Различни толкувања за препораките на Венециската комисија за Законот за јазиците

Изминативе денови владините партнери СДСМ и ДУИ излегоа со различно толкување за препораките на Венециската комисија за Законот за јазиците, иако официјалниот извештај на Комисијата дури денеска треба целосно да биде достапен.

Премиерот Зоран Заев најави дека власта ќе ги испочитува укажувањата на Венециската комисија за Законот за употребата на јазиците. Ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите кои работат, на прецизен начин како што тоа Венецијанската комисија го укажува и потоа ќе се прати во Парламентот за негово донесување. Но, како што изјави вчера премиерот „нема да дозволимe да бидеме наивни никој од нас да отвораме повторно некои работи кои би можеле да не поделат".

„Секогаш сме биле конзистетни на изјавите и она што сакам уште еднаш да го реафирмирам во јавноста е дека многу убави работи се случија во последните две и пол години со кои што нашиот народ, сите етнички заедници, различни религиозни групи и секако различни културолошки наследства и сличности, успеа да се обедини во концептот на „Едно општество за сите". Од сите тие работи овој Закон беше едната работа која не обедини. Секако, како што рековме и претходно и така понатаму ние дадовме заеднички писма и дописи до Венециската комисија, Владата носеше одлуки, Парламентот го усвои претходно законот“, додаде премиерот Заев.

И вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска го повтори ставот дека мислењето на Венециската комисија ќе се почитува. Таа вели дека ќе го почекаат официјалниот извештај на Комисијата, ќе го анализираат мислењето, па ќе излезат со заеднички став.

По долгите дискусии за Законот за јазици ние, како што рече Шекеринска, излеговме со текст зад кој застанавме и добивме сериозно мнозинство и во Собранието, кажавме дека имаме и одредени дилеми и за тие дилеми, но и за целиот Закон, самата Влада побара мислење од Венециската комисија.

Вицепремиерот Бујар Османи пак смета дека секое поместување еднострано на балансот во македонско – албанските односи кои се постигнати со многу труд ќе отвори магичен круг и спирала која ќе не помести од патот кој што сме тргнале.

Објаснувајќи што значи еднонасочно поместување, рече дека кој било обид, на пример дали македонските уставни судии да ги надгласуваат албанските уставни судии, дали Министерството за правда без согласност од целата Влада, дали Собранието без согласност и на претставниците на етничките заедници, дали кој било друг во државата ако се обиде на најсензитивното прашање да пристапи еднонасочно, буквално, како што рече, ја урива оската на која се држи балансот на македонско-албанските односи во државата.

Коментирајќи ги одлуките на Венециската комисија, Османи посочи „колку што ни е важен јазикот, толку ни е важна и правната држава".

„Го споделуваме ставот дека не смее ниту еден предмет да биде жртва на неизградени капацитети. Фокусот треба да ни биде во забрзана изградба на капацитети и во судството, и во администарцијата, притоа да најдеме начин како ниту еден предмет, од кој и да е тип, да не биде жртва на неизградени капацитети во судство. По однос на банкнотите ќе треба повторно да седнеме инклузивно и да видиме како да се спроведе овој заклучок на Венециската комисија, рече Османи.

Според него, сите забелешки на Венециската комисија треба да се имплементираат во акциските планови и во создавањето капацитети.

Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е против унапредување на правата на граѓаните во Македонија, но тоа да биде согласно Уставот и законите.

„Тоа го бараше ВМРО. Да се седне да се разговара и да се направи функционален закон за употреба на јазиците во Република Македонија. Да се направи законски текст којшто ќе биде согласно Устав, закони, функционалност и сето тоа да се однесе на оценка на Венецијанската комисија, за да не се доведеме во ситуација како што државата е доведена сега, рече Стоилковски.

Венециската комисија во мислење усвоено пред неколку дена ги повикува властите на Северна Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Според соопштението, издадено по состанокот во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венециската комисија ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците. Оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венециската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележува дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Законот за употреба на јазиците беше донесен во јануари годинава. Собранието го гласаше по втор пат, откако претходната година претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот.

Ама бидејќи капиталисти со ситни души ја владеат земјава јас и ти ќе плаќаме, коментираат бизнисмените.

повеќе

Овозможувањето континуитет на стопанството треба да биде на прво место во агендата на Владата, бидејќи закрепнувањето на економијата ќе дојде токму од приватниот сектор.

повеќе

Светот првично се соочи со кризата предизвикана од коронавирусот на некоординиран начин, при што огромен број држави едноставно ги игнорираа предупредувањата и настапуваа самостојно.

повеќе