, базата се користи против милитантите на Исламската држава и организацијата Џемаат Нусрат ал Ислам вал-Муслимин, која е огранок на Ал Каеда во Сахел.

Минатата година војската ја презеде власта со државен удар во Нигер. До пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција.

Сепак, новата влада во Нигер им се придружи на хунтите во соседните Мали и Буркина Фасо и го прекина воениот договор со поранешните западни сојузници.

Воената хунта во Нигер го напушти регионалниот политички и економски блок ЕКОВАС и одржува блиски врски со Русија.

Во наредните денови ќе се разговара за тоа како ќе изгледа повлекувањето на војниците, изјави извор за Ројтерс под услов да остане анонимен. Изворот рече дека и покрај овој чекор, ќе продолжат да постојат дипломатски и економски односи меѓу САД и Нигер.

Њујорк тајмс претходно објави дека повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци.

Минатиот месец, владејачката воена хунта во Нигер рече дека го повлекува, со моментален ефект, воениот договор со кој се дозволува воен и цивилен персонал од американското Министерство за одбрана да дејствува во земјата.

Пентагон потоа соопшти дека бара разјаснување, додавајќи дека американската влада имала „директни и искрени“ разговори во Нигер пред таа објава на воената хунта и дека продолжува да комуницира со владејачкиот воен совет на Нигер.

Стотици луѓе излегоа на улиците на главниот град на Нигер минатата недела за да побараат заминување на американските војници од земјата, откако владата дополнително ја промени својата стратегија прекинувајќи го воениот договор со САД и добредојде за руските воени инструктори.

Осум државни удари во Западна и Централна Африка во текот на четири години, вклучително и во Буркина Фасо, Мали и Нигер, поттикнаа зголемена загриженост за демократското назадување во регионот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