Градоначалникот испрати предлог-решение до Владата

Ангов до сопствениците на викендички во Дојран: Дојдете, но седете дома, пандемија е, не е време за туризам

Градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов вели дека дел од медиумите му ја извадиле изјавата од контекст во врска со тоа дека им забранува на сопствениците на викендичките во Дојран да не доаѓаат и испрати апел во овој период на коронавирус сите да бидеме внимателни. Неговата препорака е да се спречи миграцијата на луѓе и да се почитуваат мерките на Владата, бидејќи, како што вели не е време за туризам во време кога се бориме со пандемија.

Во телефонски разговор за МКД.мк градоначалникот појаснува дека им порачува на сопствениците на викендичките дека можат да дојдат во своите домови во Дојран, но да останат тука на подолг период, да седат дома и да ги почитуваат мерките на Владата, бидејќи ова не е период во кој може да се прават прошетки.

„До Владата доставивме предлог-решение со кое им се препорачува на лицата кои според лична карта немаат место на живеење овде и не се жители на Дојран да не доаѓаат во градот. Овој предлог беше донесен со 9-0 гласа од советниците кои беа едногласни и со апсолутно мнозинство кажаа да на ваквиот предлог. Но, иако сите сме согласни, сепак не можеме да им наложиме да не смеат да доаѓаат. Владата е таа која има право на тоа. Штом ја добиеме одлуката од Владата ќе ја известиме јавноста", вели градоначалникот Ангов.

Тој појаснува дека има и такви лица кои ги злоупотребуваат викендичките и им даваат клуч на свои пријатели, роднини кои доаѓаат во градот, па наместо да седат дома како што е препораката на Владата, тие се шетаат како да се туристи во ек на туристичка сезона.

„За време на викендите е хаос. Сега е добро што има полициски час од 16 часот, па фрекфенција на луѓе после тој период нема. Но, луѓето и оние од викендичките, и нашите граѓани, а и сите останати треба да сфатат дека не е време за туризам, туку здравјето ни е на прво место. Треба да се почитуваат препораките на Владата. Зошто тогаш цела недела овие луѓе седат дома, ако за викенд дојдат во Дојран, не ги почитуваат мерките на Владата и се шетаат низ гужвите по патеките. Оние кои се сопственици на викендички би им препорачал да уживаат во нивните домови овде, но да ги почитуваат мерките и да седат дома. Апелирам дека не е време за туризам, туку се бориме со пандемија", појаснува Ангов.

Општината веќе донесе забрана за движење по сите зелени и рекреативни зони и туристички патеки, детските игралиште и спортските терени во Дојран, а со одлука на Владата затворен е и граничниот премин Дојран.

К.Д.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе