МАЛИТЕ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА (4)

„Ние, Бошњаците, би требало да живееме најдобро од сите народи во Македонија, но практиката го покажува спротивното“

Бошњаците во Македонија, една од помалку познатите етнички заедници, со години се борат да го зачуваат својот идентитет и таа нивна борба не е премногу гласна, но е истрајна. Ѝ остануваат лојални на државата, но и решителни во зачувување на својот идентитет.

Според пописот од 2002 година бројот на Бошњаците во Македонија изнесува 17.018 или вкупно 0,84 проценти од вкупното население во државата. Но, според тврдењето на некои претставници од оваа етничка заедница нивниот број тогаш изнесувал и до 40 илјади. Голем број од нив на пописот се изјаснувале како Црногорци, Санџаклии и Муслимани. Денес нивниот број е намален поради иселувањето, претежно во Западна Европа.

Тргнувајќи на пат за иселување во Турција уште во педесетите години од минатиот век, голем број Бошњаци од Санџак остануваат и се населуваат во испразнетите турски и торбешки села во Македонија, најчесто купувајќи ги имотите на Турците и Торбешите кои се иселувале од Македонија.

Нела Тариќ - Девојче во традиционална босанска носија

Правнo регулирани, но во реалноста со многу проблеми

Бошњаците во Македонија се уставотворен народ. Со спогодбата помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина од 2011 година, двете страни се обврзуваат дека ќе овозможат и ќе ја унапредат соработката помеѓу двете земји во областа на образованието, науката и соработката меѓу универзитетите. Особено е важно што со овој договор се признаваат факултетските дипломи меѓу двете земји.
Исто така друг важен документ е потпишаниот Протокол за соработка во областа на образованието, со кој учениците го добија правото да запишуваат основно, средно и високо образование под истите услови што важат за државјаните на двете земји. Граѓаните од двете земји во Македонија и во Босна и Херцеговина можат да патуваат само со лични карти.
Дека правно сѐ е регулирано како што треба потврдува и младата активистка Алмира Папиќ, уредник на списанието „Шадрван" и автор на првиот македонско-босански речник.

Шадрван - магазин на Бошњаците во Македонија

Државата ни ги има дадено сите права, дури сме и уставотворен народ, но ние тие права по сѐ изгледа не знаеме да си ги побараме". И покрај фактот дека во Македонија според некои процени живеат околу 30 илјади Бошњаци, а според последниот попис во 2002 година има 17.018, тие досега биле поделени во 4 политички партии. Ако го земеме предвид фактот дека сме имале четири политички партии, ние би требало да живееме најдобро од сите народи што живеат во Македонија, но практиката го покажува спротивното", вели таа.

Македонија дефинитивно е држава во која Бошњаците заедно со другите граѓани ја преземаат одговорноста за сегашноста и иднината на општеството во кое живеат. Сепак, според неа, предизвиците што ги има бошњачката етничка заедница за нејзиниот опстанок на овие простори се малку поголеми во однос на другите етнички заедници.

Алмира Папиќ Ние како народ сме раштркани низ целата земја и како такви сме поизложени на стихијна асимилација или иселување. Бошњаците во Македонија не се така многубројни како Албанците, на пример, зад себе немаат силна матична држава што би се ангажирала за нив како Турците, не се само културна заедница како Торбешите, и конечно, не се во поголем број населени на една или неколку општини, како Ромите и Србите. Оваа посебност на Бошњаците прави тие, за остварување на културните, образовни или други права, тие да мораат да се организираат на уште поголемо ниво во сите сфери од општественото живеење", вели Папиќ.

Друг горлив проблем е проблемот што го имаат всушност сите етнички заедници под 20 проценти во Македонија, а тоа е недоволната застапеност во јавната администрација. Во јавниот сектор активни се 1.299 институции во кои работат 109.304 лица, од нив 429 се Бошњаци, моменталната застапеност е 0,39 проценти, што е далеку од правичната застапеност. Тоа не е ниту половина според методологијата воспоставена со Охридскиот рамковен договор и по која застапеноста треба да изнесува 0,84 проценти. Што се однесува до раководните места, состојбата е уште полоша. Има и голем број институции во кои нема ниту еден вработен Бошњак.

Првиот Македонско-Босански речник

Според Алмира Папиќ конкретни проблеми се и примената на босанскиот јазик во образованието, како и унапредување на културата, историјата и традицијата, едукација на наставниците и издавањето учебници на босански јазик. Бошњаците бараат формирање лекторат за босански јазик пред отворањето катедра за босански јазик во рамките на отсекот словенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески" во Скопје. Од 2004 започна изучувањето на изборниот предмет „Јазик и култура на Бошњаците", со вкупно 72 часа годишно. Се бара овој предмет да стане задолжителен.

Наставата на босански јазик предуслов за зачувување на идентитетот

За тоа со какви проблеми се соочуваат при изведувањето на наставата на босански јазик посведочи и наставничката Изета Бабaчиќ од скопското село Љубин, која воедно е и претседател на КУД „Диванхана", кое е едно од двете културно-уметнички друштва на Бошњаците во Македонија.

КУД „Диванхана"

Нашето друштво е основано во месноста Љубин, Општина Сарај, населено од припадници на бошњачката заедница. Во ова место почна иницијативата за настава на босански јазик во основно образование и затоа и не ни беше тешко да почнеме со активности што ќе ја промовираат бошњачката култура. Младите се со стекнати знаења за својот јазик и култура и затоа почнавме и со овој начин на работа за да ја зголемиме својата присутност и визуелност во македонското општество. Познавањето на националниот мелос, носија, фолклорната игра, воопшто етнокултурата се многу ефикасни и делотворни во развивање на свеста“, вели Бабачиќ.

Според неа, поради специфичната етногенеза на Бошњаците, повозрасните се задржале на народната култура и обичаи, кои постепено исчезнуваат или се модифицираат под влијанието на културите што се во непосредна близина на живеењето. Својот стандарден јазик немале можност да го изучуваат, па народниот босански јазик се деформирал со влијанија од македонскиот јазик, а поради тоа за зачувување на идентитетот потребна е наставата на босански јазик. Знаејќи го ова, и покрај сите проблеми што ги имале на почеток, не се откажале.

Процесот се одвиваше во многу тешки услови, без стандардни учебници и обука на наставниците. Бевме многу упорни, верувавме во вредноста на образованието на мајчин јазик како столб за зачувување на идентитетот и успеавме, едноставно со функционирање на правниот систем. Сите меѓународни и законски права беа на наша страна. Тоа конечно се оствари и станавме рамноправен дел од македонскиот образовен систем. Почнуваме од прво одделение, но задоволни сме, процесот тргна според образовните стандарди и критериуми“, истакнува Бабачиќ.

Наставата на босански јазик првпат во ова училиште, а со тоа и првпат во Македонија, почнала да се изведува во 2006 година и, како што вели наставничката, заедно со учениците поминале низ еден тежок процес, но придобивките биле големи, како за зачувување на идентитетот, така и за создавањето лојални граѓани што лесно ќе се интегрираат.

„Заедно со учениците поминавме низ еден тежок процес, но никогаш не ги забораваме нивните лица со одраз на среќа, гордости почит на заедничките приредби кои ги подготвувавме и за прв пат изведуваа точки со рецитации од познати дела од бошњачката книжевност, севдалинката и народните фолклорни игри. Значи во нив било потикнато едноставно и искрено она што го носеле со своето потекло и како наследници на бошњачките мухаџери или иселеници.“, нагласува таа.

Дека Бошњаците се лојални, примери има многу. Досега нема некој меѓуетнички инцидент во кој една од страните би биле Бошњаците. Тие му остануваат верни на својот идентитет и на државата во која живеат.

Ориентализмот, убавата песна, раатот и дружбата со испиеното кафе, чаршиите во секој поголем град, Сараево со најубавата „Баш чаршија“ и Скопје со најголемата „Стара чаршија“ на Балканот, се дел од заедничките нешта на Македонија и Босна. Но она што најмногу ги поврзува двете земји дефинитивно се Бошњаците од Македонија, односно македонските Бошњаци или како што народот знае да каже кога некој му е мил, тоа се „нашите Бошњаци“.

Милан Миличевиќ

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе