„Ова е посебно чувство на задоволство и гордост што го дочекавме 50-то издание. Се надевам дека ќе продолжиме и понатаму и да дочекаме трицифрени бројки“, изјави за МИА, главниот и одговорен уредник Никола Ѓурѓај.
Во овој јубилеен број, покрај другото, во целост е пренесено интервјуто на Ѓурѓај, како претседател на истоименото друштво, дадено за МИА, како и кампањата на друштвото и огранокот за Голо Брдо под мотото „Горе главата- изјасни се дека си Македонец”, пред претстојниот попис во Албанија што ќе се спроведе во октомври.
Посебни прилози има за проф. д-р Вита Блаже Која, Македонка од Голо Брдо – борец за правата на Македонците во Албанија, за Кристо Темелко, поборник за македонскиот јазик во Албанија, за веб-страницата со дигитални изданија на делата на Блаже Конески подготвена од Македонска академија на науките и уметностите, како и други содржини.
На 1 март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број од весникот како гласило на македонското друштво „Илинден” – Тирана.
„Изминативе години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот. Весникот дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија“, истакна Ѓурѓај.
Покрај испечатените 50 изданија, почнувајќи од март 2017 година издадено е и електронско издание на весникот, а од од септември истата година весникот е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија.