Бетонизацијата околу Езерото продолжува

Без проверка за потеклото на капиталот во Маврово влегоа инвеститори од Албанија и Косово

Таму каде што ВМРО-ДПМНЕ почна, СДСМ продолжи. Проектот приватно село од 87 куќи под хотелот Радика во Маврово почна да се црта по општинските канцеларии на Општината Маврово Ростуше уште кога градоначалникот беше од ВМРО-ДПМНЕ, Мукрем Мехмеди, а продолжи со градоначалникот од СДСМ, Медат Куртовски. Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) истражуваше за сопствениците на оваа инвестиција – еден од најбогатите луѓе од Албанија и еден од најбогатиоте луѓе од Косово.

Александар Пило, банкар од Албанија, како мнозински сопственик, ја основа компанијата „Радика ресорт“ откако во 2006 година за 700 илјади евра го купува стариот имот на загубарот Железара, хотелот „Радика“, а дополнително низ годините ќе се стекне со 170.000 квадрати државно земјиште. Во сопственичката структура на „Радика ресорт“ се споменуваат и имињата на Моника Мило, Малтин Коркути, Артан Санто, кој беше и генерален директор и водечки акционер во „Крединс бaнк“. Во 2014 година Артан Санто е ликвидиран во мафијашки стил среде Тирана. Убиството го следат многу контроверзи пропратени шпекулации за вмешаност на организираниот криминал. Мотивите и нарачателите се енигма до денес бидејќи албанската полиција не бележи напредок во истрагата. Од 2013 во ресортот има нов партнер. Тоа е фирмата „Алкора“ од Тирана во сопственост на извесен Артур Синани, албански бизнисмен чии деловни активности не се познати во јавноста. Од 2013 до 2017 Пило и „Алкора“ заедно го водат ресортот.

Пило е еден од најбогатите 10 Албанци во државата. Поседува медиуми, шопинг и забавни центри на најатрактивните локации во земјата, фирми за финансиски и банкарски услуги, а преку фирмата „Емигрос“ врши и други активности, како инвестиции на крајбрејжјето во Албанија. Сопственик е на удели и член е на Управниот одбор на „Крединс банк“, првата приватна банка во Албанија која настана со приватизација на државната банка. Некои од нејзините најистакнати лица во првите години на инвестицијата се нашле во сопственичката структура.

Од 2017 година нов сопственик е Шериф Рамука, косовски стопанственик, омразен кај еколошките активисти поради неговите зделки со малите хидроелектрани во Косово. Истата година во Тирана се прави друга зделка: Шериф Рамука ги купува сите удели од Артур Санини во албанската фирма „Алкора“. Од Централниот регистер во Косово може да се види дека 43-годишниот Рамука е сопственик е на „Алба груп“, конзорциум кој се бави со градежништво, ископ на руда, транспорт, инвестира во мали хидроелектрани.

ИРЛ открива дека првите одобренија за градба се дадени уште во 2017 година, неколку дена пред локалните избори. Тогашниот градоначалник непосредно пред изборите наплатил комуналии за 22 објекта од предвидените 87.

Новиот сопственик на „Радика ресорт“ доаѓа во време кога статусот на Националниот парк Маврово не е редифиниран и не се исцртани забранетите зони за градење. Но тоа никој не го прави од 1952 година.

Шериф Рамука еден месец откако го презема ресортот Радика, поднесува барање за изградба на 10 куќи. Барањето го поднесува врз основа на постоечки урбанистички план за село Леуново донесен од општината Маврово и Ростуше. Тогаш општината ја води Мукрем Мехмеди од ВМРО-ДПМНЕ и ги одбројува последните месеци од неговиот мандат. Градоначалникот дозволата ја потпишува само два дена пред локалните избори, на 13 октомври 2017 година.

Потоа општината ја презема градоначалникот Медат Куртовски од СДСМ, а под хотелот Радика  почнува да се градат првите десет куќи.

Планерската куќа од Гостивар „Полог проект“ изработува Архитекстонско-урбанистички проект (АУП) со намена Б5, односно хотелски комплекс и изградба на 87 куќи. Архитектонско-урбанистичкиот проект е доставен до градоначалникот на Маврово-Ростуше и во отсуство на урбанистички план, тоа е документот врз основа на кој инвеститорот бара дозвола за градба на останатите куќи од проектот „Радика вилиџ“. Градоначалникот Куртовски на 31 октомври 2018 година го отвора патот за багерите на Шериф Рамука и тој продолжува да го гради туристичкото село покрај Мавровското Езеро.

Кога градежната офанзива добива поголеми размери, локалците и сопственици на викендици од Леуново забележуваат дека тој дел од мавровскиот крај неповратно ќе се бетонизира и пишуваат писмо до 20 институции и организации. Никнуваат огромни градби во близина на брегот на езерото, онаму каде што не е дозволено според котите за нивото на езерото определени од ЕСМ.

Кон крајот на 2020 година Рамука бара нова дозвола за градба на уште 22 куќи. Документацијата ги поминува сите контролни фази со десетина институции кои се вклучени при издавање на градежна дозвола. Општината констатира дека инвеститорот го завршил техничкиот и бирократски дел и во јули годинава му дава пресметка за да плати комуналии.

Водејќи се од претходното искуство, кога инвеститорот ги плаќа комуналиите, а дозволата за градба градоначалникот ја потпишува во рок од 10 дена, Шериф Рамука одлучува да почне да гради без официјалното одобрение за градба. Надевајќи се дека во меѓувреме сигурно ќе стигне.

Но, тогаш во медиумите се појавува напис дека покрај Мавровското Езеро за две години се изградени 20-тина викенд куќи, а инвеститорот планира вкупно 87. Градоначалникот е под притисок на постојани прашања од новинарите, кои бараат одговори како и под кои услови издава дозволи за градење.

Притисокот врз градоначалникот го засилуваат и мештаните кои бараат да се стопира градежната експанзија, а се ближат и локалните избори. Градежен инспектор од општината издава решение за уривање на 9 куќи. Истиот инспектор, Ќирко Џуковски, претходно ја потпишал и дозволата за градба. Решението за уривање е издадено, никој не урива, а инвеститорот си продолжува со градењето.

По издавањето на решението за уривање, гостиварската полиција поднесе и кривична пријава против Шериф Рамука за бесправно градење. Основното јавно обвинителство отвори и предистражна постапка за овој предмет.

„Не можам да разберам зошто ова се прави, бидејќи јас ги имам сите документи и стојат и кај мене во архива, а ги има и општината. Како би можел да градам 87 викендици без дозвола, без ништо. Можеби за една викендица ќе го направиш тоа, но 87 викендици не се шала. Јас сум сериозен инвеститор со сериозна компанија и инвестирам милиони. Ова го нема никаде, да платиш толку пари, а да не ти дадат дозвола да градиш. Ова само во Маврово го има“, изјави за ИРЛ Рамука.

Приказната продолжува.

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе