Скопјанка во урбанистички спор со години бара правда

Ако се гради спротивно на препораките на УНЕСКО во Лагадин, мојата куќа ќе падне како кула од карти

Скопјанката Руменка Миовска Кузманоска со години води битка со објект во охридски Лагадин, за кој, како што вели, е издадено решение за градење спротивно на законите. Таа стравува дека објектот што е изграден пред околу 50 години и кој е во сопственост по половина со роднина, нема да издржи рушење само на едната половина и ќе се сруши целосно бидејќи се работи за една градба. Како кула од карти, вели, ќе падне и нејзината половина, на која се потпрени дури и терасите од објектот за да бидат стабилни.

Во време кога постојано се зборува за нужноста за рушење на дивоградбите на охридското крајбрежје, Општина Охрид допрва издаде одобрение за градење со кршење на низа законски одредби. И спротивно на законската обврска да ги спроведува и применува критериумите и мерките содржани во Планот за управување со светското природно и културно наследство, што претставува уште една закана од губење на статусот на УНЕСКО, а во овој случај и закана по човечки животи, посочува Кузманоска.

Таа додава дека со издаденото одобрение за градење на 22 јуни, 2020 на инвеститорот му се дозволува да ја сруши неговата половина од објектот бр.27 во средишниот дел на населбата Лагадин и на тоа место да изгради нов. Тоа, со оглед на конструкцијата и квалитетот на градбата на постојниот објект, неминовно ќе предизвика губење на стабилноста на другата половина, која е нејзина сопственост, факт потврден и со доставеното до Општината, односно со стручно мислење изработено од градежниот факултет во Скопје.

Ова претставува не само кршење на нејзините законски сопственички права, туку и закана за животите на луѓето од нејзиното семејство.

Таа додава дека ако половината од едниот објект се сруши и се пресече, нејзиниот објект без дилеми ќе падне како клацкалка.

„Да биде случајот уште поскандалозен, во целата постапка за издавање на одобрението, со цел да се направи простор за толкување со кое би се образложувало заобиколувањето на законската обврска за спроведување и применување мерките и критериумите содржани во планот кој е донесен на 21 јануари, 2020 година врз основа на Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, а се употребува и се манипулира со антидатиран документ што, се разбира, претставува кривично дело", појаснува Кузмановска.

Со поднесената жалба, Кузмановска вели дека се жали на издавањето на одобрението за изградба, кое е издадено од општина Охрид, и воедно бара негово повлекување.

За таквиот потег таа наведува пет причини, кои ги пренесуваме во целост:

Првата причина е неземањето во вид на низа околности за да може на инвеститорот да му се издаде горенаведеното одобрение. Имено, објектот бр.27 во Лагадин е изграден пред 50-тина години и едната идеална половина објектот е во моја сопственост и на моите деца, а другата идеална половина е во сопственост на Кормушоски. Објектот не е двокуќа, туку во статичка смисла претставува една конструктивна целина со на две нивоа континуирано изведени армирано бетонски плочи и греди преку мојата и неговата половина на објектот, со заеднички покрив, a идеалните половини (на Кормушоски и мојата) се оформени со преграден ѕид од шуплива тула.

Од ова јасно произлегува дека рушењето на едната половина на објектот (половината на Кормушоски) за на тоа место да се изгради нов објект (за чија изградба му е издадено одобрението) претставува драстично нарушување и промена на статиката на конструктивниот систем на објектот со големи реперкусии врз стабилноста и безбедноста на другата, мојата половина на објектот.

Дури и во документите кои ги има обезбедено инвеститорот како поткрепа за овозможување на рушењето на неговата половина на објектот - „Елаборат за техничко решение за рушење на дел од објект и заштита и стабилност на преостанатиот дел од објектот" тех.бр.48/17 изработен од Румен инжинеринг ДООЕЛ од Охрид, како и од стручното мислење за тоа техничко решение, изработено од страна на Градежниот факултет во Скопје, кои ги има обезбедено инвеститорот, јасно се укажува на тоа дека ќе бидат потребни интервенции за зајакнување и обезбедување на стабилноста на мојот дел од објектот кои за мене по вид и обем се апсолутно неприфатливи.

