Иновативен начин за штедење и инвестирање на средства

Првата „банка“ во земјава базирана на дрвја

Пандемијата со коронавирусот, како ништо претходно, силно го нагласи значењето на здравјето. Додека климатските промени предизвикуваат негативни последици врз здравјето на глобално ниво, сѐ погласни се напорите на човештвото за нивно ублажување, со оглед дека не е можно целосно да се запрат.

Фондот за иновации и технолошки развој против климатските промени се бори преку поддршка на иновативни проекти. Еден од нив, прворангиран на неодамнешниот јавен повик за справување со климатските промени, е проектот Банка од дрвја (Bank of trees), кој нуди иновативен начин за штедење и инвестирање средства преку креирање на првата „банка“ базирана на дрвја.

„Проектот е иновативен начин за штедење/инвестирање на средства преку креирање на првата 'банка' базирана на дрвја, 'банка' што има цел да апсорбира јаглерод диоксид од атмосферата, да ги зачувува природните шуми, а во исто време да генерира профит за нејзините корисници“, појаснува Михаил Стевчев, основач на Банка од дрвја, кој инаку е софтверски инженер со работно искуство во интернационални стартап-компании.

Корисникот го отвора својот депозит со купување на дрвја во банката, која се грижи за дрвјата за предефиниран надомест. По продажбата на дрвјата Банката од дрвја го враќа штедниот влог на корисникот со пресметана камата, при што каматните стапки се повисоки од стандардните депозити, појаснуваат одговорните.

Платформата нуди два начини на штедење: 

  • Класично штедење - однапред плаќање на целата сумата за оддржување (за девет години), овој депозит генерира поголема добивка по завршувањето.
  • Постепено месечно штедење - зголемување на штедниот влог на месечно ниво (плаќање на цената за оддржување на месечно ниво во рок од девет години).

„Нашата долгорочната визија e да се направи јаглерод диоксид неутрална крипто-валута базирана на брзорастечки шуми. Целта на валутата е да може да се користи за секојдневни трансакции“, вели Стевчев.

По долгогодишно спознавање на можностите за инвестирање во насади од брзорастечки дрвја пауловнија и сплет на околности, тимот во 2018 почнува да ја развива идејата. Почнуваат со премисата: „Ако се толку добри брзорастечките дрвја, зошто досега никој нема направено инвестициски фонд базиран на дрвјата”.

„Денешниот концепт e резултат на повеќегодишно истражување. Во светот постојат неколку слични компании кои работат со преголеми суми за инвестирање. Позицијата на Бенк оф трис наспроти овие компании е тоа што работи со мали суми на инвестирање и процесот на инвестирање/штедење е автоматизиран, може да се изврши онлајн“, појаснува основачот Стевчев.

Банката првите насади од брзорастечкото дрво пауловнија ќе ги подигне во Радовиш, а планираат истото да го сторат на повеќе локации низ Македонија во зависност од растот и потребите на компанијата.

„Едно дрво произведено од банката зачувува четири дрвја во природата. Еден хектар дрвја апсорбираат 600 тони јаглерод диоксид годишно. Корисниците заштедуваат пари и придонесуваат во борбата против глобалното затоплување“, оптимистички споделува Стевчев, кој појаснува дека на веб-страницата bankoftrees.net има поставено форма за регистрација на корисници што би сакале да инвестираат/штедат во банката и/или одблиску да го следат развојот на платформата.

Инаку, тие се „виновници“ за Treebanks.com  - иницијативата за да се засадат милион дрвја во Македонија.

„Засадуваме дрвце за секоја направена резервација, купена маичка или сет лампиони, преку нашите партнери Booking.com, Kiwi.com…. Практично нашиот тим сади дрво за беспари, единствено што треба да направат корисниците е да појдат на Treebanks.com и да го одберат логото од нивната омилена палтформа за резервирање. До сега во Македонија имаме засадено 1.700 дрвја на четири различни локации со над 90% успех“, вели Стевчев.

Поддршката од ФИТР ќе го забрза развојот на плаформата, сметаат одговорните на проектот.

„ФИТР ќе овозможат да се изработи правна рамка со цел максимално да бидат заштитени банката и корисниците заедно со нивните инвестиции. Банката e наменета за интернационалниот пазар, па дел од средствата од ФИТР ќе ги искористиме за изработка на „go to market“ стратегија“, вели Стевчев.

Проектот доби и специјална награда - студиско патување во Израел кое ќе вклучи можност за средба и размена на искуства со водечки компании, акцелератори и хабови во областа на високата технологија и одржливост. Наградата ја обезбедува Кајама центарот за одржлив дизајн од Израел и Министерството за надворешни работи на Израел.

„Специјалната награда од ФИТР, можноста Бенк оф трис да учествува на Стартап-нација & менторство во Израел, ќе ја искористиме како можност да ја валидираме идејата во еден од најразвиените стартап екосистеми, додатно патувањето ќе го искористиме како можност таму да ги најдеме првите инвеститори/клиенти во првата банка од дрвја“, вели Стевчев.

Иако засега се мала компанија што на глобалните еколошки проблеми им се спротивставува со иновативни, едноставни и моќни концепти, се надеваат на иднина исполнета со социјално претприемништво и циркуларна економија. 

Сметаат дека одлуката надлежните за животна средина да ги адресираат сопствените пораки на англиски е погрешна. Порачуваат дека доколку надлежните, односно државата, стане водач во спроведувањето на мерки за зачувување на животната средина поединците самоиницијативно ќе почнат да ги следат, и Македонија, како што велат, поради големината може лесно да стане пример во светот за првата јаглерод-диоксид неутрална држава.

Желбите и напорите се едноставни и филантропски! Посакуваат надлежните да спроведуваат едноставни политики, како на пример:

 1. Секој граѓанин на Македонија да го меша своето кафе со метална лажичка;

 2. Секоја хартија искористена од државна институција да биде од рециклирана хартија;

3. Бирократија без хартија …

                                                                                                                           Х.С. 

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе