Таму каде што жичарниците не се во функција

Безбедно фрирајд скијање со Шар аутдорс

Ако сте скијач или бордер, зима, планина, снег, сонце и чист воздух веднаш ве асоцираат на авантура и хедонизам. Физичка активност, радост и умствено опуштање.

Иако скицентарот Попова Шапка сè уште официјално не ја почнал скијачката сезона, за дестинација може да ја одберете Шар Планина. Таму жичарниците и скилифтовите сè уште не се во функција, а и поголем дел од снегот е издуван од патеките. На прв поглед, можности за скијање нема.

Меѓутоа, снег има надвор од патеките! А многу повеќе има на пределите што не се лесно достапни и не се видливи ако се ограничувате на јужната страна, каде што е позициониран центарот. А за да дојдете до нив, може да одите турно (touring) или да се движите со ратрак (snowcat). Тука на сцена стапува Шар аутдорс (SharOutdoors), оператор за фрирајд услуги за Попова Шапка и Боговиње. Оператор со 12 лиценцирани скиводичи, 3 ратраци и комплетна скиопрема. Можеби најважно е да се потенцира фактот дека операторот поседува целосна опрема за лавинска безбедност и безбедност при скијање во длабок снег.

Безбедноста е едно од главните начела врз кои се темели успешната понуда во активниот туризам, па така и Шар аутдорс, со поддршка делумно обезбедена преку програмата ИМЕ, набавиле опрема за лавинска безбедност (ербег ранец, трекер за лоцирање, сонда и лопата) и поминале низ сеопфатна обука на сите планински водичи за користење на опремата. Набавувањето на ваквата опрема очекуваат да донесе повеќе фрирајд скијачи и сноубордери на Шара, домашни и странски туристи.

Тој ден нашиот избор за движење беше ратрак. Пред да влеземе и да тргнеме, сите добивме ербег ранец, трекер, лавинска сонда и лопата, а водичите направија проверка дали апаратите се вклучени и дали емитуваат сигнал. Иако сите очекуваме само добар снег и добро скијање, без да помислуваме на незгоди што може да се случат, сепак безбедноста и сигурноста се на прво место и превентивно се дејствува.

Водичите се врвниот авторитет на планината и тие ги поставуваат правилата. Тие ја прават процената за состојбата на снегот, за можностите што ги нудат временските прилики, ги определуваат пределите, падините и линиите што ќе се возат и сето тоа со цел да овозможат одлично искуство тој ден, но и безбедно скијање.

Во нашата група имаше 12 скијачи, а бевме придружувани од 3 водичи. Задолжително, еден од водичите вози прв и со тоа ја тестира патеката и, доколку е потребно, алармира за одредени ризици, или дава сигнал дека групата може да следи. Се определува колку групата може да се рашири на падината и дали се вози низ шума или на отворено. По групата се движеа останатите двајца, кои ги следеа скијачите и доколку е потребно интервенираа за сите заедно безбедно да стигнеме до најниската точка. А таму, одново и одново, нè пречекуваше ратракот, подготвен за уште едно качување и за уште една нова линија и ново скијачко задоволство.

Временските услови беа одлични и дента остваривме вкупно 5.000 метри висинско спуштање. Во зависност од временските услови и карактеристиките на снегот, од Шар аутдорс ни укажаа дека дневно, секоја од турите остварува од 3.000 до 6.000 метри висинско спуштање.

Во зависност од искуството и скијачките знаења на учесниците, се делат групите во различни ратраци и се адаптираат местата низ кои ќе се движат, односно линиите што ќе се возат. Сепак, од учесниците се очекува добра физичка спремност и кондиција, за поголема компактност и безбедност на целата група.

За одржување на енергијата, меѓутоа и за комплетирање на искуството, на средина од денот беше организиран ручек на едно од планинските бачила, со добра домашна пита, кашкавал и кисело млеко.

На крајот на денот, полни со импресии и презадоволни ја напуштивме Шапка со уште една асоцијација за незаборавно и безбедно скијање - Шар аутдорс, оператор за фрирајд услуги за Попова Шапка и Боговиње.

Гоце Новачевски

 

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе

Во време кога пандемијата на коронавирусот и понатаму е вон контрола, најдобар економски исход на кој би можеле да се надеваме е рецесија која ќе биде подлабока од онаа со финансиската криза во 2008 година. 

повеќе