За 6 години 17 осудени лица се потпишале за заеднички живот

Брак зад решетки, и во затворот „Идризово“ се кажува судбоносното „да“

Љубовта е силна и таа не познава граници, а ниту затворските решетки не се пречка за да може да се каже судбоносното „да". Ако во реалноста брачните парови трошат големи суми пари за венчални фустани, одела, злато, украсни декорации... и свадбените церемонии ги подготвуваат со месеци, а можеби и година, во затворот „Идризово" склучувањето брак зад решетки се организира поинаку. Малата скромна просторија се уредува и се украсува да може да го доближи реалниот амбиент, има дрвени столчиња, една икебана, Книга на венчани, младите што треба да стапат во брак, нивните сведоци и неколку роднини.

За да ве потсетат дека сте во затвор тука се и вооружените затворски чувари.

Интерес за склучување брак во затворот има и кај мажите и кај жените, а бракот се склучува со лица со кои осудените претходно живееле во вонбрачна заедница или имале оформено врска што ја прекинало сторувањето на кривичното дело.

Според статистиката во најголемиот затвор во државава од 2014 година до денес склучени се вкупно 17 брака.

„Во почетокот на оваа година склучен е еден брак, во текот на минатата година склучени се 3 брака, односно се оженил еден осуденик и две осуденички, во текот на 2018 година склучени се вкупно 3 бракови и сите тројца се мажи осуденици кои се ожениле. Склучени бракови нема само во 2017 година. Во 2016 година склучени се 5 брака, односно се ожениле четворица осуденици и една осуденичка. Во годината пред неа за време на отслужување на затворската казна се ожениле двајца осуденици, а во 2014 година склучени се вкупно 3 брака“, велат од затворот во Идризово за МКД.мк.

Осудениците што одржуваат врска и релација со своите партнери велат дека им е полесно да го минат времето зад затворските решетки. Склучувањето брак е дел од програмата за ресоцијализација на осудените лица во најголемиот затвор во државава.

„Никогаш не верував дека сеќавањето е непотребно чување на сетилните списоци од минатото. Сега седнат во својот кревет во затворската ќелија, се обидувам да се сетам, дури и со напрегање и со затворени очи да го почувствувам минатото. Почнав да чувствувам дека ми е жал за заборавените нешта. Сепак некои нешта се уште траат и го исполнуваат времето меѓу будењето и заспивањето што го поминувам во затвор. Дури некои настани од минатото ги гледам во сеќавањето поблиску отколку кога ги бев видел во стварноста. Тоа беше момент кога сфатив дека една од карактеристиките на потполно зрела личност е способноста да влезе во долготрајна интимна врска и потоа долго да ја оживува“, напиша осуденик што реши да се ожени додека е на издржување затворска казна во затворот во Идризово.

Неговите емоции за тоа како е да се биде осуденик што додека е во затвор ставил потпис за брачен живот, ги испиша низ страниците на осуденичкиот весник „Искра“, кој во неколку броја почна да излегува од неодамна.

Овој осуденик вели дека ако во душата си позитивен и полн со љубов, тогаш врската со саканата во животот ќе биде успешна и ќе му носи многу задоволства. Неговиот став е дека луѓето се раѓаат непотполни и дека потребни се едни со други за да станат целина.

„Од животот научив дека успешните односи носат душевен мир, подолг живот, здравје, среќа и богатство. Најсериозно сфатив дека треба да градам и одржувам извонредни врски со најважните луѓе во мојот живот. Затоа денес во затворската просторија наречена „видувална“ пред овластен матичар го кажавме судбоносното 'да' со мојата сакана и ја крунисавме нашата врска со брак. Бракот ни беше потврден со потписи на двајца сведоци и со громогласен аплауз од најблиските роднини дојдени во затворската просторија да ни честитаат за нашата венчавка, свеченост за две млади лица што се сакаат“, напиша осуденикот.

Инаку, настанот за којшто тој раскажува се случува во декември, минатата година, пред да се појави коронавирусот и пред да почнеме да живееме со препораките и мерките што ни ги наметна оваа болест што го зафати целиот свет. Во периодот на пандемијата овие венчавки не се одржуваат, а ќе продолжат кога сè ќе заврши.

Овој човек низ речениците преку кои ги опишува своите емоции и среќа за тоа да стапи во брак дури и зад решетките во затворот, наоѓа простор за да им се заблагодари и на вработените во затворот во „Идризово“ што му ги обезбедиле сите услови за неговата венчавка.

Социјалниот работник Тони Колевски вели дека самиот чин на склучување на брак во установата укажува дека решетките, ѕидовите и онаа голема сина капија која ќе ве пречека кога ќе стасате пред влезот во најголемиот затвор во државава, не претставува пречка да се обновува, развива и негува односот меѓу партнерите, нивните деца или други блиски членови на семејството, напротив нивната цел е да се развијат семејните односи и нивното зајакнување.

Постапката за склучување на брак почнува со поднесување на молба за склучување на брак до социјален работник, па потоа се собира потребната документација од надвор, на лицето што сака да склучи брак му е дозволено да направи список со лица што сака да присуствуваат на церемонијата (ова е во услови кога немаше коронавирус).

Откако ќе се комплетира постапката, терминот се договара со надлежните од Матичната служба во Маџари. Откако ќе заврши церемонијата и ќе се стават потписите, по претходно одобрение од страна на комисијата за погодности и на директорот, на предлог на социјалниот работник брачниот пар добива наградно слободно видување во траење од 4 часа.

Младиот брачен пар може по сопствен избор во истата просторија во која склучиле брак и да прослават, да си разменуваат подароци, прстени, да донесат храна, пијалаци и други работи дозволени со Куќниот ред на установата.

По завршувањето на оваа церемонија, секој си заминува на своја страна. Осуденикот повторно зад затворските решетки, а сопругата или сопругот со која/кој се венчал на слобода. Им останува само да живеат со спомените за тоа дека и во затворот има убави моменти.

Тие продолжуваат да живеат за следното видување, како и за средбата надвор од затворските решетки, која е почеток на заеднички брачен живот во вистинската смисла на зборот. 

                                                                                                                   К.Додевска

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе