Aктивни се уште седум пожари

Во текот на изминатите денови на повеќе места во земјава избувнаа пожари кои уништија огромна површина шума, но и имоти. За жал, се уште има активни пожари кои претставуваат опасност за целата држава. Поради лошата состојба со пожарите во земјава, од Романија пристигнаа авион „Ц-27 Спартан“ и хеликоптер „Канадер Т21“, кои се специјализирани за гаснење пожари.

Според последните вчерашни податоци на ЦУК, на територијата на земјава активни се седум пожари и тоа во малешвскиот регион кај местото викано Бајаз Тепе на потегот од селото Будинарци кон селото Разловци, кај делчевското село Нов Иственик, на потегот од село Криви Дол кон Кадрифаково на граница помеѓу Свети Николе и Штип, на непристапните делови во атарите на селата Дрен и Смолане во Прилепско, близу село Дамјан кај Радовиш, кај велешкото село Џидимирци, во скопското село Градманци и во атарот на селото Жељувино во кумановско Старо Нагоричане.

Раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски најави дека во земјава се очекува да пристигне и авионот „Хекрулес 530“, што е товарен и е прилагоден дополнително за гасење на пожари.

 „Се работи за специјализиран авион, за специјализирана намена кој со себе носи материјално-технички ресурси, носи луѓе, пожарникари и шесттонски кеси наполнети со вода и при летањето на подрачјето кое му се задава како координати за активен пожар тие се хидраулични и во форма на падобран бомба се концентрираат на пожарното дејствие каде практично е изворот на жариштето на пожарот. Тоа се големи авиони, нормално во координација со ВИНГ-от и со Генералштабот“, нагласи Стојановски.

Тој рече дека верува оти со овие материјално-технинчки средства и летала кои навистина се користат за оваа намена, за големи пожари и ќе бидат добредојдени со оглед на временските педиспозиции кои се очекуваат – сончево, топло време и можноста од дополнителен развој на ситуацијата со дополнителни пожари многу ќе придонесе за да можат со нив да се справат.

Владата на синоќешната седница донесе Одлука за дозвола на Дирекцијата за заштита и спасување за употреба и управување, доколку постои потреба, со 50.000 литри течно вештачко гориво керозин, без надомест, од ресурсите на министерствата за одбрана и за внатрешни работи.

 Како што соопшти владината прес-служба, Одлуката е донесена врз основа на анализи и процена на природата и интензитетот на кризната состојба, како и потребата од рационално користење на националните ресурси и сили во нивната континуирана ангажираност во справувањето со последиците и потребата од дополнителни летови во наредниот период, имајќи предвид дека министерствата за одбрана и за внатрешни работи располагаат со доволна количества на керозин.

Од Министерството за внатрешни работи апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар. Неопходна е, како што истакнаа, максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец.

Хелсиншкиот комитет за човекови права бараат Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините, да им пружи неопходна финансиска и психосоцијална поддршка на најзагрозените.

„Државата треба да ги стави на располагање своите сместувачки капацитети, за навремено да се згрижат лицата чии живеалишта се опожарени или кои се во непосредна близина на пожарите. Исто така, исплатата на соодветен надомест за санирање на штетите врз објектите и посевите мора да биде навремена“, нагласија од Хелсиншкиот комитет за човекови права, осврнувајќи се на пожарите кои ја зафатија земјата. Оттаму истакнаа дека она што во моментов е итно и неодложно е заштитата на луѓето кои се најпогодени од огнената стихија.

Во насока на спречување идна и поголема штета, од Комитетот апелираа до надлежните институции да ги засилат контролите во шумите на територијата на целата држава, а лицата, за кои ќе се докаже дека подметнале пожар, да одговараат за своите кривични дела. Оттука, апелираме до Основното јавно обвинителството итно и транспарентно да постапи во случаите каде што веќе има осомничени, потенцираа од Хелсиншкиот комитет.

Сѐ поочигледно е дека наместо Заев да направи чистка и да замети, граѓаните ќе го изметат него и СДСМ.

повеќе

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе