Клучно е репрогласувањето на НП Маврово

Балканскиот рис се штити само декларативно, треба да се заштитат подрачјата во кои живее

Иако се смета за национален симбол и се наоѓа на монетите, балканскиот рис, освен декларативно, не се штити од страна на државата. За да постигнеме заштита, потребно е да се заштитат подрачјата во кои живее, се движи и размножува, со фокус на националниот парк Маврово, порачува Ана Чоловиќ Лешоска, координаторка за политики во Светскиот фонд за природа (WWF) и извршна директорка на Еко-свест.

Според неа, балканскиот рис е критично загрозен, па итно треба да се преземат мерки за да се заштити доколку сакаме да опстои во земјава. Тој се наоѓа на „црвената листа“ и според последните истражувања иако има мал пораст на неговата популација, ризиците за неговото преживување остануваат големи.

Препораките на Бернската конвенција ја препознаваат важноста и итноста за поголема легална заштита на Балканскиот рис, но, како што вели, Чоловоќ Лешоска, за жал, националниот парк Маврово сè уште не е репрогласен и нема закон, а со тоа нема ни мерки за заштита и план за управување.

„Дополнително, државата нема усвоено стратегија за заштита на балканскиот рис која била подготвена пред повеќе години, но за нејзиното спроведување се неопходни финансиски средства кои не се доделуваат. Фактот што државата не одвојува  финансии за нашите заштитени подрачја при што истите се приморани приходите да ги остваруваат со сеча на шумата е алармантно и неприфатливо“, објаснува Чоловиќ Лешоска.

Ана Чоловиќ Лешоска

Според „црвената листа“, балканскиот рис е распространет во западните делови на земјата, по границата со Албанија. Опсегот на распространување му се движи од Шар Планина, на северозапад, па сè до Националниот парк „Галичица“, на југозапад. Живеалиштата се во листопадни и фрагментирани шуми, како и шибјаци. Во летниот период повремено се движи и по високопланинските пасишта. Тој се храни најмногу со срни, поретко со диви зајаци, дивокози, куни и лисици, а понекогаш и со диви свињи.

Леглото на рисот може да има од едно до пет мачиња, во просек од две до три мачиња. Новороденче рис тежи околу 300 грама. На три месеци, мачињата почнуваат да ја следат мајката надвор од дувлото за да јадат месо од нејзиниот улов. На десет месеци, обично околу март или април, мачињата ги оставаат своите мајки и започнуваат независен живот.

„Со самото тоа што популацијата на балканскиот рис се проценува на 32 зрели единки, постои огромна закана за истребување на ова критично загрозено, но харизматично животно. Освен прогласување на заштитени подрачја, потребна е константна едукација на локалното население, но и истражување и мониторинг на балканскиот рис со цел да се утврдат бројноста, трендот, појавата во нови подрачја и да се врши следење со телеметрија. Македонското еколошко друштво има направено извонредни напори и постигнато големи успеси во мониторингот на балканскиот рис. Токму овие напори треба да се поддржат од државата и да се надградат со системска и интегрирана заштита на овој значаен вид“, додаде Чоловиќ Лешоска.

Заканите за рисот се бројни, а вклучуваат криволов, вознемирување од страна на луѓето, изградба на голема инфраструктура и туристички центри, загуба на живеалиштата поради прекумерна и непланска сеча на шумите и фрагментација на истите, како и загуба на пленот на рисот, како последица на горенаведените појави.

Светскиот фонд за природа (WWF Adria) го одбележува светскиот ден на заштита на рисот 11-ти јуни, и ги поканува сите љубители на дивото животно - рис да донираат за негова заштита со симболично „посвојување“ на рисот.

 

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе