Светски ден на човекови права

Растечка нетолеранција и напади врз основните права на луѓето

Денеска се одбележуваат 71 година од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Обединетите нации, но сѐ уште човековите права се „под закана“ од нецелосно нивно почитување.

Од 1948-та година па навака човековите права во светот формално се загарантирани со Универзална декларација која впрочем е водич за минимум стандардите кои треба да бидат задоволени за човештвото да може да се пофали дека основните права на секој поединец се загарантирани и испочитувани, но и дека зад истите „застануваат" силни институции кои реагираат доколку се прекршени.
Речиси секојдневно се посочува дека целите за одржлив развој се поддржани од сите светски лидери, а впрочем развојот не би бил издржан без комплетно почитување на човековите права.
За жал, во пракса медиумите и извештаите на надлежните се преполни со вести за елементарно нарушување, на сите овие убаво срочени во документите и повелбите, права на кои почива човековото достоинство.


„Младите во одбрана на човековите права" е годинешната тема
„Новите генерации мора да ја продолжат оваа борба, затоа што опасноста од уназадување и ускратување на основните права, за жал, сѐ уште е присутна во сите делови на светот." – велат од Хелсиншински комитет по повод денешниот светки ден на заштита на човековите права.
Во таа насока, оттаму денеска ги повторија апелите за темелни промени во образовниот систем кои ќе ги оспособат младите за критичко мислење, ненасилно решавање на конфликти и справување со предизвиците во секојдневието.
„Повикуваме и на поголема вклученост на младите во носењето на политичките одлуки. Со оглед на растечкото насилство помеѓу младите и врсничкото малтретирање, ги повикуваме институциите, родителите и сите општествени чинители итно да се заложат за решавање на овој проблем кој носи далекусежни последици", потенцираат од Хелсиншки.
Целта на годинешната кампања е фокусот да се стави на улогата на младите во колективните движења како извор на инспирација за подобра иднина. Со таа цел, и ООН подготви кампања наменета за охрабрување на младите да застанат во одбрана на човековите права и да се спротивстават на говорот на омраза, врсничкото насилство и дискриминацијата, но и да го кренат гласот за поголема активност на светско ниво околу климатските промени.

Во ЕУ расте нетолеранцијата и нападите врз основните права на луѓето

Во официјалниот Извештај за 2018-та година на Агенцијата за фундамендални човекови права при ЕУ, меѓу другото, се наведуваат и низа недостатоци при заштитата на човековите права во земјите од Унијата.
„Многу луѓе во ЕУ ризикуваат да заостанат, бидејќи растечката нетолеранција и нападите врз основните права на луѓето продолжуваат да го нарушуваат значителниот напредок постигнат до денес“, се вели во Извештајот.
Алармите за фундаменталните права одѕвонуваат низ цела ЕУ со растот на нееднаквостите, вознемирувањето и предрасудите. Потребни ни се цврсти одговори за тоа како сите имаме бенефит од правата и да се понудат одговори на нееднаквостите кои не држат назад од фер и праведно општество каде што секој може да напредува" вели директорот на Агенцијата Мајкл О Флаерти.
Расната дискриминација и вознемирувањето остануваат вообичаени низ Европската Унија пред се поради бојата на кожа, религиозните чувства или етничката припадност на поединците, открива истражувањето. На пример, еден од 5 црнци и речиси 3 од 10 Евреи биле вознемирувани.
Кога станува збор за правата на децата иако ситуацијата со детската сиромаштија во ЕУ е подобрена, сеуште едно од 4 деца се под ризик од сиромаштија. Ова значи дека во еден од најбогатите региони во светот, постојат деца кои што си легнуваат гладни и кои живеат во сиромашни услови, додека нивното здравје и едукација страдаат.
Децата од етничките малцинства продолжуваат да бидат маргинализирани. На пример, 15% од децата Роми се соочуваат со сегрегирано образование.


Во 2018-та година 77 претставки за заштита од дискриминација по различни основи


Во земјавата состојбите со нарушувањето на човековите права и превземање соодветни мерки ги следи Народниот правобранител.
Во извештајниот период за 2018 година објавен во март годинава поднесени се 77 претставки за заштита од дискриминација по различни основи, што претставува благ пораст во однос на 2017 година. Притоа, најзастапени се предметите за заштита од дискриминација во работен однос и дискриминација по основ на политичка припадност, потоа, дискриминација по етничка основа, како и барањата за заштита од вознемирување (мобинг) на работното место.
Во истиот извештај на Народниот правобранител беше констатирано законите не соодвествуваат со Законот за спречување и заштита од дискриминација, особено во заштитните основи.
Во март годинава Собранието ги изгласа измените на Законот за спречување и заштита од дискриминација со кое се забранува секоја форма на дискриминација, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права.
Наспроти одбележувањето на Светскиот ден за заштита на човековите права кој несомнено, на национално и меѓународно ниво, ќе се одбележи со низа активности и кампањи, останува времето да покаже колку и како кај нас ќе се реализира имплеметацијата на законските одредби, со постојано потсетување дека граѓанските, политичките, културните, економските и социјалните права се нераскинлив дел од човекот како индивидуа.

                                                                                                                           Х.С.

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе