24-часовно дежурство на сите надлежни екипи од можни нови пожари

Противпожарните екипи, заедно со полицијата и армијата, вработените во Македонски шуми, специјалните тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и на Центарот за управување со кризи продолжуваат да ги применуваат мерките на претпазливост за спречување на пожарите поради топлотниот бран што го зафати регионот. Пожарите кои последниве два дена избувнаа во Македонија се ставени под контрола, информираа синоќа од Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Во гаснењето на пожарот, кој зафати околу 50 хектари високо стеблеста букова и дабова шума, учествуваа околу 100 пожарникари од Берово, но и од Виница, Кочани, Радовиш, Струмица и од други градови, како и специјални тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, на Центарот за управување со кризи, полиција, гранична полиција и вработени во „Македонски шуми“.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов информира дека поголем дел од високите дрвја од буковите и дабовите дрва преживуваат и не се оштетени. Според него, најголем проблем е тоа што на некои места огнот се распалува и потоа повторно доаѓа до негово ширење, а високите температури прават дополнителни проблеми.

По појавата на пожар на овој предел, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) го активира авионот Ер трактор за гасење на шумски пожар, но тој бил повлечен по 12 часот поради драстичното покачување на температурите.

Вчера рано утрината, со дејство започна и еден полициски хеликоптер, при што се успеало во раните утрински часови да се совлада првиот огнен удар и да се воспостави делумна контрола.

На терен излегоа ДЗС со 30 луѓе и со четири возила, ТППЕ-Берово – шест луѓе и две возила, ТППЕ-Делчево – четири луѓе со едно возило. Доброволно ПП Д Кочани со пет луѓе и со едно возило, ШС Малешево од Берово со 22 луѓе со три возила, ШС Равна река од Пехчево со осум луѓе и две возила, ШС од Радовиш со пет луѓе и едно возило, ШС Виница со пет луѓе и едно возило, ЈПКР Услуга со 10 луѓе и две возила и од населението – 15 луѓе.

Ангелов вчера потенцира дека штетата од овој пожар од ниту еден аспект не може да се спореди со штетата од минатогодишниот пожар и испрати апел до граѓаните да бидат исклучително внимателни.

За пожарот кој се појави помеѓу делчевските села Разловци и Тработивиште вчера од општината, повикувајќи се на информации од РЦУК, информираа дека истиот е изгаснат, односно дека екипи на шумското стопанство „Голак“ Делчево вршат обиколка на опожареното подрачје, со цел спречување негово повторно избувнување.

Проценките на Регионалниот центар за управување со кризи се дека е зафатена површина од 40 хектари претежно сува трева, дабова и борова шума, а од Општината најавија дека дополнително ќе се изврши проценка на опожареното подрачје.

Во акцијата за гасење на пожарот вклучени биле над 30 лица, меѓу кои месно население, вработени во ТППЕ Делчево и Шумското стопанство „Голак”, еден пожарникар од Доброволното противпожарно друштво, полициски службеници како и припадници на граничната полиција „Исток“.

Во делчевската општина вчера во попладневните часови избувна пожар кај селото Очипала.

Пожар имаше и на падините на Плачковица, во атарот на виничкото село Блатец, но по интервенција на пожарникарите од Територијалните противпожарни единици од Кочани и Виница тој беше изгаснат во доцните попладневни часови.

Огнот зафати дел од дабовата шума и нискостеблести растенија на околу 15 хектари, а пожарникарите навреме спречија да се прошири кон овоштарници и помошни објекти во близина. Како превентива од повторно разгорување на пожарот, во текот на вечерта и ноќните часови на терен дежураше екипа од пожарникари со едно интервентно возило.

Лани од почетокот на август територијата на државата ја зафатија околу 106 пожари од кои најлош беше оној во Малешевијата кај Берово, Пехчево и Делчево. Критично беше и во кумановскиот и прилепскиот регион, но и во селото Побожје. На терен заедно со нашите, интервенираа и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија, Романија, Црна Гора и Франција.

Во државата уште на почетокот на август поради пожарите беше прогласена кризна состојба. Тогаш, според надлежните, дел од пожарите беа подметнати или предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа повикуваа на посериозна одговорност.

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе