Глобален настан за проблемите за време на пандемијата и потоа

АИЕСЕК: Младите од Македонија ќе имаат можност да разговараат со врсниците од 100 држави

Преку платформата ЗУМ, со учество на млади од околу сто држави, меѓу кои и од Македонија, младинската организација АИЕСЕК (AIESEC) на 21 и 22 мај ќе организира дебата преку која младите од речиси целиот свет ќе ги дефинираат проблемите со кои се соочуваат, меѓу другото секако и од аспект на нивното образование и работа во услови на пандемија со ковид-19. Овој проект е широко поддржан, меѓу другите и од гигантите ДХЛ, Мајкрософт и Нокиа.

Овој глобален настан, како што информира организацијата на АИЕСЕК од Македонија, е можност и младите од нашата земја да ги искажат своите ставови како да се унапреди нивниот живот и да се превенираат последиците од здравствената и економска криза. Учеството е бесплатно, а може уште отсега да се обезбеди со пријавување на YouthSpeak Forum.

АИЕСЕК информира дека станува збор за проект на глобално ниво со огромна поддршка од приватниот и невладиниот сектор, а за нивото говорат склучените партнерства со бројни меѓународни корпорации, меѓу кои и со гигантите ДХЛ, Мајкрософт и Нокиа, кои ја искажуваат вербата во младите како движечка општествена и економска сила. АИЕСЕК активно ги вклучува младите во проекти кои се базирани на Целите за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година, а овој проект е токму дел од таа програма.

Младината ќе има можност во рамки на проектот да го крене својот глас за обезбедување платформа за едукација за модерните проблеми и на глобално и на локално ниво, за соработка со истомислечки компании и организации, кои се залагаат за општествен развој и соодветно вклучување на младите во дискусиите и начините за решавање на проблемите. Крајната цел е секако подобра иднина за младите и нивно ангажирање во процесите, а високостручните млади да бидат главниот двигател на општествените промени.

Овој Форум на младината (YouthSpeak Forum) исто така овозможува проширување на мрежата на контакти со влијателни претставници од приватниот и невладиниот сектор во насока на активно ангажирање и креирање нови можности и за младите во Македонија.

Инаку, АИЕСЕК е најголемата младинска организација во светот која има за цел поттикнување на развој во општеството и квалитетот на живот во целина со учество на младите преку добивање на можности да ги истражат и развиваат своите лидерски способности. Организацијата има претставништва во повеќе од 114 земји и територии, а работи на активирање на лидерството кај младите од 1948 година. До сега над еден милион млади луѓе поминале низ организаацијата АИЕСЕК, а голем број од нив станале активни учесници во општествениот живот на своите земји.

Критики за тоа дека треба да се слушаат критики од членови, зошто е разрешен Стојко Пауновски, зошто Максим Димитриевски не е член на Централен одбор, беа искажани на последниот конгрес на СДСМ кој се одржа во неделата.

повеќе

Владите ширум светот имаат тенденција да ги следат своите национални интереси, наместо да следат глобално координиран пристап.

повеќе

СКСМ - комора на иднината, САП системите - иднина на македонскиот бизнис.

повеќе