„Како што е наведено и во самиот Елаборат, а што е суштинско во самиот концепт за рушење и зајакнување на делот кој што останува, со рушењето на идеалната симетрична половина на објектот се врши промена на статичкиот систем на конструкцијата на објектот и заради тоа е неопходно зајакнување на конструкцијата на делот од објектот кој што останува. Понатаму, спорно е тоа што во горенаведениот елаборат се вели дека во спроведените анализи на објектот во просторниот математички модел е внесен претпоставен квалитет на вградениот бетон како тој да е со МБ 20, што е далеку од квалитетот на реално вградениот бетон, кој е со квалитет далеку послаб од МБ 20.

Бидејќи не прифаќам никакви градежни интервенции во мојот дел на објектот, сето ова претставува трајна закана по мојот имот и животите на корисниците на мојот дел од објектот. Поради сите овие околности несфатливо е како можеше да се издаде ова одобрение за изградба без прибавена моја согласност и затоа барам тоа веднаш да биде повлечено, односно поништено.

Втората причина е очигледното манипулирање со антидатиран документ во целата постапка на издавањето на одобрението од страна на службениците во Секторот за урбанизам. Имено, од страна на Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште во Општина Охрид со допис бр.20-3860 од 18.02.2020г. ми е доставено Решение на Министерството за транспорт и врски УП.2 бр.35-09/2018 од 31.01.2019 со кое се поништува Одобрението за градење бр. 20-3860 од 31.01.2017г. кое му е издадено на инвеститорот Петар Кормушоски. Меѓутоа, службениците во Секторот го пренебрегнале очигледниот факт дека тоа Решение кое е донесено (како што стои во неговата преамбула) постапувајќи по пресудата на Вишиот управен суд УЖ-1.БР.590/2019 од 12.09.2019г. не може да носи датум 31.01.2019, односно дека де факто е антидатирано. Тоа лесно можело да се воочи уште повеќе што датумот 31 јануари е напишан на рака со пенкало, а годината 2019 е испринтана (очигледно требало да стои вистинскиот датум 31.01.2020г.). И тоа Решение на кое го уважиле датумот 31.01.2019г. ми го препраќаат односно доставуваат на 18.02.2020г. и притоа не забележуваат дека нешто не е во ред со датумите, односно дека ми го доставуваат после повеќе од една година? Сето ова веќе заличува на организиран криминал во кој учествуваат како луѓе од Министерството за транспорт и врски, така и луѓе од секторот за урбанизам и инвеститорот кој, колку што ми е познато, во последните години пред пензионирањето беше вработен во тоа министерство.

Третата причина поради која барам ова одобрение за градење да биде поништено е непочитувањето на критериумите и мерките содржани во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион (2020-2029) со акциски план. Имено, со споменатото издадено одобрение на инвеститорот Кормушоски му се одобрува изградба на објект Пр.+2ката+Пк и со процент на изграденост од близу 70%. Бидејќи објектот, според зонирањето во Планот за управување со Охридскиот регион се наоѓа во заштитната зона III-г, а според наведените забранети активности во заштитната зона III-г (на стр.129 од Планот) не би смеело да му се издаде одобрение за објект со Пр.+2ката+Пк, туку само за објект со Пр.+2ката (без поткровје), ниту со поголем процент на изграденост од 50%.

Во образложението на антидатираното Решение издадено од Министерството за транспорт и врски со кое му се поништува претходно издаденото одобрение за градење, (кое е донесено по моето поднесување на жалба до Вишиот управен суд и неговата пресуда во моја полза), меѓу другото се вели дека инвеститорот во поднесената документација со која порано побарал и добил одобрение за градба нема приложено архитектонско-урбанистички проект. За да можел инвеститорот повторно да поднесе барање за одобрение за градење по што сега повторно му е издадено одобрението, морал да го изработи тој архитектонско-урбанистички проект.

Видлива е тенденцијата барањето за издавање на ова одобрение да се третира како старо, со толкување дека не може ретроактивно да се применуваат критериумите и мерките содржани во Планот за управување со светското природно и културно наследство. Инвеститорот архитектонско-урбанистички проект можел да поднесе само после донесувањето на тоа антидатирано Решение или, поточно, по 18.2.2020 г. (датумот на кој ни беше препратено тоа антидатирано Решение) со целосно почитување на критериумите и мерките содржани во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион (2020-2029) донесен на 21.01.2020г. Согласно Планот не може после 21.01.2020г. да се бара и потоа да се издава одобрение за градење на објект со Пр.+2ката+Пк и со процент на изграденост од близу 70%, туку само за објект со Пр.+2ката (без поткровје), и со процент на изграденост не поголем од 50%. Несфатлива е дрскоста на вработените од

Секторот за урбанизам да не ги почитуваат законските обврски по донесувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион (2020-2029) донесен од страна на Владата на 21.01.2020г. Во прилог на оваа Жалба ви го доставувам Мислењето кое го прибавив од Министерство за културa на Република Северна Македонија на 03.07.2020г. за задолжително спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион (2020-2029) и применување на мерките содржани во него од страна на Општина Охрид.

Четвртата причина, со општиот акт за Лагадин коефициентот на искористеност е ограничен на 2. Тоа значи, дека за објектот за кој е дадено одобрение за градба, на градежна парцела со 70 % изграденост и 4 нивоа, коефициентот на искористеност е поголем од дозволениот. Тоа значи и дека издавањето на одобрение за градење на објектот се коси и со важечката урбанистичко-планска документација за населба Лагадин.

Петтата причина: очигледна ми е тенденциозноста по секоја цена на инвеститорот да му се овозможи да добие правосилност на одобрението за градење од една страна и тенденциозноста во постапките што значат отежнување и оневозможување на мојата комуникација со Секторот за урбанизам со цел да можам да ги остварам моите законски права. Особено во начинот на известувањата кои до сега јас и моите деца требаше да ги добиваме за издавањето на гореспоменатото одобрение за градење. Спротивно на закон, до денешен ден ниту јас, ниту моите две деца не добивме никакво известување за издавањето на ова одобрение. Од добронамерни пријатели кон крајот на јуни бев информирана дека одобрението за градба на инвеститорот Кормушоски му е издадено на 22.6.2020г.,одобрение Уп1 бр.20-3860 (за што поседувам доказ) за да можам благовремено да ја поднесам Жалбата на 6.7.2020г. (согласно чл. 62а точки 1 и 2 од Законот за градење) на која до денешен ден, (спротивно на Законот) немам добиено никаков одговор.

Повторно сега, кон крајот на август, повторно од страна на добронамерни пријатели ми беше сигнализирано дека на веб-страницата на Општина Охрид на 27.08.2020 објавен е „Службен гласник" бр.9 во кој е содржана јавна објава со која Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште на Општина Охрид, објавува дека по барањето на инвеститорот Петар Кормушоски, ул. Кленоец бр.15А Скопје, му се одобрува изградба на А1 Домување во станбени куќи од Втора категорија, во Лагадин општина Охрид со катност Пр+2ката+Пк на КП бр.2681 КОЕлшани и се повикуваме јас и моите деца да извршиме увид во Предметот. Но, во оваа јавна објава не е објавен датумот кога на инвеститорот тоа одобрение му е издадено ниту бројот на тоа одобрение. (А, како што наведов, веќе ми е познато дека му е издадено на 22.6.2020г.)
Ако според словото на Законот имам право да поднесам Жалба 15 дена по издавањето на одобрението за градење (а Жалбата што ја поднесов на 6.7.2020г. е поднесена во тој рок) и ако таа Жалба е уважена, зошто во законскиот рок не ми е доставен одговор, или пак, ако е отфрлена зошто тогаш веќе не му е издадено на инвеститорот решение за правосилност на одобрението по што би било беспредметно во „Службениот гласник" бр.9, по повеќе од два месеца по издавањето на одобрението, да се објавува оваа јавна објава. Оваа Жалба сега ја поднесувам во рокот од 15 дена по објавувањето на оваа јавна објава и очекувам да ми биде уважена и на неа во законскиот рок да го добијам одговорот на неа. Во секој случај барам наводите во оваа Жалба да бидат земени во вид од страна на Градоначалникот и Секторот за урбанизам во Општина Охрид како и во Министерството за транспорт и врски при одлучувањето за овој предмет.

Кузманоска вели дека со овој процес за кој таа води битка со години ќе ги извести надлежните институции, односно министерот за транспорт и врски, градоначалникот на Општина Охрид, министерката за култура, министерот за животна средина и просторно планирање, амбасадорот на ЕУ во земјата, државната комисија за спречување на корупција, вицепремиерот Љупчо Николовски, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Канцеларијата на УНЕСКО и Народниот правобранител.

К.Д.

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе